Самит на неврзаните со руско набљудување

Движењето на неврзаните е најголемата група држави по Обединетите нации

Повици за светски мир, почитување на меѓународното право и намалување на нееднаквоста за време на пандемијата на ковид-19 се некои од пораките на светските официјални претставници собрани на дводневниот самит на Движењето на неврзаните во Белград.

Шеесет години по првата конференција на Движењето на неврзаните, делегации од повеќе од 105 земји и девет меѓународни организации се собраа во Србија.

Претседателот на Србија Александар Вучиќ рече дека Движењето на неврзаните „беше и останува симбол на слободољубивиот дел од светот, кој е подготвен да се бори за независност, слобода и суверенитет“. Говорејќи за Косово, тој изјави дека Србија ќе „го заштити својот суверенитет“.

Над три илјади полицајци го обезбедуваат самитот „Неврзани 2021“ во Белград

Членот на Претседателството на Босна и Херцеговина Милорад Додик го искористи овој собир за да ги обвини западните земји дека „се мешаат во внатрешните работи на БиХ“.

Самит на Движењето на неврзаните. Самитот се одржува на 60-годишнината од првата конференција на Движењето на неврзаните во Белград, 11 октомври 2021 година

Претставници на некои земји, како Саудиска Арабија и Мароко, побараа признавање на Палестина како независна држава.

Ирак побара помош за обнова на земјата, која беше разорена во нападите на милитантната организација „Исламска држава“.

Видете и ова: Балканот и Движењето на неврзаните

Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев пак, ја обвини Ерменија дека е одговорна за минатогодишниот конфликт во регионот Нагорно-Карабах, што е предмет на децениски спор меѓу двете земји.

Претставникот на Сирија на самитот изјави дека таа земја ќе се бори против „тероризмот“ и ќе ги врати „окупираните територии“, обвинувајќи ги Западот и Турција дека работат против интересите на Сирија.

Во таа земја има граѓанска војна повеќе од една деценија, а сегашниот режим на Башар ал Асад во Дамаск има поддршка од Русија.

Претставникот на Венецуела рече дека неговата земја ги отфрла санкциите од САД и ЕУ воведени во 2018 година, кога Николас Мадуро прогласи победа на изборите за кои опозицијата и Западот сметаат дека се наместени.

Вучиќ: Односите меѓу Србија и Русија се исклучително добри

Движењето на неврзаните е најголемата група држави по Обединетите нации и е основано во средината на 20 век во екот на Студената војна - како противтежа на спротивставените блокови предводени од тогашниот Советски Сојуз (СССР) и Соединетите држави.

Додека светските претставници од собирот повикуваат на мултилатерализам - односно укинување на поделбата на светот на два блока, Русија, наследникот на Советскиот Сојуз, во јули годинава доби статус на држава набљудувач во Движењето на неврзаните.

Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров на самитот на Движењето на неврзаните, Белград 11.10.2021.

„Овој статус отвора можност за нов придонес во меѓународните односи“, изјави министерот за надворешни работи, Сергеј Лавров, на самитот во Белград, додавајќи:

„Мора да избегнеме двојни стандарди, мора да се бориме за развој на поранешните колонијални земји, мора да ги зачуваме идеалите за меѓусебно почитување и соработка“.

Тој изрази очекување дека собирот во Белград ќе испрати порака дека еднаквоста меѓу државите нема алтернатива.

турскиот министер за надворешни работи Мевљут Чавушоглу, Белград 11.10.2021 година

Турскиот министер за надворешни работи Мевљут Чавушоглу пак, оцени дека принципите на Движењето на неврзаните, воспоставени пред 60 години, сѐ уште се важни.

Чавушоглу присуствува на самитот како претставник на Турција, иако земјата е членка на НАТО. Тој во Белград беше претставен како „почесен гостин“.

За генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш, собирот во Белград се одржува во време на исклучителни глобални предизвици и дека Движењето на неврзаните има многу важна улога во светот.

Што е Движење на неврзаните?

Самото име Движење на неврзаните се појави како идеја тоа да биде политичка алтернатива за земјите кои сакаат да избегнат да се одлучат за воено-политички блок и да артикулираат независен надворешно-политички пристап.

Во септември 1961 година, претставници од 25 земји се собраа во Белград, главниот град на тогашна Социјалистичка Федеративна Република Југославија на првата конференција на Движењето.

Видете и ова: Четириесет и една година од смртта на Јосип Броз Тито

Меѓу оние што зборуваа на настанот беа светските државници како индискиот премиер Џавахарлал Нехру, египетскиот претседател Гамал Абдел Насер, претседателот на Индонезија Сукарно и претседателот на Југославија Јосип Броз Тито, по чија иницијатива се одржа првата конференција пред шест децении.

Српскиот министер за надворешни работи Никола Селаковиќ, деновиве изјави дека стратешка и суштинска цел на Србија е членството во Европската унија ЕУ, но додаде дека официјален Белград не се откажува од традиционалните пријатели и „тие не се само Русија и Кина, туку и членките на неврзаните“.

Како настана Движењето на неврзаните?

Идејата за основање на Движењето на неврзаните се појави за време на колапсот на колонијалниот систем и борбата за независност на народите од Африка, Азија, Латинска Америка и други региони во светот, во време кога Студената војна беше на нејзиниот врв.

Самит на Движењето на неврзаните, Белград, 11 октомври 2021 година

Терминот „Неврзани“ за првпат го воведе индискиот премиер Нехру за време на неговиот говор во 1954 година во Коломбо, Шри Ланка.

Потоа беа дефинирани пет постулати кои подоцна беа вклучени во официјалните принципи на Движењето на неврзаните-взаемно почитување на територијалниот интегритет и суверенитет, меѓусебно ненапаѓање, еднаквост и взаемна корист и мирна коегзистенција.

75-годишнина: Животот во социјалистичка Југославија

Претседателот на СФРЈ Јосип Броз Тито се смета за еден од основачите на Движењето на неврзаните. Земјата предводена од Тито беше членка на Движењето на неврзаните до почетокот на 1990-тите, кога се распадна во југословенските војни. Официјално се повлече од членството во 1992 година.

Како сега изгледа Движењето?

Денес движењето брои 120 членови и 17 земји набљудувачи. Меѓу нив од поранешна Југославија се: Србија, Хрватска, Црна Гора и Босна и Херцеговина , како и Кина, Аргентина, Бразил и Украина.

Од своето основање, Движењето нема формална хиерархиска структура, но неговото раководство се менува со ротација на самитите што се одржуваат на секои три години. Во моментов на чело на Движењето е Азербејџан, кој ќе го отстапи своето место во 2022 година.

По падот на Берлинскиот ѕид во 1989 година и падот на комунизмот во Источна Европа, се постави прашањето за оправданоста на постоењето на неврзаните.

Сепак, многу земји-членки, предводени од Индија, која беше меѓу основачите, беа на мислење дека Движењето мора да продолжи да постои.