Изгаснат е пожарот што доцна попладнево избувна на стрниште спроти трафостаницата во Пинтија, по што поголемиот дел од Скопје остана без струја. По гаснењето, се стабилизира и снабдувањето на главниот град со струја.
Во пожарот нема жртви, ниту повредени.
Пожарот го гаснеа пожарникари со две противпожарни возила.
Во МЕПСО велат дека испадот на далекуводот кај Бунарџик и пожарот во близина на трансформаторската станица во Пинтија е причина за прекин на снабдувањето со електрична енергија во поголем дел од Скопје, делови од Велес и Овче Поле.
Видете и ова: Во чиј џеб завршуваат парите од секоја сметка за струја?Овие два фактори го предизвикале испадот на целата трафостаница во скопската населба Пинтија. Претходно, компанијата соопшти дека трансформаторската станица била исклучена за да им се овозможи на пожарникарите да го изгаснат огнот.
Во МЕПСО велат дека во најголем дел од населените места е нормализирано снабдувањeто со електрична енергија.
„АД МЕПСО ги информира граѓаните дека и во текот на вечерва се можни краткотрајни прекини во снабдувањето со електрична енергија, но единствено во насока на сoздавање услови нашите стручни екипи да ги отстранат преостанатите дефекти“, велат во компанијата.
Засега нема објаснување што е причината за пожарот. Дел од пожарникарите се сомневаат дека сувата трева се запалила од искри од далноводот.
На социјалните мрежи, пак, се појавија снимки од пожарот на далноводот кај Бунарџик.
Речиси цело Скопје беше без електрична енергија од 17:15 до 18:00 часот, а во тој период немаше ни парно греење, зашто немаше струја за работа на пумпите во топланите и на пумпите во зградите.
Видете и ова: Струјата ќе поскапи, но рестрикции нема да има„Пумпите автоматски се вклучуваат при обновен доток на електрична енергија и е потребно извесно време за нивно подигање, со што се очекува во текот на вечерта греењето да се врати во нормала. Во зградите коишто се постари и од постар тип на топлотни пумпи, вклучувањето ќе се изврши рачно од страна на стручни лица“, велат од ЕСМ.
Според нив, производството на струја во земјава е стабилно.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагира дека струја снемало токму во моментот кога партискиот лидер Христијан Мицкоски во објектот на Македонска филхармонија даваше отчет за сработеното на градоначалниците во првите сто дена.
„Власта на СДСМ ДУИ дoлжи одговори и одговорност зошто снема струја. Бараме одговорност, затоа што никој не смее да ја замолчува демократија“, реагира партијата.