САД се одмаздија за нападот во Кабул

Илустрација, аеродромот Хамид Карзаи во Кабул пред нападот на Исламска Држава, 26 август 2021

Во напад со дрон, Соединетите Држави го таргетираа регионалниот огранок на Исламска Држава (ИСИС-К) во Авганистан и тврдат дека го убиле организаторот на нападот во Кабул, во кои загинаа 170 цивили и 13 американски војници

Американската војска денеска изврши напад врз позициите на таканаречената Исламска Држава во областа на источен Авганистан. Нападот со дрон следува два дена по самоубиствениот напад што членовите на оваа организација го извршија на аеродромот во Кабул, при што загинаа околу 170 цивили и 13 припадници на американските војници.

Според соопштението на Американската Централна команда, базата на „Исламска држава на провинцијата Корасан“(ИСИС-К) е уништена во нападот во регионот Нангархар. Токму ова крило на екстремистичката група Исламската Држава ја презеде одговорноста за нападот кој се случи во четвртокот во Кабул.

„Според првите сознанија, нема информации за цивилни жртви, но целта е погодена“ соопшти портпаролот на Американската Централна команда, Бил Урбан.

Во своето обраќање до јавноста по нападот на аеродромот во Кабул, американскиот претседател Џо Бајден најави одмазда.

„Нема да заборавиме, нема да простиме. Ќе ве гониме и ќе платите за ова“, им порача Бајден на терористите кратко по атентатот.

Талибанците распоредија дополнителни сили околу аеродромот

Во меѓувреме денеска Талибанците распоредија дополнителни сили околу аеродромот во Кабул за да спречат собирање на големи групи луѓе, пренесува АП. На патиштата што водат до аеродромот се појавиле нови контролни пунктови.

Областите каде што се собраа големи групи луѓе во последните две недели со надеж дека ќе ја напуштат земјата откако таа беше преземена од Талибанците, сега се воглавно празни.

Видете и ова: Експлозии кај аеродромот во Кабул, десетици жртви и повредени

Кога Талибанците влегоа во Кабул на 15 август, американските војници ја презедоа контролата врз аеродромот и започнаа со евакуација, а Талибанците ги контролираа контролните пунктови околу него.

Американската војска верува дека се уште постојат „веродостојни закани“ за време на големата операција за извлекување на цивили преку аеродромот во Кабул.

„Соединетите Држави ги следат заканите многу, многу конкретно, практично во реално време. Секако дека сме подготвени и очекуваме идни обиди“, изјави портпаролот на Пентагон, Џон Кирби.

Официјални претставници на Пентагон, исто така денеска рекоа дека смртоносниот напад бил извршен на аеродромот и дека нема втора експлозија во блискиот хотел, како што првично беше соопштено.

„Можам да ви потврдам дека не веруваме дека се случила втора експлозија кај или во близина на хотелот Барон, дека станува збор за бомбаш самоубиец“, рече генералот мајор Хенк Тејлор, заменик директор за безбедност на регионалните операции на американската армија по брифинг во Пентагон.

Тејлор додаде дека самоубиствениот бомбашки напад бил проследен со огнено оружје од непријателска позиција, но другите детали за нападот се уште не се јасни.

Евакуацијата низ бројки

Во меѓувреме евакуацијата на населението од Авганистан продолжува. Соединетите Држави и земјите партнери досега евакуираа 111.000 лица од 14 август. Се проценува дека во текот на неделата кога евакуациите беа во полн ек, од аеродромот во Кабул на секои 39 минути полетувал авион.

Повеќето сојузнички земји веќе ја завршија евакуацијата, а американската армија ќе остане до крајниот рок до 31 август. Како што објави Пентагон во последните денови од евакуацијата, приоритет ќе биде повлекување на американската армија и опрема.

Околу 5.100 американски државјани се евакуирани од почетокот на операцијата. Во Авганистан има уште 1.500 американски државјани. Канада, Германија, Франција, Италија, Шведска, Белгија, Ирска, Полска, Унгарија, Данска, Шпанија, Турција и други земји ја завршија евакуацијата пред викендот.

Британија денеска ги спроведува последните летови

„Се приближуваме кон крајот на евакуацијата што ќе се случи денеска. И тогаш ќе биде неопходно да ја известиме нашата армија за преостанатите авиони “, изјави денеска началникот на Генералштабот, генерал Ник Картер за Би -Би -Си.

Откако Талибанците влегоа во Кабул, Велика Британија евакуираше околу 14.000 луѓе.

Здружението на воените сојузници, група за преселување на бегалци, проценува дека околу 250.000 Авганистанци треба да бидат евакуирани, вклучувајќи преведувачи, возачи и други работници кои им помагале на напорите на Соединетите Држави.

УНХЦР претходно соопшти дека се подготвуваат за можноста половина милион луѓе кои бегаат од насилство да го напуштат Авганистан.