Профилот на сторителот на семејно насилство би бил - македонски маж со средно образование, на возраст од 31 до 40 година, кој живее во град. Сличен профил би имала и жртвата, со тоа што жртвата може да има средно или високо образование. Најчесто правдата на суд ја бараат жртви на семејно насилство кои живеат во урбана средина (околу 80 отсто), другиот дел живеат во рурална средина. Ова се податоците добиени од следење предмети кои завршиле на суд.
Скоро половина од жртвите на семејно насилство (46 отсто), кои се согласиле да биде гонет сторителот подоцна се откажале од тоа. Во 40 проценти од случаите предметите завршиле со признание на вина на сторителот. Повеќето предмети, или 70 отсто се завршени во рок од 6 месеци, 15 проценти траеле повеќе од 6 месеци, 14 проценти повеќе од една година, а има и еден предмет кој траел 3 години и 1 ден.
Најголем дел од казните што ги добиваат сторителите се условни. Третина од рочиштата се одложуваат поради неуредно повикани странки, исто толкав процент се одложуваат и поради тоа што не дошол сторителот или обвинителот. Ова се само дел од податоците добиени со анализата „Евалуација на стандардите за фер судење и пристап до правдата во судски предмети за семејно насилство и криминал од омраза“ на Коалицијата „Сите за правично судење“.
„Шеесет и четири проценти од случаите завршиле со условна казна, 25 со ефективна казна затвор, 11 проценти завршиле со одбивање на случајот, а нема ниту еден случај во кој има ослободителна пресуда. Ваквата ситуација укажува практично на многу поблага казнена политика отколку просечната казнена политика за оние обични кривични предмети “, вели Дарко Аврамовски, правен експерт во Коалицијата „Сите за правично судење“.
Видете и ова: „Остани дома“ не е безбедно за ситеЖртвите ослободени од трошоци во судската постапка
Но се уште е мал бројот на пријави на семејно насилство, само околу 15 отсто од случаите се пријавуваат, вели министерката за труд и социјала Јагода Шахпаска. Таа вели дека многу од предизвиците ќе бидат надминати со новиот Закон за постапување со жртвите на семејно и родово базирано насилство, кој е пред усвојување во Собранието. Со предлог –законот се предвидува и интервенција во судството за да се носат итни решенија, а жртвите на насилство ќе бидат ослободени од трошоци во судската постапка. Жртвите ќе може и да ги тужат институциите доколку тие не постапиле со должно внимание кон нивниот случај.
„За нас како Министерство и за Владата приоритет е да има брза, ефикасна постапка за заштита на жртвите, за нивна реинтеграција на системот, како и да се обезбеди превенција во насока на намалување на насилството“, вели министерката.
Истражувањето на Коалицијата сите за правично судење е правено од февруари до ноември 2020, а биле мониторирани 81 предмет во основните судови во земјата. Дополнително се анализирале и 60 правосилно завршени судски предмети од таа област евидентирани во Основен суд Скопје. Во мониторираните случаи најзастапено дело е телесна повреда, па една од препораките е да се предвидат измени во Кривичниот законик со кои ќе може да се гони сторителот по службена должност, оти многу често жртвите ги повлекуваат своите предлози за гонење, па постапките запираат.
Од судовите најголем дел од случаите на семејно насилство (околу 60 отсто) се во Основниот суд во Скопје, потоа следуваат судовите и во Куманово и Штип, а во судовите во Битола, Гостивар, Охрид и Прилеп има по едноцифрен број на предмети. Основниот суд Битола, иако е второрангиран по обемот на кривични предмети по кои постапува, има непропорционално помалку предмети од областа на семејното насилство. Во судот во Тетово, пак, втора година по ред не се регистрирани активни случаи поврзани со семејно насилство.
Судиите велат дека се досудуваат условни казни, оти сторителите треба да се ресоцијализираат и да им се понуди лекување или надзор. Обвинителите велат дека се пренатрупани со случаи, а кога ќе им се додели случај за семејно насилство го проследуваат рутински, оти за вакви случаи е потребно време и поддршка на стручен кадар на обвинителството.
Потребна е и поголема едукација на полицијата, од причина што се уште се евидентираат случаи на непостапување или несоодветно постапување од страна на полициски службеници при случаи на пријави на семејно насилство, од едноставна причина што истите се убедени дека станува збор за приватна работа помеѓу сторителот и жртвата. Минатата година имаше случај во Гостивар кога семејното насилство заврши во убиство на жена, оти полицаецот не постапил веднаш кога добил пријава за насилството. Од јануари до септември 2020 според податоците на МВР има шест случаи на фемициди (убиство на жена само затоа што е жена), сите при семејно насилство.
Во земјава има 11 специјализирани сервиси за жртви на семејно насилство, од кои 2 се кризни центри. Во специјализираните сервиси една жртва може да престојува максимално до 1 година, а во кризните центри до 72 часа. Има осум советувалишта за жртви, едно советувалиште за сторители, еден центар за жртви на трговија со луѓе и жртви на сексуално насилство, исто со максимален престој до една година. Како посебен проблем е посочено тоа што откако ќе заврши периодот во кој жртвите престојуваат во шелтер центрите тие повторно се враќаат и живеат со насилникот. Со новиот предлог закон ќе се работи на тоа жртвите да добијат помош при вработување или да се стекнат со образование или обуки.
Невладините кои се занимаваат со семејното насилство велат дека нa жртвите освен социјална поддршка, многу им е потребна и психолошка, оти само на тој начин може да се зголеми бројот на оние кои пријавуваат насилство.
„Оној број на сива бројка на непријавени случаи ќе ја издигнеме само преку нивно психолошко јакнење, а потоа преку сите оние активни програми и мерки за нивно полесно пријавување, доусовршување и поголема конкурентност на пазарот на труд, а се во насока на нивно осамостојување и враќање во општеството “, вели Ана Аврамоска - Нушкова од организацијата Глас против насилство, дел од Националната мрежа против насилство врз жени и семејни насилство.