Руското Министерство за одбрана денеска соопшти дека 1026 украински војници од 36-тата поморска бригада го положиле оружјето и се предале во Мариупол, но нема потврда од украинските власти.
Видете и ова: Британија предупредува дека Русија цели на цивилиАко оваа информација биде потврдена, тоа ќе биде голем удар за украинските напори да ја задржат контролата врз овој пристанишен град на Азовското Море, каде што со денови се водат жестоки улични борби откако Русија го започна нападот врз Украина на 24 февруари.
Руската државна телевизија Росија 24 објави видеоснимка од војници кои маршираат со кренати раце во Мариупол, за кои вели дека се украински маринци кои се предале. Слични видеоснимки кружат по социјалните мрежи, а ги објавуваат блогери блиски до Кремљ. Не може независно да се потврди автентичноста на снимките.
Кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски засега не даде коментар, а нема информации ни од украинското Министерство за одбрана. Портпаролот на Министерството за Ројтерс рекол дека засега нема информации дали овие извештаи се точни.
Вадим Денисенко, помошник на украинскиот министер за внатрешни работи, за „Сегашно време“ ги отфрли руските тврдења и рече дека не се потврдени од украинската војска.
Советникот на Зеленски, Олексеј Арестович, објави контрадикторна изјава на Фејсбук, тврдејќи дека 36-тата поморска бригада ги пробила линиите на борба и им се придружила на единиците на Азовскиот баталјон, друга воена единица која го брани градот.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Руското Министерство за одбрана соопшти дека предавањето се случило во фабриката за железо и челик Илијч и дека на 151 ранети војници им била укажана помош на лице места, а потоа биле пренесени во болницата во Мариупол.
Претходно денеска, чеченскиот лидер Рамзан Кадиров, чии војници учествуваа во рускиот напад врз Мариупол, исто така, рече дека над 1000 украински маринци се предале.
Додека конвои со руска воена опрема се движат од повеќе правци кон регионот Донбас во источна Украина во пресрет на очекуваната офанзива, украинските претставници велат дека нема хуманитарни коридори за евакуација на цивилите од неколку локации.
Вицепремиерката Ирина Верешчук, во изјава на Телеграм денеска, ги обвини руските сили дека не се придржуваат до договорите со кои треба да се дозволи евакуација.
Видете и ова: Украина ги истражува наводите за напад со хемиско оружје, Русија негира„Во регионот Запорожје, [Русите] ги блокираат автобусите за евакуација, а во регионот Луганск го прекршуваат прекинот на огнот“, рече таа.
Вчера се појавија информации за наводен хемиски напад во Мариупол, а украинските власти и западните претставници велат дека ги испитуваат таквите наводи, кои предизвикуваат меѓународна загриженост.
Заменик-министерката за одбрана на Украина Хана Маљар вчера изјави дека воените власти ги истражуваат наводите дека неодреден број луѓе во Мариупол добиле респираторни и невролошки заболувања по напад со дрон.
„Има теорија дека тоа би можело да биде фосфорна муниција“, рече таа денеска во телевизиско интервју.
Русија негираше дека користи хемиско оружје.
Велика Британија се закани дека ако се потврди дека било користено хемиско оружје, ќе има одговор.
Во меѓувреме, претседателите на Полска, Литванија, Летонија и Естонија денеска соопштија дека тргнале кон Киев на средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски. На фотографијата која ја објавија на Твитер, претседателите на четирите земји стојат пред украински железнички патнички вагон.
„Ја посетуваме Украина за да покажеме силна поддршка за украинскиот народ. Ќе се сретнеме со драгиот пријател, претседателот Зеленски“, наведе претседателот на Естонија Алар Карис.
Руските сили, во првата фаза од војната, не успеаја да го заземат Киев или другите поголеми градови во Украина, поради жестокиот отпор со кој се соочија, а сега ги насочуваат своите сили кон регионот Донбас во источна Украина.