Срамно и неприфатливо е тоа што се случува во судството. Неприфатливо е токму институциите кои треба да носат правда, да ја спречуваат и поткопуваат. Во изминатите години јавноста е сведок на маратонски постапки, на правни замки, на незаинтересираност и неподготвеност на судството да решава случаи на висока корупција поврзани со крималот на Никола Груевски и режимот. Вака реагираше денеска СДСМ по застарувањето на случајот Траекторија, во кое е обвинет поранешниот премиер Никола Груевски.
„Затоа, ја повикуваме Државната комисија за спречување на корупцијата да започне постапка за проверка на имотот на судиите и обвинителите веднаш. Истовремено, СДСМ најавува дека започнува постапка за целосен ветинг на сите судии, процес кој ќе започне веднаш по формирање на новата Влада предводена од СДСМ. Целосен реизбор не беше дозволен од страна на Европската Унија, но ветинг на судиите мора да има“, изјави денеска портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов.