Централниот одбор на СДСМ на неколку часовна средба ја констатираше поднесената оставка на претседателот Зоран Заев. Портпаролката на СДСМ Богданка Кузевска рече дека од утре почнува да тече рокот од седум дена да се пријават кандидатите за претседател кои исполнуваат услови според статутот на партијата. Било одлучено изборите да се одржат на 12 декември.
По изборите ќе се избере и новото раководство на партијата во која Заев, како што рече Кузевска, ќе остане активен член. Таа не даде конкретен одговор на прашањето дали Заев на седницата го предложил актуелниот заменик министер за финансии Димитар Ковачевски за негов наследни.
„Конкретно станува збор за коментар за квалитет на човек, профил на човек кој може да носи државнички одлуки и ја поддржува европската иднина на земјата“, рече Кузевска која нагласи дека лидерот ќе го изберат активните членови на партијата на непосредни избори.
Таа кажа и дека Заев информирал дека парламентарното мнозинство е стабилно и дека во моментов има 61 пратеник без да прецизира кои, а централниот одбор одлучил дека има простор за вклучување и на Алтернатива во мнозинството.
Видете и ова: Ново владино мнозинство и оставка на Заев?Инаку, Заев е четврти претседател на СДСМ. Со партијата од 1990 до 2004 година раководеше Бранко Црвенковски. Потоа не неговото столче седна Владо Бучковски кој по две години го замени Радмила Шекеринска. Црвенковски се врати на партиската раководна позиција во 2009 година и ја водеше СДСМ се до 2013 година по што, Заев стана лидер. По владеењето на ВМРО-ДПМНЕ од 2006 година, Заев ја донесе на власт СДСМ во 2017 година, па веќе петта година е и премиер и лидер.
Гаши доби овластување да преговата и со Заев и со друг мандатар
Опозициската Алтернатива која има четири пратеници на вечерашниот состанок на централното претседателство одлучи да влезат во процесот на прговори со кои би станале дел од владиното мнозинство. Партискиот портпатол Орхан Муртезани рече дека разговарале за политичката состојба во земјата и констатирале дека земјата е во длабока политичка, енергетска и здравствена криза и дека ќорсокакот предизвикува многу неизвесност.
“Одлучивме да и дадеме шанса на стабилноста и континуитетот за земјава да се надева на датум за преговарање со ЕУ. Го овластивме претседателот да комуницира со актуелниот премиер или новиот мандатар за да се види дали има простор за заедничка владина програма. Се зависи од тоа што ќе се разговара и што ќе се договори. Одлуката дали ќе влеземе во владината коалиција зависи од Централното собрание, кое ќе може да се состави кога ќе има детали од преговорите“, рече Муртезани.
Инаку овие одлуки доаѓаат точно една недела по средбата на лидерите на СДСМ и на Алтернатива Зоран Заев и Африм Гаши во Клубот на пратениците каде што начелно договорија нивните партии да одржат внатрешни средби во вторник, но тие беа одложени поради несреќата на македонскиот автобус во Бугарија.
Како дојде до ова?
Одлуката да се повлече Заев, ја најави на 31 октомври, вечерта на вториот круг од локалните избори, на кои СДСМ изгуби од ВМРО-ДПМНЕ. Првично таа одлука беше одложена поради мнозинството кое го најави ВМРО-ДПМНЕ заедно со Алтернатива, Алијанса за Албанците, Левица и доскоро владината Беса. Гласањето на доверба на владата по барање на опозицијата не беше успешно поради неопојавувањето на пратеникот од Беса Кастриот Реџепи поради што и немаше мнозинство за гласање на Владата.
Беса која досега беше дел од владејачката коалиција има тројца пратеници, од кои едниот Реџепи најави дека ќе остане со владиното мнозинство на СДСМ. Од тогаш и не е јасно докрај кој го има потребното мнозинство од 61 пратеник за да може да ја предводи владата.
Сега во владиното мнозинство се СДСМ со својата предизборна коалиција, ДУИ и ДПА.