Семејна фирма на вработени во РЕК Битола со години добива тендери

РЕК Битола

Фирмата Компакт МСФ досега инкасирала околу 1,9 милиони евра


РЕК Битола за своите потреби врши набавки од најразлични фирми, но една фирма со која државното претпријатие соработува во изминатите години се издвојува од сите останати. Компакт МСФ е фирма за производство, трговија на големо и мало и услуги која за време на своето долгогодишно работење, па се до денес тендери добива само од РЕК Битола. Сопственичката на фирмата и нејзиниот сопруг се вработени во рударско-енергетскиот комбинат. Фирмата благодарение на добиените тендери од РЕК Битола досега инкасирала околу 1 милион и 900 илјади евра.

Која е Компакт МСФ?

Компакт МСФ е формирана во јуни, 2009 година во Битола. Нејзин сопственик, според податоците на Централниот регистар, е Летка Фидановска. Седиштето на фирмата и адресата на Фидановска се на истo место, на улица Цветан Димов бр.181, каде се наоѓа куќа на два ката без никаков траг од Компакт МСФ. Сопруг на Летка Фидановска е Менде Фидановски, кој е претседател на синдикалната организација на РЕК Битола.

Името на Компакт МСФ во првите неколку години од основањето воопшто не е активно во трката за тендери. За прв пат фирмата добива тенедер на РЕК Битола во февруари 2013 година. Од тогаш до денес од вкупно 85 тендери, само еден не е поврзан со РЕК Битола. Последните неколку тендери за кои е склучен договор овој месец се однесуваат на набавка на осветление и прибор, како и на кабли и носачи на кабли и ревитализација за електрични машини.

На сите договори со РЕК Битола како директор на фирмата до март 2020 година е потпишана Летка Фидановска. Од изминатата година таа фигурира само како сопственик на фирмата, а директор станува Мартин Фидановски, кој има адреса на живеење, улица Цветан Димов бр.181, иста како и на седиштето на фирмата со која раководи.

Седиште на фирмата Компакт МСФ во Битола на улица Цветан Димов бр.181- Битола. Извор Google street view.


Фидановска во моментов работи во РЕК Битола, а нејзината фирма продолжува и понатаму да добива тендери. Фирмата добива тендери и покрај тоа што нејзиниот сопруг Менде Фидановски станува лидер на синдикалната организација на РЕК Битола во 2018 година. Токму во изминатите три години Компакт МСФ има и најплодна соработка со рударско-енергетскиот комбинат, ако се суди според бројката на добиени тендери.

Конфликт на интереси?

Откако Фидановски е првиот човек во борбата за унапредување на првата на работниците во РЕК Битола, фирмата на неговата сопруга добила 43 тендери. Нивната вкупна вредност е околу 1 милион и двеста илјади евра. Претходно од 37 тендери во рок од пет години Компакт МСФ наплатила пониска сума од околу 650 илјади евра.

Фидановски вели дека фирмата која постои од 2009 година во текот на целото свое работење соработува со десетици приватни и јавни претпријатија од целата држава и странство и секогаш квалитетно и навремено ги извршува договорните обврски.

„Мојата работна позиција во РЕК Битола никогаш немала никакви допирни точки со јавните набавки. Моја целосна преокупација овие три години е унапредување на условите за работа на синдикалните членови и ценам дека со сите преземени активности, Синдикатот на РЕК Битола ја оправдува довербата на работниците“, вели Фидановски на прашањето дали поради неговата позиција во РЕК Битола фирмата има повластена положба во добивањето на тендерите.

Менде Фидановски

Но, Компакт МСФ не добива тендери од голем број на компании, како што покажува документацијата. За време на целото нејзино постоење фирмата досега скучила еден тендер во 2014 со психијатриската болница Демир Хисар за набавка на метални шкафови во вредност од 500 евра. Додека пак името на фирмата е запишано и на четири тендери на ФОД ДООЕЛ - Новаци, АД ЕСМ Скопје која всушност заедно со РЕК Битола е дел од семејството на АД Електрани на Северна Македонија. Тендерите се во вредност од околу 44 илјади евра. Сите останати милион и стотици илјади евра за целокупното нејзино работење Компакт МСФ ги наплатила преку РЕК Битола.

Од РЕК Битола велат дека ниту една фирма која учествува на оглас за јавна набавка во РЕК Битола изминатите три години немала повластена положба. Јавните набавки, како што наведуваат, се спроведуваат согласно Законот за јавни набавки и во нивната реализација учествуваат повеќе сектори и одговорни лица, при што самата набавка поминува низ повеќе фази.

„Доколку понудата ги задоволува бараните критериуми, не може и не смее да биде отфрлена или одбиена како неприфатлива, од било какви причини“, велат од РЕК Битола.

Видете и ова: Сомнежи за „изнуда и фалсификат“ во случајот РЕК Битола

Во текот на годината, како што посочуваат оттаму, распишуваат и по четиристотини јавни набавки на кои право на учество имаат сите економски оператори кои ги ги исполнуваат условите од тендерската документација. Од рударско енергетскиот комбинат додаваат и дека брачниот пар Фидановски се на работни позиции кои не се поврзани со јавни набавки.

„Во Законот за јавни набавки изричито е нагласено секоја секоја јавна набавка мора да биде транспарентна и достапна за сите заинтересирани оператори, односно не е изричито наведено кој може, а кој не да учествува во постапката. Судир на интереси при реализацијата на било која јавна набавка би постоел тогаш кога лице од економскиот оператор учествува во изработка на тендерската докуметација како член на комисија или како член на техничката комисија и на било кој начин влијае или би можело да влијае во изборот на најповолната понуда. Посочените лица се на работни позиции кои се апсолутно неповрзани со јавни набавки, a споменатата фирма учествувала и добивала јавни набавки во РЕК Битола, во континуитет, од 2010 година до денес“ велат од рударско енергетскиот комбинат.

И Фидановски тврди дека нема конфликт на интереси.

„Ниту јас, ниту член од моето семејство, не може на било кој начин да влијае врз јавна набавка, не само во РЕК Битола, туку во било кое друго претпртијатие. Јавните набавки се отворени и достапни за сите правни лица кои ги исполнуваат критериумите предвидени во огласот“, порачува тој.

Кога телефонски ја побаравме Летка Фидановска таа само кратко рече дека не сака да даде изјава. На испратените прашања на официјалниот мејл на фирмата не добивме одговор. Неодговорено остана и прашањето зошто Компакт МСФ учествува најчесто само на тендери на РЕК Битола.

Спорен синдикален лидер?

Откако во 2017 година мандатот на синдикалната организација на РЕК Битола завршува бидејќи биле распуштени сите извршни одобри, Јасмина Димовска, вработена во комбинатот со како што вели собрани 2500 потписи станува претседател на новоформираниот синдикат. Во декември 2017 година во Централниот регистар е извршен уписот на синдикалната организација, а како овластено лице е наведена Димовска, според документацијата која таа ни ја достави. Но, како што вели ќе биде сменета по неколку месеци на каубојски начин, бидејќи додека е на приватно патување надвор од земјата Менде Фидановски ќе се прогласи за претседател.

„Во 2018 година одам во Швајцарија и на тогашниот директор на РЕК, Битола Васко Ковачевски му текнува како да е на татко му фирмата да ме смени со Менде Фидановски за да му оди бизнисот затоа што има многу пари на синдикалната сметка“, вели Димовска.

Таа додава дека фунцијата синдикален лидер носи и дополнителни двеста евра плата. Во моментов се води и судски процес, како што вели Димовска за узурпирање на синдикатот.

„Во моментот кога станав Претседател на Синдикатот на РЕК Битола, процедурата за негово формирање беше веќе завршена. За Ваша и за информација на јавноста, претходниот синдикат се самораспушти, заради што беспредметно е обвинувањето дека се случил некаков упад“, посочува Фидановски.

Од ВМРО-ДПМНЕ пред неколку дена обвинија дека со доаѓањето на власт на СДСМ и на ДУИ во 2017 година со упад во синдикалното организирање се формира новиот синдикат чиј претседател е Фидановски, а бизнисот на неговата приватна семејна компанија Компакт МСФ, како што порачаа од опозициската партија, процветува.