На 12 март, украинскиот новинар Олех Батурин добил телефонски повик од познаник кој барал средба. Кога стигнал до договреното место, неговиот познаник не бил таму - „но имаше автомобил со руски војници“, изјави подоцна Батурин за украинскиот сервис на РСЕ.
„Тие скокнаа од автомобилот и почнаа да ме тепаат. Ми ставија лисици, ме вовлекоа во автомобилот и ме одведоа во градот Нова Хаковка“.
Киднапирањето го означи почетокот на осум дневното заробеништво за Батурин, дописник на медиумот Нов Ден во јужниот украински регион Херсон, кој беше окупиран од руските сили од раните денови на инвазијата на Москва на Украина.
Видете и ова: Двајца украински новинари пронајдени мртви - здруженијата бараат истрагаОд почетокот на војната на 24 февруари, најмалку седум новинари се убиени, а неколкумина други ранети, соопштија Репортери без граници. Националниот сојуз на новинари на Украина во минатиот месец соопшти дека биле убиени најмалку 20 медиумски работници.
Многу други, како Батурин, биле приведени, мачени и испрашувани од окупаторските руски сили и нивните полномошници во делови од источна и јужна Украина.
„Ми рекоа – „Знаеш, ова е воена состојба. Само ќе свикаме трибунал и ќе те осудиме на стрелање“, изјави Батурин, додавајќи: „Почнаа да ми се закануваат, детално да ми опишуваат како ќе ми ја одреат кожата со нож за да умирам полека во агонија, како ќе ми ги извадат очите, ќе ми ги отсечат ушите и екстремитетите“.
Батурин наведе дека бил одведен во зградата на општинската влада во Нова Хаковка, каде што бил испрашуван од Володимир Леонтиев, проруски Украинец кој бил назначен за администратор на окупираниот град.
„Тој ми зборуваше на руски“, се сеќава Батурин. „Дали ме препознавате? Се осмеливте да објавите фотографии од мене во нацистичка униформа?“, зборуваше крајно грубо со само поплава од пцовки“.
Видете и ова: Новинарка и продуцентка на РСЕ загина во КиевПретходно, Батурин пишувал написи за соработката на Леонтиев со напаѓачите и веројатноста тој да биде именуван за администратор на градот. Написите беа илустрирани со фотографии на Леонтиев облечен во нацистичка униформа.
„Тогаш сфатив кој го наредил моето киднапирање“, рече Батурин, додавајќи дека во собата имало и многу вооружени руски војници. „Сите закани што ги слушнав мораше да се сфатат сериозно. Бев целосно на нивна милост“.
Батурин вели дека бил жестоко претепан во првите часови од неговото заробеништво. „Ме претепаа кога ме приведоа“, изјави тој за РСЕ, говорејќи од Одеса.
„Ме претепаа додека ме носеа во Нова Каховка. Ме тепаа додека бев во полициската станица во Нова Каховка. Додека бев на распит во кабинетот на градоначалникот, и таму ме тепаа“.
Лекарскиот преглед подоцна откри дека Батурин се здобил со четири скршени ребра.
„Јасно ми кажаа дека не треба повеќе да пишувам. Ми дадоа до знаење дека ми се одмаздуваат за моите написи. Посебно, Леонтиев, во врска со публикациите со тие фотографии. Беше многу лут што сега се појавија тие фотографии од пред една деценија каде што тој носи нацистичка униформа“, рече тој.
Манифест за Јужна Русија, под едно име окупираните украински региони
По повеќе од еден ден во притвор на окупациската администрација во Нова Каховка, Батурин бил префрлен во притвор на руските сили и одведен во Херсон, регионалниот главен град, каде што бил држен под ужасни услови.
„Немаше ништо во ќелијата освен клупа на која беше прилично непријатно да се спие. Првите денови беше многу студено. Имаше чешма со вода, што беше добро затоа што можевме да пиеме колку сакавме. Имаше дупка на подот што беше тоалет. Но, немаше тоалетна хартија, немаше сапун за миење раце“, вели Батурин, додавајќи дека им била давана студена храна, еднаш до два пати на ден.
Во рускиот притвор, на Батурин му беа поставени повеќе прашања, како на пример да ги даде имињата на „украинските фашисти“ или „белоруските новинари и активисти кои можеби се во Херсонската област“.
„На пример, тие прашаа кој стои зад различните канали на Телеграм и да им ги дадам имињата на активните, проукраински новинари и имињата на активистите кои организираат протести во Херсон“, рече тој.
„Се чинеше дека протестите на локалните жители против окупацијата на Херсон ги потресоа Русите, кои не можеа да разберат дека луѓето може спонтано да излезат на улиците“, рече Батурин.
Тој цитираше еден руски иследник кој рекол: „Не е важно. Ќе го заземеме Миколајев, а потоа ќе стигнеме до Одеса, а потоа ќе се погрижиме за сите овие луѓе еднаш засекогаш. Нема да прават повеќе демонстрации.“
„Тие се обидуваат да воспостават сопствен поредок. Тие сакаат целосно да ја потиснат секоја манифестација на јавна активност. Отворено ми кажаа на првото испрашување дека имаат намера целосно да го потиснат новинарството и едноставно да ги спречат новинарите да ги извршуваат своите професионални обврски. Тие со своите постапки покажуваат дека таа територија ја сметаат за нивна. Тие веруваат дека ќе бидат таму засекогаш“, вели Батурин.
Хјуман рајтс воч бара Русија да истражи убиство на цивили
По осум дена заробеништво, тој бил ослободен. Му било кажано да остане во својот дом дополнителни пет дена. „Јасно ми е дека тие беа релативно нежни со мене, особено во споредба со затворениците кои се бореле против нив“, изјави Батурин.
Набргу потоа, тој го напуштил регионот и го направил напорното и опасно патување низ првите линии на фронтот до територијата што ја контролира владата, плашејќи се дека ако Русите повторно го побараат, „последиците ќе бидат сосема поинакви“.
„Сѐ уште се сеќавам на таа прва ноќ, првите 24 часа како затвореник. Не сакам повторно да размислувам за тоа, но постојано ми е во мислите“, вели тој.