Руските напади во Украина продолжуваат, најавени нови преговори

Евакуација на цивили од Ирпин, северно од Киев

Руската војска соопшти дека наредила прекин на огнот за да се овозможи евакуација на цивили од украинските градови Киев, Мариупол, Харков и Суми. Украинските власти велат дека хуманитарните коридори кои предвидуваат да заминат само во Русија и Белорусија се „неморални“ и неприфатливи. Во меѓувреме нападите продолжуваат.

Украина ја отфрли понудата на официјална Москва за хуманитарни коридори кои водат кон Русија и Белорусија, а со цел евакуација на цивилното население од неколку украински градови, соопшти денеска украинската вицепремиерка Ирина Верешчук.

„Ова не е прифатлива опција“, рече таа, откако Русија предложи премин за цивили од Харков, Киев, Мариупол и Суми. Цивилите нема да одат во Белорусија, а потоа со авион во Русија“, рече Верешчук.

Руската војска соопшти дека утрово наредила прекин на огнот за да се овозможи евакуација на цивили од неколку украински градови, откако обидите за евакуација на цивили од Мариупол не успеаја претходниот ден. Руското Министерство за одбрана соопшти дека работна група ќе ја следи евакуацијата со беспилотни летала.

Но, рутите за евакуација што ги објави новинската агенција РИА Новости, повикувајќи се на руското Министерство за одбрана, покажуваат дека на луѓето ќе им биде дозволено да заминат само во Русија и Белорусија.

Украина го нарече потегот „целосно неморален“, а портпаролот на претседателот Володимир Зеленски рече дека на украинските граѓани треба да им се дозволи да ги напуштат своите домови преку украинска територија.

„Ова е целосно неморална приказна. Страдањето на луѓето се користи за да се создаде посакуваната телевизиска слика. Тоа се граѓани на Украина, тие треба да имаат право да се евакуираат на територијата на Украина“, рече портпаролот на украинската влада, обвинувајќи ја Русија дека намерно ги попречувала претходните обиди за евакуација.

Видете и ова: Нов неуспешен обид за евакуација на цивилите од Мариупол

Претходните договори за прекин на огнот не им дозволија на цивилите да избегаат. Сепаратистите поддржани од Русија и украинските власти се обвинија меѓусебно дека не успеале да воспостават хуманитарен коридор од црноморскиот град Мариупол за илјадниците цивили кои се обиделе да побегнат од гранатирањето.

Украинскиот Генералштаб денеска соопшти дека руските сили ја продолжиле офанзивата, отворајќи оган врз градот Миколаев, 480 километри јужно од Киев. Спасувачите соопштија дека гаснат пожари во станбени области предизвикани од ракетни напади.

Девет лица загинале кога руските сили го бомбардираа аеродромот Винициja, 200 километри југозападно од главниот град Киев, објавија украинските спасувачки служби.

„Во понеделникот во пет часот наутро (по локално време) од урнатините беа извлечени 15 лица. Девет од нив загинаа - пет цивили и четворица војници“, соопштија службите, додавајќи дека се уште трае потрагата по преживеани.

Гранатирањето продолжи и во предградијата на Киев, вклучувајќи го и Ирпин, кој веќе три дена е исклучен од струја, вода и греење. Жителите се обидоа да побегнат од Ирпин и Буча, бидејќи беа погодени од воздушни напади.

„Русија продолжува да изведува ракетни, бомби и артилериски напади врз градовите и населбите во Украина. „Напаѓачите продолжуваат да ја користат мрежата на аеродроми во Белорусија за да извршат воздушни напади врз Украина,“ соопшти Генералштабот на Украина.

Советникот на украинското Министерство за внатрешни работи, Антон Херашченко, рече дека планираните евакуации по назначените хуманитарни коридори на 6 март биле стопирани поради континуираното руско гранатирање.

Во најава трета рунда преговори меѓу Русија и Украина

Во меѓувреме, за денеска е најавена и третата рунда преговори меѓу Киев и Москва. Советникот на претседателот на Украина Михаил Подољак најави дека третата рунда преговори ќе започне денеска во 16 часот по локално време и во 15 часот по средноевропско време.

Руските делегации се состанаа двапати во Белорусија откако Русија ја нападна Украина на 24 февруари, но прекинот на огнот договорен за време на тие разговори за да им се овозможи на цивилите да бегаат не успеја.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Загинати цивили од руско гранатирање во Ирпин

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен, кој е во посета на Источна Европа, рече дека Соединетите Држави виделе многу веродостојни извештаи за намерни напади врз цивили. Тој исто така рече дека САД и нивните сојузници разговараат за забрана на увозот на руска нафта.

Киев вчера го обнови својот апел до Западот да ги заостри санкциите и повторно побара повеќе оружје, вклучително и молба за авиони од руско производство. Зборувајќи во Молдавија, Блинкен рече дека Вашингтон размислува како би можел да доставува авиони за Полска, доколку Варшава одлучи да испрати свои воени авиони од руско производство во Украина.

Руската делегација не се појави на сослушувањето пред судот во Хаг

Во меѓувреме, Руската Федерација не испрати делегација на денешното сослушување во Меѓународниот суд на правдата, во случајот покренат од Украина со кој бара итна наредба од Москва за прекин на воената акција во Украина.

На почетокот на рочиштето во судот на Обединетите Нации во Хаг, местата за Руската Федерација останаа празни, а судијата претседавач Јоан Доноху рече дека судот „жали“ поради одлуката на Русија да не присуствува.

Киев сака судиите на ОН да го класифицираат рускиот напад како геноцид и во исто време да го отфрлат тврдењето на Москва дека Украина извршила геноцид врз руското малцинство на истокот на земјата.

Рускиот претседател Владимир Путин постојано повторува дека руската „специјална воена акција“, како што ја нарече, „е потребна за да се заштитат луѓето кои биле подложени на малтретирање и геноцид“ мислејќи на луѓето во источна Украина чиј прв или единствен јазик е рускиот.

Видете и ова: Путиновата војна дома за целосно едноумие за војната во Украина

Случајот се фокусира на толкувањето на Договорот за спречување геноцид од 1948 година, кој беше потпишан од двете земји. Договорот е назначен од Меѓународниот суд на правдата како форум за решавање на споровите меѓу земјите потписнички.

Специфичноста на секој случај пред Меѓународниот суд на правдата е во тоа што државата што го гони и тужената држава мора да ја признаат јурисдикцијата на трибуналот.

Русија, а исто така и Соединетите Држави, никогаш генерално не го признале Трибуналот на ОН, туку тоа го прават само од случај до случај. Затоа, многу е малку веројатно дека овонеделното сослушување ќе доведе до какви било опипливи резултати за Украина.

Инаку, на шестиот ден од руската инвазија на Украина, обвинителството на Меѓународниот кривичен суд во Хаг најави отворање на истрага за можни воени злосторства во таа земја. Обвинителот Карим Кан на 28 февруари изјави дека истрагата има намера да ги опфати сите нови наводи за воени злосторства кои спаѓаат во јурисдикција на неговата канцеларија, „без оглед на тоа која страна ги извршила на кој било дел од територијата на Украина“.