САД нема да ја остават Македонија на други играчи

АРМ го одбележа 30-годишниот јубилеј од формирањето

Повеќе заеднички воени вежби со Македонија планира САД за следната година за што за првпат се споменува земјава во буџетот за одбрана на САД. Ваквите чекори се резултат на промените на геостратешки и геополитички план, особено со здружувањето на Кина и Русија, вели професор Методи Хаџи -Јанев.

Дополнителни НАТО или заеднички воени вежби на САД и Северна Македонија за време на фискалната 2023, која започнува на 1 октомври 2022 предлага американскиот Конгрес за следната година. Македонија се спомнува во амандманот на законот за одбрана со кој САД го утврдуваат годишниот буџет и расходите на Пентагон.

Пораката што ја праќаат САД со тоа е дека повторно се фокусираат на Македонија и регионот, по неколкугодишна пауза во која не само САД, туку и ЕУ се занимаваа со свои проблеми, па тука остана вакуум простор за други актери кои немаат заеднички цели со либералната демократија, вели Методи Хаџи-Јанев, професор по меѓународно право на Воената академија.

„Заедничките вежби се една од фазите во одвраќањето што сакаат да го направат со цел да пратат јасен сигнал на оние што сакаат да ги предизвикаат дека тие се сериозни да не го остават просторот непополнет или да го остават просторот на други странски влијанија“, вели тој за РСЕ.

Ваквите чекори, вели Хаџи - Јанев се резултат на промените на геостратешки и геополитички план, особено со здружувањето на Кина и Русија.

„САД со ова сакаат да ги осигураат своите партнери дека сепак процесите на демократизација, а со тоа и на евроатлантските интеграции треба да продолжат“, вели Хаџи-Јанев.

Видете и ова: Македонија носи суверени одлуки - одговор на руската осуда за тенковите за Украина


„Комитетот силно ја поддржува интегралната улога на Северна Македонија како сојузник на НАТО и ја истакнува вредноста на НАТО вежбата Брз одговор 22 во Северна Македонија за НАТО интероперабилноста, регионалната интеграција и одвраќање против руската агресија“, се вели во предлог законот.

Во него се додава дека од суштинско значење е САД и останатите НАТО членки да продолжат да спроведуваат слични вежби со Северна Македонија и да настојуваат на натамошната интеграција.

Сега кога Армијата е дел од НАТО мора да напредува, а нејзината модернизација е круцијална во рамките на Стратешкиот дијалог со САД , вели поранешниот министер за одбрана Трајан Гоцевски во интервју за МИА.

„Заеднички вежби и обуки се најдобриот начин да достигнеме целосна и континуирана подготвеност. На тој план активностите ќе се интензивираат уште повеќе. Опремувањето и модернизацијата на нашата Армија, стана императив на времето. Во таа насока е најавена и дополнителна финансиска поддршка од САД за процесот на модернизација на Армијата“, вели Гоцевски.

Тој додава дека денешната нова безбедносна реалност во Европа, налага да имаме уште поблиска и уште поинтензивна соработка со САД, со цел да се обезбеди мирот, безбедноста и стабилноста на евроатлантската област.

Гоцевски во четвртокот доби одликување од државата на 30 годишнината од формирањето на АРМ. Беа одликувани и други припадници на АРМ, а признание доби и командантот на националната гарда на Вермонт, генерал-мајор Грегори Најт.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Одбраната на Балканот од можна агресија

30 години АРМ

Македонија на 18 август одбележува 30 години од формирањето на Армијата . Претседателот на земјава и Врховен командант на Армијата, Стево Пендаровски, во обраќањето на годишнината рече дека не подоцна од 2024 треба да се постигне стандардот за одвојување два проценти од БДП-то за одбраната.

АРМ го одбележа 30-годишниот јубилеј од формирањето

На свеченоста за 30-годишнината имаше и дефиле на припадници на сите команди и единици на Армијата. Специјалци на АРМ во 1996 за првпат учествувале на воена вежба на НАТО – „Мировен орел”. Во 2002, пак, за првпат војници на АРМ учествуваат во мисијата ИСАФ во Авганистан. Мировници учествуваа и во мисии во Ирак, БиХ, Либан, Косово. Македонија се приклучи на НАТО во 2020.