Секој нов градоначалник, директор на училиште или министер прво што менува откако ќе седне на функционерскиот стол е фирмата за обезбедување и фирмата за чистење. Во овие два бизниси лежат најмалку десетици милиони евра годишно од јавни набавки покажуваат податоците од владината дата база на податоци „Отворени финансии“.
Според податоците од комората на приватни фирми за обезбедување, на терен работат најмалку 50 фирми кои се грижат за безбедноста на имотот, луѓето и физичкиот транспорт на пари. Но, на тендерите за јавни набавки кои ги доделуваат владата и поголемите институции за обезбедување од вкупно 50 фирми најчесто учествуваат исти три до пет фирми.
Една од нив во минатото беше поврзувана со осудениот поранешен директор на УБК Сашо Мијаков, за дел, пак, во јавноста се шпекулира дека имаат врски со сегашната власт. Во игра за големите милионски тендери за обезбедување на клучните државни институции со години наназад се СГС, Никоб обезбедување, Перпетуумобиле секјутири и кичевската 2 СС.
Видете и ова: Македонскиот е.ГО - најавен помпезно, но полн со „тајни“Само тендерот на ЕВН Македонија за обезбедување на ЕВН Електродистрибуција Дооел Скопје, Друштво за дистрибуција на електрична енергија и ЕВН Македонија АД, Скопје за две години изнесува околу 11 милиони евра.
До 2017 година кога на власт беше коалицијата ВМРО – ДПМНЕ и ДУИ овој тендер го добиваше СГС. По смена на власта и истекот на претходниот договор од 2019 година услугите за обезбедување ги извршува НИКОБ. Податоците од владината дата база – Отворени финансии покажуваат дека во период 2019 до 2022 година за вкупно 7 договори за услуги за обезбедување на Никоб му исплатиле речиси 30 милиони евра.
Претходно СГС од ЕВН наплатила 11,8 милиони евра за тригодишен договор, додека во набавката во јули 2017, на само еден месец пред изборот на нова Влада по предвремените парламентарни избори, за шест месечен договор СГС наплатила од ЕВН Македонија 3,8 милиони евра. СГС била единствена од 50- те фирми што тогаш се пријавила на меѓународниот оглас.
На пример на последниот тендер за двогодишен договор кој го потпиша владината служба за општи и заеднички работи вреден 3,2 милиони евра се јавила само НИКОБ. Во тендерската документација е наведено дека нејзина задача е да обезбедува 40-тина подрачни објекти на министерствата низ градовите на Македонија со по околу 4 чувари.
Син на пратеник и поранешен осуденик дел од снабдувачите на државата со нафта
Претходниот тендер кој Службата за општи и заеднички работи и го додели на Никоб беше за 200 илјади евра поевтин, односно тригодишното обезбедување ја чинеше државата 3,07 милиони евра. За овој тендер во игра како понудувачи се појавиле Секјурити Груп Сервисис односно СГС, Никоб и Перпетумобуле.
Претходната влада, за обезбедување на имот, но и за негово чистење ја ангажираше со тригодишен договор - единствениот понудувач на тендерот во 2012 година, фирмата Секјуриком мултисервисес интернационал. Во 2018 година газдата на фирмата „Секјуриком“, Австриецот Волфганг Гампер, кому му беше одземен пасошот како осомничен за соучество во местење на 11-милионскиот тендер за одржување на Владата, избега од Македонија.
Обезбедувањето на имотот на ЕВН и владината служба за општи и заеднички работи се најголемите милионски тендери кои ги добива НИКОБ во изминативе 4 години. Останатите се од 200 илјади евра па надолу. Вкупниот износ на тендерски договори кои ги добила фирмата во период од 2018 до 2022 година изнесува 40 милиони евра.
Со годишен обрт на капитал од околу 30 милиони евра и 2600 вработени НИКОБ групацијата се вбројува во една од најуспешните македонски бизнис приказни. Пред 25 години стартната точка е фирма за обезбедување, која во последните пет години прерасна во групацијата. Пандемијата отвори нови можности за Никоб, па групацијата прослави и една година од основањето на НИКОБ Медикал, една година од НикобЛаб и пет години од основањето на Центарот за Кеш Услуги со кој нуди услуги за собирање, броење и дистрибуција на пари.
Кој е бизнисменот прогласен за лидер на годината за Југоисточна Европа ?
Сопственикот на Никоб Кирил Лазаров минатата година повторно доби двегодишен мандат за претседател на македонско – бугарската стопанска комора. Тој во 2020 година доби и признание „Лидер на годината за Југоисточна Европа“, на Фестивалот на кинематографиите на Југоисточна Европа во Париз од интернационалниот универзитет Еуропа Прима, во соработка со INALCO Paris-Cite-Sorbonne и Humboldt универзитетот од Берлин, се вели во соопштението на нивната веб страница.
Освен фирмите кои го носат името Никоб во негова сопственост е и фирмата Арктек ДОО Скопје, основана во 2010 година, која се занимава со трговија на големо со електронска и телекомуникациска опрема и делови. Оваа фирма се јавува и како мајка фирма на Арктек Био Енергија која од 2020 година се занимава со трговија со струја.
На истата адреса е регистрирана и Арктек гас која во 2021 година добила лиценца за трговија со природен гас. Регулаторната комисија за енергетика ја издала лиценцата без да одржи подготвителна седница, како што е редовна пракса, затоа што во февруари се уште била во ек кризна состојба прогласена поради пандемијата, се вели во нивното образложение.
На истата адреса во Кисела Вода отворена е и фирмата Арктек Хемикал во сопственост на Кристина Лазарова од Струмица. Основна дејност на оваа фирма е трговија со хемиски производи покажуваат податоците од Централен регистар.
Лазаров се јавува и како сопственик на компанијата АРМ Технолоџи, чија основна дејност е посредување во трговија со разновидни производи. Според податоците од Централен регистар партнери во бизнисот му се Томас Бровн од Лос Анџелес и Георге Витанов од Њујорк. Тројцата сопственици ја отвориле оваа фирма со заеднички влог од 5300 евра.
Бирото за јавни набавки покажува дека Никоб во период од 2008 до 2015 година наплатил само 352 илјади евра за 20 тендерски помали договори за обезбедување на општината Струмица, паркинзите на скопската општина Центар, како и кошаркарскиот клуб Работнички.
Битката во град Скопје за обезбедување на средните училишта е меѓу СГС и Никоб
Од град Скопје Никоб во изминативе 4 години децении добил вкупно три тендери, и тоа еден во 2018 за 124 илјади евра за обезбедување на средните училишта, по што цената во наредните две години рипнала на 195 илјади евра. Во тој период градски татко беше Петре Шилегов.
Следната 2021 година овој тендер го добива Секјурити груп сервисис дооел Скопје, односно, скратено СГС во вредност од 167 илјади евра. Договорот го потпишаа сегашната градоначалничка Данела Арсова и управителот на фирмата Мирољуб Давидов на само еден месец по локалните избори каде што го победи својот опонент Шилегов со помош на подршката на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно додека градоначалник на Скопје беше Коце Трајанов, Секјурити груп ги доби тендерите за обезбедување на скопските средни школи во 2016, 2013 и 2012 година со вкупна вредност од 650 илјади евра.
СГС или Секјурити груп сервисис е секогаш во игра
Но тоа не е се, СГС во периодот од 2016 година до денеска добила тендери во вредност од 6,5 милиони евра за обезбедување на имот, што е помалку од една третина од парите исплатени од државата за нејзиниот работен век. Чуварите во црни униформи со лого на кое е насликан војник од македонската фаланга, во изминативе 6 години ги обезбедуваа патарините со двегодишен договор тежок 422 илјади евра. Во 2016 и во 2018 година кружеа околу Агенцијата за електронски комуникации за половина милион евра.
Плац по плац, отиде половина Водно
Од ЕСМ – Електрани на Северна Македонија, во изминативе четири години за четири тендери за обезбедување наплатиле вкупно 590 илјади евра. Додека од ЕВН за обезбедување со два тендери има наплатено 15, 6 милиони евра, пред во 2018 оваа зделка да премине во рацете на Никоб.
Историја на СГС и поврзаноста со Мијалков
Според последните измени на податоците од Централниот регистар сопственик на оваа фирма е Дејан Ќировски, а нејзин управител е Мирољуб Давидов. Агенцијата беше отворена кон крајот на 2010 година, откако со законско решение приватното обезбедување стана задолжителна обврска, наместо вработување на чувари во институциите. Па работите течеа со забрзано темпо – агенцијата им презеде голем број клиенти на нејзините конкуренти во тоа време. Податоците од Централен регистар покажуваат дека прв сопственик на агенцијата за обезбедување „СГС“ е фирмата „НВСП ДООЕЛ“, која е основана од Владислав Стајковиќ,којшто е најпознат по аферата што преку „бомбите“ ја отвори СДСМ и којшто се однесуваше на набавката на израелската опрема преку фирмата НВСП.
Владислав Стајковиќ бил директор и на „Финзи“ до 2011, кога на таа позиција доаѓа сега покојниот Коста Крпач, кој се самоуби откако Специјалното обвинителство отвори истрага за работата на оваа фирма.
Во април 2012 година, пак, се менува и сопственикот – фирмата „НВСП ДООЕЛ“ се брише, а наместо тоа, како сопственик се впишува 27-годишниот полјоделски работник Дејан Ќировски. Ќировски и денеска е сопственик на една од најмоќните агенции за обезбедување, која СДСМ обвинува дека е повразна со Мијалков.
СДСМ во 2015 година објави аудио снимки од разговори кои наводно се водат меѓу Мијалков и Дејан Митревски – Урко, поранешниот телохранител на премиерот Никола Груевски кој се повлече од агенцијата за обезбедување „Лупус“ откако СГС почна да работи со полна пареа.
Кичевска фирма за обезбедување 2 СС заработила 3 милиони евра
Ако АЕК на СГС и плаќала по 220 илјади евра од договор, на кичевската фирма 2 СС лани и платила 306 илјади евра за обезбедување на четири објекти во наредните 24 месеци. Потпис на договорот ставил директорот на ДУИ Јетон Акику и управителот на фирмата Џемал Билиловски. Кичевската фирма победила во тесната конкуренција од СГС и Перпетумобиле секјурити.
Оваа кичевска фирма најголемиот тендер го добила од Јавно претпријатие за државни патишта – обезбедување на наплатни станици во времетраење на две години склучен со 2 СС КИЧЕВО на ден 19.08.2022 во вредност од 861 296 евра каде што потпис на договорот ставил директорот Ејуп Рустеми од ДУИ. Во битка за овој тендер покрај 2СС биле и Никоб и Перпетумобиле секјурити.
Оваа фирма основана од Самир Билбиловски на пазарот котира од 2005 тата година. Според податоците од Бирото за јавни набавки до сега од државниот буџет за обезбедување наплатила 3,06 милиони евра од кои само во изминативе две години склучила договори во вредност од 2,4 милиони евра.
На листата на клиненти на кичевската 2 СС се и скопската болница 8-ми септември, како и Архелошкиот музеј, Музеј на РСМ здравствен дом Кичево, државната лотарија, ТИРЗ Кичево и Струга, Клиниката за гинекологија, Фонд за здравствено осигурување, Општина Центар за училишта и градинки, клиника за хематологија, општа болница Велес, скопската клиника за кардиологија, управа за заштита на културно наследство, агроберза, Општина Струга. На адресата на која е регистрирано седиштето во Кичево во централниот регистар се води и менувачница по име Булбул комерц.
Обезбедување на имот и луѓе – бизнис тежок и до 30 милиони евра годишно
Во овие фирми имаат годишен обрт на капитал тежок и до 30 милиони евра.
Услужните дејности за обезбедување имот и лица имаат голем потенцијал и се солиден бизнис. Ангажираат голема работна сила, на пазарот опстојуваат по дваесетина и повеќе години. Обезбедувањето на имотот и приватната заштита се услужни дејности кои се солидни бизниси во кои се вработуваат неколку илјади луѓе во земјава и имаат приходи од неколку десетици милиони евра. Во управниот одбор на комората на приватните фирми за обезбедување меѓу првите луѓе се претставници на Перпетуумобиле, Секјурити Груп Сервисис или СГС, 2 СС, Кичево, Питон, Охрид и ОСА од Скопје.
Податоците од финансискиот портал „Пари. Мк“ покажуваат дека во пандемиската 2020 година во дваесет агенции за обезбедување во земјава што имаат најголеми приходи, се свртела сума од 36,6 милиони евра, што е за 7 милиони евра повеќе од претходната година. Во дваесетте агенции за обезбедување кои имаат најголем број вработени – минатата година работеле 4.545 луѓе, додека претходната во истите агенции имало 4.291 вработен.
Семејна фирма на вработени во РЕК Битола со години добива тендери
Според финансиските резултати од последните две години, агенцијата за обезбедување НИКОБ ги прави наголемите приходи и добивки, но истовремено компанијата е и најголем работодавач во овој бизнис.
На нивната интернет страна е наведено дека оваа агенција е основана во 1995 година и воедно дека е првата компанија која е судски регистрирана во земјава. На листата на клиенти освен државни институции се и бројни дипломатски претставништва, банки, златари, фабрики и маркети.
Минатата година во оваа компанија се свртеле 14,4 милиони евра, додека годината пред тоа приходите изнесувале 10,9 милиони евра, покажува анализата на финансискиот портал „пари.мк“. Приходите што ги прави НИКОБ, се драстично поголеми од приходите на сите останати агенциии за обезбедување. Па така, само лани во оваа компанија се свртела сума колку што изнесуваат вкупните приходи на десетина други агенции за обезбедување со најголем обрт. Односно, приходите на НИКОБ се еднакви на приходите што заедно ги прават Перпетум Мобиле, Оса Бранко, СГС , МДН Обезбедување, Питон, Еуро Секјурити, Секјурити М.К Агенси .