Се подигнува монтажна болница со капацитет до 130 болнички кревети до Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, објави министерот за здравство, Венко Филипче.
„Со оваа болница клиниката се штити од преоптовареност, а даваме можност на медицинскиот персонал соодветно да ги распореди сопствените ресурси во борбата за превенција и заштита на населението од коронавирус. Деновиве се спроведе вистинска акција со големи човечки напори и одлична меѓуинституционална соработка. Со помош на Армијата и нејзината механизација, екипите на ЈП Улици и патишта и инженерите од Проектната единица при Министерството за здравство во рекорден рок го подготвија теренот и овозможија пристап до Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби за брзо справување со коронавирусот“, напиша Филипче на неговиот официјален Фејсбук профил..