Нема реална слика за поддршката на анти-корона рестрикциите

Илустрација

По забрзаното ширење на пандемијата повторно се зголемија рестрикциите за луѓето, а со тоа растат и критиките или подршките. Но, освен постови на социјалните мрежи, нема реална слика за расположението на граѓаните

Надлежните институции се под голем притисок поради пандемијата и забрзаното зголемување на бројот на заразени од корона вирус, што доведе до заострување на мерките, а со тоа и до зголемувања на подршките или критиките во јавноста.

Фејсбук или Твитер се место каде што кружат коментари, конфронтации и искажување ставови. Може да се забележи дека дека едни групи на граѓани се нервираат зашто го немаат вообичаеното секојдневие или како да не сфааќаат зошто мора да се почитуваат мерките, додека други здравствено се чувствуваат загрозени порaди оние кои не ги почитиваат мерките.

Чудооо, чудооо ни се случува!

Професорот Горан Јанев од Институот за социолошки и политичко правни истражувања вели дека општото расположение вистински може да се види преку испитување на јавното мислење.

„Ако сакате да проверите некоја мерка треба да видите дали има расположение и дали имате отпор, треба да се види каде се наоѓа тој отпор- демографски, образовно, по региони... а не "рекла казала" по фејсбук. За тоа одговори може да дадат сериозни истражувања. Ние сме спремни за тоа, но никој не сака да не праша“,вели професорот Јанев.

Тој вели дека нема реална слика за расположението ниту пак е разработено за да се знае кој се тие слоеви на граѓани кај кои се јавува отпор, ако го има. Според него, со истражување треба да с е види и каде најлесно поминува пораката за ограничувањата , сегментирано по демографски критериуми- млади, возрасни, родители со деца или без деца, професии, високо или ниско образоване ,вид на дејност итн.

Видете и ова: Почитување мерки за да се избегне здравствена и економска катастрофа

Јанев нагласува дека истражувањато на јавното мислење, не само што може да даде слика за општото расположение за некое прашање, туку во ,исто време, може и да одговори во кои сектори и сегменти на општеството треба да се делува зајакнато, наведувајќи и друго забелешки.

„За секое прашање потребно е да се бара и еден вид на умереност односно прилагодување и кроење на посоодветени мерки или начин на соопштување на мерките, а тоа е можно доколку имате сознанија со кого и како работите. Тоа значи да се истражи јавното мислење и да се открие како како реагираат младите, што мислат повозрасните , кој се чувствува позагрозен, кој се става во ризична група, кои не веруваат, зошто не веруваат, да се видат нивните канали на информации, да се види кои од нив се релевантни кои не се“, вели професорот Јанев.

Министерот за здравство Венко Филипче деновиве рече дека засега на се планира воведување полициски час или карантин, оценувајќи дека сегашните мерки се добро димензионирани. Според неговите зборови за десетина дена треба да се видат првичните резултати од новите анти–ковид мерки, а за еден месец очекува вистински резултати.

Дел од луѓето не ја сфаќаат доволно сериозно пандемијата?

Инаку, некои здравствени работници во изминатиот период укажуваа дека има граѓани кои не веруваат во вирусот, или не ги почитуваат и претходните мерки летото, особено младите кои присуствуваа на масовни забави без маски во некои дискотеки, а посочуваа и дека има и интелектуалци кои објавуваат слики на социјалните мрежи од прослави на кои се гледа дека не се придржуваат до мерките.

Но, по првите денови на есента откако бројот на починати веќе надмина 1000, а државата почна да бележи и над илјада случаи на заразени дневно, властите оценија дека е добро и погласно да се размислува за мерките, па за потребата од носење на маска и на отворено започнаа кампања.

Генерално властите велат дека постапуваат чекор по чекор и во зависност од тоа како се развива ситуацијата.

За досегашните постапки на властите кружат многу коментари и на фејсбук страницата на Радио Слободна Европа.

Некои веројатно не веруваат и во високите бројки на новозаболени од Ковид-19 последнава недела-две, па на пример Калеша Македонска на страницата на РСЕ постирала : „Едно време за брис се чекаа со недели, сеа ного спретни станате, по илјадници тестови на ден, чудоооо, чудооо ни се случува“.

И кампањата „Носам маска“ на Владата и на Министерството за здравство со цел поддршка на Комисијата за заразни болести, некои посетители на ФБ страницата на РСЕ ја дочекуваат со негативни коментари. Изет Бафтијар напишал: „Од од каде пари за маски“.

Видете и ова: Ја губи ли државата контролата врз пандемијата?

Новите мерки освен носење маска и на отворено, предвидуваат угостителските објекти да затворат до 21 часот,а потоа да може да работат само за продажба на храна преку шалтер или за достава до дома, се воведе забрана за групирање на повеќе од четири лица на надвор по 21 часот. Се препорача граѓаните по 21 часот без поголема потреба да не се движат на јавен простор.

Угостителите деновиве се очајни порачувајќи дека со работа до 21 часот ќе претрпат непоправливи штети.

Јанев порачува дека потребна е кампања заснована на знаење, а со мерките да не се одлучува избрзано. Тој алудира меѓу другото и на случајот со текстилните работници, чии кластери и натаму претставуваат сериозен ризик за ширење на болеста, додека во исто време голем број текстилните работнички беа превезувани во автобуси на начин на кој беше прекршувана уредбата за организирање на јавниот транспорт, и не можеа да држат растојание во автобусите.

„Има загрозени граѓани каде ги тераат да се качуваат во автобуси, во текстилната индустрија за поевтин презвоз. Треба да се види кај се оние места каде има загрозени граѓани, за да препорачаат најконкретни мерки", вели тој и дополнува дека потребно е понатаму да се види кој се можни жаришта на вирусот кај нас, како и кои се тие навики и обичаи што доведуваат до зголемен број на заразени.

Со други зборови кажано професорот Јанев порачува дека e потребни "да се води кампањa заснована на знаење, а не само на претпоставки".

Корона криза и мерки - угоре високо, удолу длабоко

Инаку неодамна на тема пандемија и подршка или отпор за рестрикциите глобална истражувачка мрежа финансирана од британската влада, изминатиот период навeде дека ограничувањата со КОВИД-19 во некои земји ги зголемиja социјалните норми на начини со нив да се потикне зголемување на почитувaњето на мерките .

Меѓународниот центар за развој (ИГЦ) препорача дека „прифаќањето на една општествена норма зависи во голема мера од силното лидерство кое промовира наратив зад кој заедниците можат да се обединат.

Инаку, од друга страна, пак, незадоволството од рестрикциите во некои земји и градови во Европа доведоа и до протести на кои излегоа дел од граѓаните, а тоа најмногу можеше да се види на улиците во Италија каде имаше и насилства, а протести имаше и во Брисел, Германија, и Шпанија.