Рускиот претседател Владимир Путин ја најави „делумната мобилизација“ во обраќањето емитувано до нацијата на 21 септември, речиси осум месеци откако тој започна голема инвазија за која очигледно веруваше дека ќе го фрли Киев на колена во рок од неколку дена.
Наместо тоа, до овој потег дојде додека украинските сили напредуваат со контраофанзива на исток што откри недостаток на руски воен персонал и другите воени грешки на фронтот кој се протега стотици километри.
Русија продолжува со репресиите по ширењето на протестите против мобилизацијата
Мобилизацијата „може да ја прошири руската способност и на некој начин да ја одржи оваа војна, но не ја менува целокупната траекторија и исход“, вели Мајкл Кофман, воен аналитичар и раководител на Програмата за студии за Русија во американската тинк-тенк CNA.
Видете и ова: Рускиот патријарх вели дека загинувањето во Украина „ги измива сите гревови“Роб Ли, воен експерт и виш соработник во Програмата за Евроазија на Институтот за надворешна политика со седиште во САД пак, смета дека мобилизацијата може да го реши проблемот со војници „за неколку месеци“, но дека тоа не е долгорочно решение. „Сè уште мислам дека Украина има многу предности“, вели тој.
Путин изјави дека „делумната мобилизација“ ќе биде ограничена само на припадниците на воените резерви, особено на оние кои имаат борбено искуство или специјални вештини. Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу прецизира дека војската ќе се обиде да регрутира до 300.000 резервисти во фази.
Припадниците на руските воени резерви почнаа да добиваат известувања на 20 септември да се појават на двонеделни сесии за обука кои започнуваат кон крајот на овој месец.
„Измислена бројка“
Аналитичарите се сомневаат во способноста на Русија да регрутира, обучува, храни и опреми толку голема сила во скоро време.
Марк Хертлинг, поранешен командант на силите на американската армија во Европа, вели дека ќе биде „исклучително тешко“ да се мобилизираат 300.000 луѓе. Дара Масикот, воен аналитичар во корпорацијата РАНД, тинк-тенк со седиште во Вашингтон, вели дека руското Министерство за одбрана дозволило неговиот систем за мобилизација да се „распаѓа“.
„Тие нема да можат добро да ја направат оваа мобилизација. Системот структурно не може да се справи со тоа“, вели таа.
Видете и ова: Зеленски до руските војници – Предајте се, ви ветуваме цивилизиран односСпоред Институтот за проучување на војната, Русија има повеќе од 2 милиона поранешни регрути и службеници со договор во резерва „на хартија“. Сепак, малку од нив се активно обучени или подготвени за војна.
Во Соединетите држави, припадниците на воените резерви мора да учествуваат во месечни вежби и двонеделна годишна обука. Кофман вели дека постои природна граница за тоа колку војници Русија може да распореди во Украина во секое време.
„Без разлика на тоа колку персонал мобилизираат - без оглед на бројот што може да го замислите - руската војска е всушност прилично ограничена во бројот на војници што може да ги одржи и командува“, рече Кофман.
Неуспешна инвазија
Путин им нареди на некои од најдобрите руски сили да ја нападнат Украина на 24 февруари под очигледна претпоставка дека ќе бидат пречекани како ослободители - едно од неколкуте длабоко погрешни очекувања што произлегоа од лошото разузнавање и други фактори. Украинските сили пружија жесток отпор, нанесувајќи и сериозни загуби на руската војска.
На почетокот на август, пред контраофанзивата на Украина на исток, официјален Пентагон процени дека од 70.000 до 80.000 руски војници биле убиени или ранети.
„Комплексна“ ситуација на бојното поле во источна Украина - Британско разузнавање
Русија се обиде да собере нови сили ова лето, нудејќи им на волонтери кои се согласија да потпишат краткорочни договори за месечни плати далеку над националниот просек. Кампањата не успеа да привлече значителен број волонтери, демонстрирајќи го недостигот на интерес кај Русите за борбите во Украина и – по напредокот на Киев овој месец – го поттикна Путин да започне акција за мобилизација.
Русите во Москва, Санкт Петербург, Екатеринбург и други градови протестираат на улиците по најавата на Путин, а некои го повикуваат да оди сам да се бори. Илјадници луѓе беа приведени.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Многу млади Руси ја напуштија земјата по инвазијата и повеќе се обидоа да ја напуштат на 21 септември, а цените на авионските билети се зголемија како што се зголеми побарувачката.
„Илјадници Руси - нашите татковци, браќа и сопрузи - ќе бидат фрлени во машината за месо на војната“, наведува Весна, руско опозициско движење кое повика на протести.
Низок морал
Иако мобилизацијата би можела да помогне во решавањето на проблемот со руската работна сила во наредните месеци, нејзината војска, исто така, страда од недостиг на професионални војници, лидери и обучувачи, како и од слаб морал, велат експертите.
„Кога зборуваме за работна сила, не е важна само количината. Станува збор за тоа колку добро се обучени војниците, колкава кохезија имаат единиците, каков е моралот - сите овие видови нематеријални работи влијаат врз тоа колку се корисни единиците“, рече Ли.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
„Оваа војна сè повеќе ќе се води од доброволци од украинската страна кои се мотивирани и кои имаат морал. Од руска страна ќе видиме се поголем и поголем дел од луѓе кои не сакаат да бидат таму“, вели тој. Украинските регрути и волонтери минуваат низ попрофесионална обука од британските сили и „тоа само ќе стане поважно со текот на времето“, рече тој.
Многу руски офицери кои обучуваат резервисти беа испратени на фронтот на почетокот на оваа година како замена или да водат дополнителни сили, што покрена прашања за тоа кој ќе ги подготви и води новомобилизираните луѓе, велат аналитичарите.
Русите брзаат за летови по повикот за делумна мобилизација
Масикот вели дека на руската војска може да и бидат потребни „месеци до една година“ за да создаде добро обучена оклопна единица која има шанса во најголемата војна во Европа од Втората светска војна. Русија го упати новосоздадениот 3-ти армиски корпус во регионот Харкив кон крајот на август по околу еден месец обука. Брзо беше разбиена од украинските сили.
Експертите рекоа дека Русија најверојатно ќе ја испрати првата група регрути во првите редови, каде што некои од нејзините борбени единици се со половина капацитет.
„Само почеток“
Ли смета дека поранешните регрути кои се надвор од силите со години нема да бидат во позиција да направат многу по две недели обука, ако веќе немаат напредни вештини.
Со оглед на тоа што држењето на Путин на власт е загрозено во оваа војна и Украина се чини дека го задржува моментумот во оваа фаза, Путин можеби нема да се држи до наведените граници на сегашната „делумна“ мобилизација, велат аналитичарите.
Еден дел од декретот за мобилизација на Путин беше задржан од јавноста, што ги зголеми сомневањата дека напорите може да се прошират во секое време.
„Оваа фаза на мобилизација можеби е само почеток на поголема мобилизација. Сите во Русија разбираат дека би можеле да бидат во следниот бран и дека ова е само почеток“, рече Кофман.