Граѓаните на Велес уште се во шок дека четворица нивни сограѓани и еден од Тетово се во притвор откако полицијата открила дека со месеци сексуално злоупотребувале 14-годишно девојче. Според истражните органи, насилството започнало кон крајот на 2021 година. Девојчето било уценувано од еден од осомничените, 25-годишен Велешанец кој најпрво ја намамил на средба преку социјалните мрежи, а потоа ја снимил и ја уценувал со снимката. Со уцена ја подведувал и на другите кои сега се во притвор.
Овој месец обвинителството соопшти и за истрага која се води во Кавадарци против пет лица кои сексуално злоупотребувале малолетничка. Дваесет годишник, со употреба на физичка сила и закани, ја принудувал малолетничката на проституција за што им наплаќал од 1000 до 2000 денари.
Минималната казна затвор што може да ја добијат насилниците е 8 години, но и двата случаја се уште се под истрага.
Социјалните мрежи нова замка за жртвите
Децата се лесни жртви на социјалните мрежи и невладините организации најмногу се загрижени што обично доцна се дознава за сексуалното насилство врз деца. Велат дека децата најчесто се исплашени и не се осмелуваат да ги пријават насилниците кои лесно им пристапуваат на Интернет.
Јасмина Димишковска Рајковска од Здружението за акција против насилство и трговија со луѓе „Ла Страда“ вели дека најважна е раната идентификација на жртвите, но често пати жртвите молчат за насилството поради страв и срам.
„Жртвата не е свесна дека е жртва, смета дека е виновна за тоа што и се случува и се срами од семејството од стигматизација од средината во која живее, а покрај срамот и самообинувањето тука е и стравот од казна од страна на сторителите бидејќи најчесто сторителите на жртвата и се закануваат, ја уценуваат, ја заплашуваат и на тој начин ја држат под контрола и во кафезот на трговија со луѓе“, вели Рајковска.
Рита Бехадини од невладината организација „Молокуќа“ вели дека најефикасен механизам засега останува контролата на родителите во однос на комуникацијата што ја прават малолетниците на социјалните мрежи.
„Никогаш не можеме да ги заштитиме малолетниците 100 проценти од ризикот од комуникација на социјалните мрежи, но нека ги знаат последиците од неконтролираната употреба на социјалните мрежи“, вели Рита.
Заменик народниот правобранител Јован Андоновски пак истакнува дека изминативе години социјалните мрежи стануваат сериозна алатка што се користи како мамка. Интернетот повеќе не се користи само за регрутирање или за производство и дистрибуција на порнографски материјали туку и за сајбер сексуална трговија.
„Современета технологија дава придонес и во промени на дејствувањето со трговија на луѓе се користат интернет платформи и социјалните медиуми за да се практикува трговијата со луѓе , што е предизвик особено за не доволно упатените за да ги препознаат овие замки и несвесно да станат жртви на трговија со луѓе, за што сметам дека е потребна едукација во овој дел“, вели Андоновски.
Видете и ова: Како насилните содржини влијаат врз однесувањето на младите?Во цела Македонија само едно засолниште за жртвите
Што се случува со децата кои се жртви на овие злосторства? Дали се враќаат во домовите или може да добијат друга заштита? Никој нема точни податоци за натамошната судбина на жртвите.
Здружението „Ла Страда“ го води Центарот за жртви на трговија со луѓе, место каде што тие добиваат домување, храна, медицински услуги и психолошка поддршка. Но, овој центар е единствено засолниште во цела Македонија, со ограничени места.
„Во моментот постои еден Центар за жртви од трговија со луѓе, којшто за жал има многу мал капацитет и во него нема можност да се згрижуваат и мажи и жени и малолетни и полнолетни. Во моментов работиме со помош на жртви од женски пол, од кои најголем број беа деца, каде добиваат помош, се со цел жртвата да ја надмине траумата и успешно да се реинтегрира за да може да биде понатаму незавсина, но потребата од зголемување на капацитетите е итна“, вели Рајковска.
Друг загрижувачки проблем во земјава е и реинтеграцијата на жртвите на трговија со луѓе во заедницата, откако ќе го напуштат прифатилиштето. На крајот на минатата година беше донесен и закон за обесштетување на жртвите, со кој според организациите жртвите ќе можат полесно да се реинтегрираат во општеството. „Би споменала дека важна е и примената на законот за компензација со чија примена жртвата ќе биде обесштетена која што ќе и ја олесни интеграцијата во општеството“, нагласува Рајковска.
Децата меѓу најчестите жртви на трговија
И во двата случаја откриени овој месец се работи за трговија со луѓе. Од здружението за акција против насилство и трговија со луѓе „Ла Страда“ алармираат дека токму децата се и меѓу најчестите жртви.
„Девојчиња на возраст помеѓу 12 и 17 години кои најчесто потекнуваат од семејства со нарушени семејни односи, а најчестата форма на експлоатација се принудните малолетнички бракови и сексуалната експлоатација“, вели Рајковска.
Според нивните анализи, во 2020 и 2021 година, вкупно 16 лица биле идентификувани како претпоставени или потенцијални жртви на трговија со луѓе, од кои 62 проценти биле деца. Секоја година се откриваат помеѓу 6-10 жртви на трговија со луѓе, а во последниве години бројот расте.
Видете и ова: УНХЦР - Бегалците од Украина се соочуваат со ризици од трговија со луѓе и експлоатацијаОбединетите Нации проценуваат дека приближно 2,5 милијарди луѓе од 127 различни држави се продавани ширум светот. Жртвите на трговијата со луѓе се врбуваат со користење на принуда, лага, измама, злоупотреба на сила, или директно киднапирање.