Седат Пекер на ЈуТјуб ја тресе власта во Турција

Седат Пекер зборува на својот Јутјуб канал, 26.05.2021 година

Најновата ѕвезда на социјалните медиуми во Турција е 49-годишен мафијашки шеф во егзил, кој тврди дека турски официјални лица и нивните роднини се вклучени криминал. Иако неговите тврдења на Јутјуб не се докажани, тие ги тресат темелите на структурата на политичката моќ во Турција. Рон Синовиц

Во последните неколку недели се појави нова сензација на социјалните медиуми во Турција - но тој не е актер или поп-ѕвезда. Станува збор за Седат Пекер кој е осуден, 49-годишен ултранационалистички шеф на криминалот, кој побегна од родната Турција за да не биде уапсен.

Сега, живеејќи во егзил во непозната земја, Пекер објавува видеа на својот канал на ЈуТјуб со детали за, како што тврди, врските помеѓу турското криминално подземје и претставници на владејачката Партија на правдата и развојот, АКП на претседателот Реџеп Таип Ердоган.

Балканска мафија со политичка поддршка

Тој тврди дека високи функционери во Анкара и нивните роднини се вклучени во случаи на меѓународна трговија со дрога, убиства, силувања и корупција - иако тој не достави документирани докази за да ги поддржи обвиненијата. Но, неговите приказни - без оглед дали се вистинити или не - ги разнишаа темелите на структурата на политичката моќ на Турција, откако тој започна да ги објавува на интернет во минатиот месец.

Видете и ова: Кој e Седат Пекер и каде е засолнет?

Неговиот канал на Јутјуб стана толку популарен што видеата ги прегледуваат милиони луѓе за неколку часа. Кон крајот на мај, неговиот канал стана светски највисоко рангирана телевизиска програма во Базата на податоци за интернет филмови (IMDb) сè додека таа веб-страница не го избриша записот на Пекер.

Политичките аналитичари велат дека тајмингот на популарните видеа на Пекер може да биде поразителен за Ердоган и неговата партија, кои бележат пад во анкетите поради влошената економска состојба на земјата и управувањето на владата со пандемијата. Најновите анкети покажуваат дека тврдењата на Пекер дополнително ја влошуваат јавната поддршка за Ердоган и владата предводена од неговата партија.

Ердоган ги отфрли своите обвинувања како „лоша операција против Турција“ на мафијашкиот газда во бегство. „Ќе ги расипеме овие игри, овие заговори“, рече Ердоган во неодамнешниот говор пред членовите на неговата партија, додавајќи: „Ние нема да ги оставиме овие криминалци додека не ги вратиме во нашата земја и не ги предадеме на судството“.

Скандалозни обвинувања

Досега Пекер не го вмеша директно Ердоган. Но, тој тргна по тајното крило на Партијата на правдата и развојот, таканаречената група „Пеликан“, која наводно е предводена од зетот на Ердоган, поранешниот министер за финансии Берат Албајрак.

Министерот за внатрешни работи на Турција вели дека САД стојат зад неуспешниот пуч во 2016 година

Една од главните цели на гневот на Пекер е поранешниот министер за внатрешни работи Мехмет Агар. Тој тврди дека Агар е шеф на мрежа во сенка за која вели дека ги контролира политиките на владата. Пекер наведува дека Агар и неговиот син, 45-годишниот пратеник на АКП, Зулфу Толга Агар, присвоиле марина во пристаништето Бодрум во југо-западна Турција во 2020 година, со цел да добијат приход од незаконско трговско работење.

Зулфу Толга Агар, пратеник на АКП

Тој тврди дека Толга Агар бил вмешан во силување и сомнително убиство на 21-годишна студентка по новинарство од Казахстан, по име Јелдана Кахарман во 2019 година и го прикрил нејзиното убиство за да изгледа како самоубиство.

Пекер исто така сугерира дека поранешниот министер за внатрешни работи имал улога во убиството на истражувачкиот новинар Угур Мумчу во 1993 година и убиството на новинарот на кипарските Турци Кутлу Адали во 1996 година.

Агар на овие обвинувања одговори на Твитер нарекувајќи ги „клеветнички“. Но, Репортери без граници, Сојузот на новинари на Турција и Конфедерацијата на прогресивни синдикати на Турција побараа да се испитаат наводите на Пекер за убиството на новинарите.

Видете и ова: Акција на турската полиција против 63 „членови на криминална група“, се бара и Седат Пекер

Пекер наведува дека синот на поранешниот премиер Бинали Јилдирим бил вмешан во меѓународен заговор за шверц на дрога по заплената од американската агенција за борба против дрога на пратка од 4,9 тони колумбиски кокаин во јуни 2020 година. Тој тврди дека синот на поранешниот премиер, Еркан Јилдирим, ги искористил своите врски во бизнисот со морски транспорт за да ги пренасочи колумбиските пратки на дрога во Турција преку Венецуела и сириското пристаниште Латакија.

Поранешниот премиер ги негира обвинувањата на Пекер. Тој вели дека посетите што неговиот син ги направил во Венецуела била во хуманитарна мисија за дистрибуција на маски и комплети за тестирање на ковид-19.

Сојузот стана кисел?

Како ултранационалист и „туранист“ Пекер не секогаш бил во судир со АКП или нејзините партнери во владината коалиција во Партијата на националистичкото движење (МХП).

Туранистите во Турција долго време се обидуваа не само да го зајакнат турскиот национален идентитет во земјата, туку и исто така да ги обединат Турците во светот. Нивниот сон е да создадат унифициран политички субјект кој се протега од Босфорскиот теснец до Централна Азија и планините Алтај. Туранизмот е во срцето на идеологијата на МХП.

Неговото паравоено младинско движење, познато како „Сиви волци“, е именувано според важен симбол на античките турски народи. Аналитичарот за разузнавање Ерен Ерзозоглу, од приватната британска фирма Греј динамикс, ја опишува како „ултранационалистичка исламистичка мрежа“ што „постои во турската „длабока држава“.

Ерзозоглу исто така забележува дека симболот „Сиви волци“ е забележан меѓу парламентарните групи во странство во Сирија, Либија, Ирак и неодамна во конфликтот во Нагорно Карабах.

Технологијата и Турција стојат зад воената победа на Азербејџан во Нагорно Карабах

Во меѓувреме, бројни извештаи сугерираат дека организирани криминални групи од Централна Азија и други поранешни советски републики се шират во Турција во последните неколку години.

Пред пет години, откако Пекер доби предвремено ослободување од 10-годишна затворска казна под обвинение за водење на организирана криминална група, тој служеше како сила за заплашување против критичарите и опозициските ривали на АКП.

Кога група турски академици и активисти покренаа петиција во 2016 година за осуда на воената кампања на Турција против курдските милитанти, Пекер им се закани на потписниците на јавниот говор изјавувајќи дека ќе ги натера да крварат „во потоци“. Иако беше гонет за издавање на таа закана, тој беше ослободен во јули 2018 година.

Уште во почетокот на 2020 година, Пекер сè уште се залагаше за сегашниот турски министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу за кој политичките аналитичари во Анкара сметаат дека е потенцијален наследник на Ердоган за лидер на партијата.

Видете и ова: Во Истанбул приведен македонски државјанин соработник на Седат Пекер

Пекер во своите видеа вели дека некогаш имал блиски врски со Сојлу - тврдејќи дека министерот за внатрешни работи му доставил детали за безбедноста и го предупредил за истрагата за неговата криминална организација пред да избега од Турција. Тој исто така тврди дека Сојлу побарал негова помош за да ја победи ривалската фракција во рамките на АКП предводена од Албајрак, зет на Ердоган.

Но, Пекер вели дека тој се свртел против Сојлу во април кога турската полиција изврши рација во неговиот дом и го малтретирала неговото семејство и вперила оружје кон неговата сопруга и малите ќерки. Пекер исто така се пожали дека полицајците ја претресле неговата сопруга во долна облека.

Сојлу ги негираше сите тие обвиненија во телевизиските интервјуа и поднесе кривична пријава против Пекер. Тој го обвини Пекер за поврзаност со движењето на прогонетиот исламски проповедник Фетулах Ѓулен кој живее во САД и дека е глобален шверцер на дрога. Сојлу исто така негираше дека полицијата извршила претрес на сопругата на Пекер, нарекувајќи го „човек кој се крие зад долната облека на неговата сопруга“.

Пекер, пак, возврати на обвинението на Сојлу дека има врски со Ѓулен, кого Ердоган го обвинува за организирање на неуспешниот пуч во јули 2016 година - обвиненија што Ѓулен жестоко ги отфрли. Пекер тврди дека Сојлу и неговите советници „постојано го фалеле Ѓулен“ и оти Сојлу е „човек кој не може да управува со својот гнев“.