Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји во разговорот со американскиот државен секретар Ентони Блинкен на 27 јануари, ги предупреди Соединетите држави и нивните сојузници да не ја „потпалуваат кризата“ околу Украина и повика на мирно решавање, велејќи дека „разумните безбедносни грижи на Русија треба да се сфатат сериозно“.
„Регионалната безбедност не може да се гарантира со зајакнување или дури и проширување на воените блокови“, рече Ванг во врска со барањето од Кремљ да не ѝ се дозволи на Украина да се приклучи на НАТО.
Иран, Русија и Кина со заеднички воени вежби
Пекинг беше релативно молчалив околу трупањето на повеќе од 100.000 руски војници, но забелешките на Ванг, кои ги повторија пораките од рускиот претседател Владимир Путин, беа најексплицитните досега на Кина во поддршка на Кремљ, што ја одразува растечката врска меѓу владите на двете земји и нивната заедничка опозиција кон Соединетите држави.
Иако не се дел од заеднички формален сојуз, Пекинг и Москва негуваат дипломатски и одбранбени врски во силно партнерство кое се чини дека ќе се продлабочи кога Путин во Кина ќе одржи средба со претседателот Си Џинпинг и ќе присуствува на церемонијата на отворање на Олимписките игри во Пекинг на 4 февруари.
Аналитичарите велат дека Кина исто така гледа на тоа како клучен тест за американската решителност и силата на трансатлантските врски, што може да има долгорочни последици за пристапот на Пекинг околу сопствена геополитичка точка со Тајван.
Кина демантира дека ги проширува нуклеарните капацитети
„Кина секогаш сакала западните сојузи како НАТО да се држат под притисок. Тоа ја прави оваа криза многу повеќе од само криза со Украина. Тоа е, исто така, поширок притисок за Западот од гледна точка на Пекинг“, изјави за РСЕ Тереза Фалон, директорка на Центарот за студии за Русија и Евро Азија во Брисел.
Лакмусов тест?
Тензиите во Тајванскиот теснец, областа што го дели островот од континентална Кина, се зголемија во последниве години, при што Пекинг рутински испраќа авиони за да го нарушува тајванскиот воздушен простор и одржува воени вежби блиску до островот.
Пекинг смета дека Тајван е провинција на Кина, а „повторното обединување“ со островот стана цел на претседателот Си Џинпинг. Иако кинескиот лидер постојано зборува за евентуално мирно обединување со Тајван, тој во последно време вели дека Пекинг ќе го врати со сила ако е потребно.
Видете и ова: САД и Кина разговараа за Украина„Украина е место каде што се спојуваат интересите на Русија и Кина. Тие имаат многу различни долгорочни цели, но во блиска иднина тие се обединети за да ја нарушат моќта на Соединетите држави и европската кохезија“, изјави за РСЕ Џесика Брант, соработник во Институтот Брукингс.
Соединетите држави беа гласни во своето противење на руските воени движења во близина на украинската граница, а Блинкен во интервјуто за РСЕ на 27 јануари изјави дека Русија ќе се соочи со „масивни последици“ ако го избере „патот на агресија“ врз Украина.
Но, барањата на Кремљ за мораториум на проширувањето на НАТО и повлекување на трупите и оружјето на Алијансата подалеку од Русија, исто така, ги разоткрија празнините во одговорот на Западот.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Соединетите држави и нивните сојузници, наводно, собрале казнен сет на финансиски, технолошки и воени санкции против Русија кои ќе стапат на сила набргу по обновената инвазија на Украина. Но, поделбите околу тоа како да се спроведат таквите мерки, особено во Германија и Франција, може да го намалат нивното влијание.
Русија и Кина во обединет фронт за време на зголемени тензии со Западот
Недостатокот на сплотеност околу мисијата како најдобро да се работи за одвраќање на Русија или какви мерки да се преземат во случај на напад на Украина, исто така беше прикажано по одбивањето на Германија да ѝ даде дозволи за повторен извоз на Естонија за испраќање артилерија од германско производство во Украина.
„И Кина и Русија можат да ги прошират оние пукнатини што веќе постојат во трансатлантскиот сојуз. Тоа е зрела можност за нив да ги остварат овие цели“, смета Брант.
Но, додека аналитичарите велат дека тензиите во Украина се важен тест што Кина го следи и дека неединството на Западот би можело да го охрабри Пекинг во иднина, плановите на Кремљ за Украина веројатно нема да ги сменат пресметките на Кина за употреба на сила против Тајван.
За разлика од Украина, Соединетите држави се обврзани со закон да го заштитат Тајван. Покрај тоа, многу експерти веруваат дека Пекинг претпочита да користи економски и политички алатки, наместо воени, за да влијае врз Тајпеј и да ја преземе контролата врз островот.
„Сигурно ќе има импликации од инвазијата на Русија во Украина кои ќе влијаат на пресметките на Кина во својот контекст за Тајван, но тоа е само еден елемент меѓу многуте. На крајот на краиштата, она што Кина го прави во Тајван нема да биде одлучено од она што го прави Москва во Украина“, изјави за РСЕ Зуза Ана Ференчи, соработник на Националниот универзитет Донг Хва во Тајван и поранешен советник на Европскиот парламент.
Нов вид на партнерство
Во услови на обновениот притисок на Русија врз Украина, руско-кинеските односи растат на нивоа што се чинеа неверојатни пред само една деценија.
Андреј Денисов, рускиот амбасадор во Кина изјави дека Москва редовно го ажурира Пекинг за напредокот во нејзините безбедносни разговори со Соединетите држави и дека кинеските државни медиуми и дипломати почнаа да ги повторуваат ставовите на Русија во врска со тензиите со Украина и НАТО кои ја прикажуваат Алијансата како агресор додека Вашингтон ја користи ситуацијата за политичка корист.
Кинеската добра волја кон Русија беше прикажана и на 15 декември, кога Си и Путин разговараа за нивното партнерство наспроти растечките конфронтации со Соединетите држави и заедничкото непријателство кон Западот.
Овој разговор ги истакна начините на кои Русија и Кина се потпираат една врз друга за взаемна поддршка, при што Путин го критикуваше партнерството на АУКУС (Австралија, САД и Британија) во Пацификот, а Си ги поддржа барањата на Москва за безбедносни гаранции за ограничување на западотното влијание низ поранешниот Советски Сојуз.
Кремљ соопшти дека безбедноста во Европа, исто така, ќе биде на дневен ред кога Путин ќе престојува во Кина. Тоа ќе биде прва средба лице в лице на кинескиот лидер со шефот на руската држава по речиси две години и двајцата ќе се обидат да го зацврстат своето партнерство во услови на ривалство со Вашингтон.
Но, иако руските и кинеските лидери продолжуваат да покажуваат „обединет фронт“, Ференчи вели дека не е познато дали Кина целосно ќе поддржи уште една руска инвазија на Украина.
„Руската инвазија би имала пошироки импликации за другите делови на светот. За Кина, прашање е дали тоа е добро за нејзините интереси или дали е подобро Русија да се воздржи“, рече таа.