Регионалната иницијатива Отворен Балкан не е загрозена на ниту еден начин од инвазијата на Украина велат од македонската влада на прашање на Радио Слободна Европа. Прашањето за одржливоста на иницијативата се наметнува во услови во кои Русија ги стави на црна листа Северна Македонија и Албанија, а од друга страна Србија не се приклучи кон санкциите против Руската Федерација.
Откако Руската Федерација покрена инвазија врз Украина, што набрзо се претвори во војна, Европската унија, Соединетите Американски Држави и Велика Британија воведоа низа санкции кон Русија, на што Кремљ одговори со иста мерка.
Забрчанец - Иницијативата не е загрозена
Националниот координатор за Отворен Балкан и за регионални иницијативи во Владата, Марјан Забрчанец во писмен одговор за РСЕ вели дека сите членки во иницијативата се убедени дека таа е одржлива, имајќи предвид дека од ден во ден се зголемува бројот на граѓани и компании кои ги гледаат, разбираат и чувствуваат директно придобивките и олеснувањата од постоењето на Отворен Балкан.
„Што се однесува до ставовите на Србија, по однос на украинската криза, не смее да се заборави дека ОН резолуцијата за осуда на воената агресија врз Украина пред неколку дена беше поддржана од Србија, дека Србија застана зад суверенитетот на Украина и дека таквиот чекор на 9 март беше препознаен и јавно поздравен од страна на потсекретарот за политички работи на САД, Викторија Нуланд.“
На прашањето како би функционирала иницијативата ако санкциите се зголемуваат, а Србија не се придржува и за тоа дали постои можност некако новата ситуација да се одрази на договорите потпишани во рамки на оваа иницијатива, Забрчанец одговара:
„Иницијативата има јасно утврдени цели, иницијативи и проекти кои во овој момент не се загрозени на ниту еден начин, напротив се засилува имплементацијата на веќе договореното и се развиваат идеи за соработки во нови области“, вели тој во писмен одговор за РСЕ.
Иницијативата Отворен Балкан ја иницираа лидерите на Србија, Македонија и Албанија со идеја да се овозможи полесен проток на луѓе, стока и капитал на ниво на трите држави.
Економскиот аналитичар Арбен Халили, кој беше и директор на Технолошко индустриската развојна зона во Тетово, за РСЕ вели дека војната во Украина го става на тест Отворен Балкан, особено со тоа што Србија не се приклучи кон санкциите за Русија.
„Реално, токму поради кризата што се случува и санкциите од ЕУ кон Русија и обратно, верувам дека Отворен Балкан нема да опстане уште долго како формална иницијатива, може соработката меѓу Србија, Македонија и Албанија да продолжи, но целите што се најавуваа кога се формираше оваа иницијатива не верувам дека ќе успеат да се реализираат“, вели Халили.
Тој вели дека не може да има Отворен Балкан, со една земја лидер - Србија, а Македонија и Албанија стојат позади.
„Единствена земја што има придобивки од тоа е Србија, најголем пазар е, најмногу произведува и се разбира, условно речено, може да прави економска инвазија врз Албанија и врз Македонија. Се додека не бидат вклучени сите земји во една таква иницијатива, ние не можеме да очекуваме дека тоа ќе биде успешно“, вели Халили за РСЕ.
Војната во Украина го одложи планираниот состаник за мај
Војната во Украина во одложи планираниот состанок на претставниците на Отворен Балкан. Македонската влада ја откажа средбата на тројцата премиери, која беше планирана за денеска и утре во Охрид и во Скопје.
Од Стопанската комора на Србија за РСЕ велат дека одложувањето било договорено за да може дотогаш сите да се посветат на обезбедување услови за непречено функционирање на стопанството и да ги согледаат впечатоците и последиците од војната во Украина врз стопанството.
Македонските земјоделци и возачи на камиони први го почувствуваа ударот од руско-украинската војна на свој грб. Нарачките се откажуваат, а празните камиони чекаат производи за транспорт. Македонската трговска размена со Русија во изминатите пет години бележеше пораст и Русија е меѓу првите 20 земји со кои Македонија има трговска размена, додека Украина не се наоѓа на оваа листа. Кризата се одрази и на поскапување на храната и на горивата, па македонската влада донесе 26 мерки за справување со кризата.
Соработката важна во кризни моменти
Од Стопанската комора на Србија велат за стопанствениците и за компаниите од трите земји членки на Отворен Балкан оваа иницијатива е и ќе биде многу одржлива. Од таму велат дека никој со сигурност не може да ги предвиди последици по европската и светската економија.
„На стопанствениците им се потребни предвидливи услови за работа и спроведување на договорите и мерките со кои им се олеснува работењето“, велат од Стопанската комора на Србија.
Според нив, стопанството на Западен Балкан, па и на трите членки на Отворен Балкан во најголема мера се насочени кон Европската унија, која на сите им е најголем надворешен трговски партнер и од таму доаѓаат најголем дел од странските инвестиции.
„Сметаме дека примената на договорите ќе биде најголем тест за успешноста на самата иницијатива. Истовремено, меѓусебната соработка и солидарност на земјите на Западен Балкан е особено важна во кризни моменти, што се и покажа во соработката за време на пандемијата“, наведуваат од Комората.
На прашање на РСЕ дали постои опасност стока од Русија преку Србија, за која Кремљ нема воведено санкции, да се најде на македонскиот или албанскиот пазар, од Комората велат дека олеснувањата во рамки на Иницијативата се однесуваат само на стока со потекло од овие три земји потписнички на Отворен Балкан.
Ставот на македонската влада пак е дека обврските преземени во рамките на иницијативата, на ниту еден начин не го попречуваат придружувањето кон санкциите предвидени со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ во однос на Руската Федерација
Пораки од властите во Србија и Албанија
Откако започна војната во Украина, претседателот на Србија, Александар Вучиќ во јавноста не посветува многу внимание на Отворен Балкан. На тоа се осврна во интервју за телевизија Пинк на 12 март, кога рече дека Србија е определена за Отворен Балкан и дека соседите ќе си снабдува со брашно и друга стока.
Владата на Србија на 10 март забрани извоз на пченица, брашно, пченка и масло. Тоа според зборовите на Вучиќ е направено поради тоа што во последните денови драстично пораснал извозот на пченица и брашно.
Претходно, Украина, која е на четврто место во светот по извоз на храна, одлучи да го блокира извозот на рж, хељда, просо, шеќер, сол и место до крајот на 2022 година.
Премиерот на Албанија Еди Рама на 13 март изјави дека Албанија преговара со Србија за набавка на дел од житарките што претходно било договорено од албанските компании.
Зошто САД се оптимисти?
За време на неодамнешната посетата на САД, претставници од земјава, од Србија и од Албанија имаа средба со високиот американски функционер Габриел Ескобар. Националниот координатор за Отворен Балкан, Забрчанец вели дека од властите во САД била изнесена силна и јасна поддршка за регионалната иницијатива, а како импресивна била оценета економската и политичката соработка која се развива меѓу трите земји членки, со можност истата да се проширува.
„Тие особено се заинтересирани да го поддржат овој поинаков Западен Балкан кој не е базиран на 90-те туку на денешната реалност во нашиот регион. А, реалноста значи регионална соработка и отстранување на сите пречки за слободно движење на луѓе, стоки, производи и услуги.“
На прашања на Радио Слободна Европа дали за САД во моменталната геополитичка ситуација е одржлив напредокот на иницијативата од Амбасадата на САД во Србија велат дека на земјите членки е да одлучат. Од таму додаваат дека Руската Федерација нема вето на економската интеграција на Западен Балкан. Од Амбасадата велат дека економската интеграција на Западен Балкан е клучна за изградба на долгорочен просперитет и стабилност на регионот.
„Отстранувањето на бариерите за унапредување на трговијата и за соработка во регионот, како и изградба на доверба меѓу соседите, е паметен чекор“, се наведува во одговорот на Амбасадата за РСЕ.
Видете и ова: На „Отворен Балкан“ му недостасува ист профил работна сила
Што е до сега постигнато?
Сега со Отворен Балкан, сериозно се скратени постапките околу фитосанитарните, ветеринарните и останатите безбедносни проверки на квалитетот на храна и земјоделски производи, велат од македонската Влада за РСЕ.
Од таму велат дека наскоро на граничните премини ќе видиме табли со визуелни ознаки на посебните зелена ленти за камионите од Отворен Балкан, преку кои брзо, без застој и без чекање ќе ги проаѓаат границите.
Од Владата велат дека интензивно се работи на активирање на протоколите за работни дозволи.
Паралелно со тоа, се финализира листата на царински, гранични и инспекциски такси и давачки кои граѓаните и фирмите веќе нема да ги плаќаат при влез и излез од својата држава кон било која друга членка на Отворен Балкан.
Лидерите на Отворен Балкан особени се заинтересирани и за областите туризам и култура, со посебен фокус на младите луѓе како корисници на придобивките, се наведува во писмениот одговор.
Иницијатата е отворена, но ентузијазам за проширување нема
Иницијативата која на почетокот се нарекуваше Мини Шенген, е основана во октомври 2019. Од тогаш се одржани неколку состаноци. Последниот се одржа во декември 2021 во Тирана, кога беа потпишани договорите за слободен проток на пазарот на труд меѓу трите земји, како и неколку договори од областа на ветерината и фотосанитарната инспекција.
Иницијаторите на Отворен Балкан постојано повторуваат дека оваа иницијатива е инклузивна и ги повикуваат другите земји од Западен Балкан да се приклучат, но Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово не гледаат со ентузијазам на таа идеја.
Соработници на текстот: Душан Комарчевиќ и Амра Зејнели.