Семенпеева: ЛИТЕРА ќе постои со или без државна или градска поддршка!

Софија Семенпеева Трајановска - идеен творец и двигател на Фестивалот на литература за деца и илустрации ЛИТЕРА

Се откажуваме зашто со сумата покажуваат непочит, го исмејуваат нашиот труд и заложби да создадеме сериозно културно брендирање, вели Софија Семенпеева Трајановска по информацијата дека Фестивалот ЛИТЕРА за годинешното трето издание од Град Скопје како поддршка добил сума од 40.000 денари.

Софија Семенпеева Трајановска е уметница. Графички дизајнер со долгогодишно професионално искуство во делот на маркетингот и визулените комуникации. Има работено на голем број корпоративни проекти, како и на проекти од областа на културата и општествената одговорност. Особено значајни за изградба на нејзиното професионално искуство и портфолио е ангажманот на проекти како ИФФК „Браќа Манаки“, фестивалот МакеДокс и креирањето маркетинг кампањи за познати домашни компании. Како основач и сопственик на Центарот за визулени комуникации Ефектива, таа е идеен творец и двигател на повеќе проекти како Фестивалот за литература за деца и илустрација ЛИТЕРА, Skopje Street Music Festival, серијата настани „Остави го таблетот, симни се пред зграда“ и други.

Од вчера, по објавувањето на резултатите од Конкурсот за проекти во културата на Град Скопје, е млада жена која има храброст гласно да го каже сопствениот став и да биде решителна дека ЛИТЕРА го продолжува испишувањето на својата успешна урбана приказна.

Фестивалот ЛИТЕРА на Конкурсот за проекти од културата од град Скопје доби подршка од 40.000 денари. Вашата првична реакција беше дека јавно се откажувате од нив и дека барате да бидат пренаменети за млад ликовен автор. Зошто?

- Да, првичната реакција е дека се откажуваме и дека сакаме средствата да се пренаменат на млад автор, бидејќи верувам дека ако ја реализираат нашата желба барем малку ќе придонесат да се скратат егзистенцијалните маки на некој уметник. Уметникот е ставен во пранги години наназад. Голем број ликовни уметници се хранат со и од своето творештво, борбата ја водат сами за себе, не веруваат во институциите односно немаат причина да веруваат, бидејќи веќе со години им се кратат крилјата и веќе се навикнаа на оваа состојба.

Замислете со сума од 30.000 денари автор да постави изложба, невозможно е. Само врамување на делата чини над 60.000 денари, а каде се каталог, платна, бои, хартија ...тој ист автор се доведува во состојба со она што ќе му се даде, само нешто да „скрпи“. Со сигурност тврдам дека секоја првична идеја на авторот, она кое е внатре во него, е урнисана заради неможноста финансиски да си дозволи за материјали, па се прават компромиси. Ако сакаме квалитетна ликовна сцена, компромиси не треба да постојат.

Еден фестивал од типот на ЛИТЕРА, со 40.000денари само техничката опрема неможе да ја покрие. Каде се другите елементи? Монографија или каталог,средства за фотографија, дизајн и печатење во целиот процес... Ако сакаме квалитетна културна сцена и моќна уметност, не може вака. Уметници кои зад себе оставиле творештво во оваа држава се ставени на колена. Зарем заслужуваат да го сведочат тоа, 70-годишни автори да одат од институција до институција и да молат да се реализира нивно монографско издание? Многу има на оваа тема, не исцрпна е, но ова е она што го дискутираме со колегите. Никој нема веќе ниту желба, ниту сила да се објаснува. Кога ќе предложам да почнеме да делуваме заедно го добивам со години идентичниот одговор МИСЛИШ ЌЕ ПРОМЕНИМЕ НЕШТО? ВЕРУВАШ ДЕКА ЌЕ ГО ПРОЧИТАТ ИЛИ ЌЕ ГО РАЗБЕРАТ ТОА ШТО ГО ЗБОРУВАШ?

Така и одговорот на прашањето: Се откажуваме зашто со сумата покажуваат непочит, се исмеваат на нашиот труд и заложби да создадеме сериозно брендирање на градот, да ја поддржиме сцената и авторите кои творат, светот да дознае дека во Македонија има квалитетни илустратори и автори, да ги донесеме врвните имиња во областа и да ја покажеме македонската ризница која и од оваа временска дистанца делува невообичаено моќно и богато.

Сметате ли дека со ова е понижен фестивалот ЛИТЕРА како веќе сериозен културен бренд?

Да, тврдам дека е така. Не само фестивалот туку целокупниот тим, професионалци со врвно портфолио зад себе, авторите кои сакаме да ги донесеме, учесниците на работилниците и мастеркласовите кои се само мал дел од програмата.

Ете нека ми одговорат како со 40.000 денари да реализираме барем една точка од програмата. Нека одберат што сакаат, дали изложба или каталог на Младен Туниќ, еден од доајените на македонската илустрација, кој како и Кондовски зад себе оставил национално богатство, но верувам дека и не знаат за кого зборувам. Или нека реализираат 15 детски работилници со материјали, со техника, со квалитетни едукатори, не само ради реда да се направат. Тоа е реалноста која верувам не ја ни согледуваат.

Вие сте првите кои се решивте на еден ваков потег иако несомнено не сте единствените незадоволници. Зошто молкот станува чин на поведение кај мнозина уметници и луѓе од културата?

Први реагиравме и верувам дека ќе разбудиме многу автори. Им порачувам дека нема што да изгубиме, не смеат и немаат право да ги коленичат ликовните уметници или воопшто уметноста.

Еве уште еднаш ќе кажам: Авторите се изморени од ваквата борба. Ова предолго трае и не веруваат во промената, не им веруваат на институциите. Нема точно поставени критериуми. Не е поентата квантитет туку квалитет. Во годината нека се реализираат десет сериозни проекти значајни за градат и сериозно нека застанат зад нив со однапред дефинирани критериуми наместо да фрлаат трошки на сите и на крајот го имаме тоа што го имаме, а веќе и на врапчињата им е јасно за квалитетот што произлегува заради ваквиот однос кон културата.

Прво точно дефинирани критериуми, па квалитет и на крај успешна реализација и следење дали сите критериуми се запазени во постапката. Е тогаш ќе зборуваме за квалитет, сега многу сме далеку.

Што треба да се смени при распределбата на средствата наменети за проекти во културата не само на локално, туку и воопшто на државно ниво. Треба ли промена на критериумите или воопшто на целата стратегија? Каква културна политика се води во земјава?

Како што кажав, точно дефинирани критериуми, квалитет и мерливост. Ама критериуми во секој сегмент, кој води културна институција, кој носи одлуки, критериуми за добивање на државни проекти, кој ќе ја следи реализацијата итн.

Редно е да почнеме да се бориме за квалитет, верувам дека на ова мало парче земја има не пресушно богатство на квалитетни автори. Дајте им слобода да творат. Ослободете ги од егзистенционалните прашања за квалитетот да исплива на површина.

Јавно објавете ги луѓето кои одлучуваат за културата, нивното CV за јас да се чувствувам безбедно и да верувам во правичноста на одлуката. Многу имаме за работа ама баш многу. На надлежните треба да им стане јасно дека без КУЛТУРА, ОБРАЗОВАНИЕ и ПРАВДА не може да градиме квалитетно општество. Кога во овие три нешта ќе се постават квалитетни темели ќе изградиме дом во кој сите ќе сакаме да креираме.

Тимот на Фестивалот за литература за деца и илустрации ЛИТЕРА

И, конечно што сега со ЛИТЕРА? Која е вашата визија за иднината на фестивалот и ќе имате ли можност во едно вакво пандемиско време да го кренете за скалило погоре?

ЛИТЕРА ќе постои и ќе ја реализираме нашата програма, со или без државна или градска поддршка. Барем една институција да го имаше ентузијазмот и визијата на тимот на Фестивалот сега ќе бевме многу подалеку. Професионалци и големи ентузијасти кои знаат каде треба да стигнеме, ете тоа е тимот на ЛИТЕРА. Но, скала по скала, мудро и со издржаност во целиот проект и програма. Нашата програма е готова од ноември 2020. Отворањето е планирано на 3 јуни. Веруваме дека и ова, трето издание на фестивалот, ќе биде вистинска радост и уживање за публиката. Ете кога веќе погоре споменав, за првпат кај вас ќе најавам голема ретроспективна изложба на Младен Туниќ, македонско национално творечко богатство.