„Рекет“ при крај, Кичеец чека правосилност на пресуда од слобода

Зоран Милески Кичеец и Катица Јанева на судење за „Рекет“

Што се случува со судскиот процес за „Рекет“? Опозицијата обвинува дека власта меша прсти во случајот. Од ОЈО не ни одговорија дали стравуваат дека осудениот Зоран Милески - Кичеец може да ја напушти земјава како што тоа го направија речиси десетина обвинети и осудени во високо профилни случаи. Имено тој прависилноста на пресудата ја чека на слобода.

Контроверзниот случај во кој на казна затвор може да биде осудена првата специјална обвинителка во земјава е при крај. Правната разрешница за предметот „Рекет“ се очекува да пристигне до крајот на мај. Судијката Васка Николовска Масевска, која го во води предметот што со месеци беше главна тема во медиумите и главна причина за политички препукувања, ги закажа за две недели последните рочишта на кои обвинетите Катица Јанева и Бојан Јованоски познат како Боки 13 ќе треба да ја дадат својата одбрана, по што ќе следуваат завршни зборови и пресуда.

Во меѓувреме осудениот соучесник Зоран Милески Кичеец кој призна вина и доби 3 години затвор, правосилната пресудата ќе ја чека на слобода.

Милески на самиот почеток на судењето ја призна вината за делото – во кое се товареше за посредување и примање награда за договарање на средби меѓу Бојан Јовановски и бизнисменот и осомничениот во „Империја“ Орце Камчев и беше осуден на казна затвор од три години.

Милески беше во затворски притвор, по што доби куќен притвор и пред еден месец за време на вонредна состојба поради пандемијата со Ковид 19,домашниот притвор му беше заменет со мерки за претпазливост. Тој чека на слобода чека одлука на Апелација за неговата жалба,односно дали ќе му ја намали затворската казна, во која му се пресметуваат и деновите поминати во притвор.

Видете и ова: Камчева: Јанева не побара пари, Боки бараше


Куќниот притвор му е укинат и заменет со други мерки на претпазливост откако Јавнотото обвинителство дало согласност дека треба да се укине мерката куќен притвор, велат од судот.

Од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, пак, велат не сакаат времето од затворската казна осудениот да го помине дома.

„Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ценејќи ја понудената гаранција од страна на обвинетиот и имајќи ги предвид законските одредби според кои времето поминато во куќен притвор се засметува во ефективната казна, даде позитивно мислење за укинување на мерката куќен притвор.“ велат во одговорот од ОЈО.

Оттаму не одговорија на прашањето зошто се убедени дека осудениот нема да ја напушти земјава како што тоа го направија речиси десетина обвинети и осудени во високо профилни случаи.

„ Во однос на останатите прашања, Ве упатуваме да се обратите до повисоките судови во чија надлежност е одлучувањето за укинување или продолжување на мерките“, велат од ОЈО со што на некој начин се изземаат од евентуална одговорност во случај Кичеец да побегне од земјава.

Видете и ова: Стефанова - осомничените во Империја дознаваа сè што презема СЈО


Само во последниве две години и пол од земјава побегнаа 34 луѓе. Први нога повлекоа поранешните разузнавачи Горан Грујевски и Никола Бошковски кои беа обвинети во најголемата афера за прислушување. По нив иосудениот поранешен премиер Никола Груевски, потоа осудениот за убиството на Мартин Нешковски, Игор Спасов. Со меѓународна потерница се бараат и припадниците на Кондовската банда Агим Красниќи, неговиот брат Бесим Красниќи и Сеат Рамадани,како и обвинети за насилство и обид за убиство на пратеникот Зијадин Села – Никола Војминовски на 27 април во насилниот упад во Собранието. Меѓу бегалците своето има го впиша и гинекологот Николче Дамчевски кој е обвинет дека девет месеци лажел жена дека е трудна.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагираше минатата недела на укинувањето на домашниот притвор на Зоран Милески-Кичеец за предметот „Рекет“, кој како гаранција понудил недвижен имот во вредност од околу 240 000 евра.

На прес-конференција во партиското седиште, портпаролот Наум Стоилковски одлуката за укинување на куќниот притвор ја оцени како политичка и прстот го впери во функционерите од власта.

„Во саботата, за време на најдолгиот полициски час во земјава, Рускоска го пушти на слобода Зоран Милески-Кичеец, за кој цела јавност виде како носи торба со изрекетирани 1,5 милиони евра, заедно со Боки 13. Додека граѓаните гледаат да го спасат сопственото здравје, Заев и Спасовски го спасуваат Кичеец. Случајот со милионски рекет, зад кој повеќе од јасно е дека се крие некој од врхушката на власта застана кај Кичеец, Боки 13 и Катица Јанева“, изјави Стоилковски.

Обвинетатата поранешна обвинителка Јанева е во куќен притвор, додека првообвинетиот Јовановски е веќе 9 месеци во притвор во КПУ Шуто Оризари.

Според видео снимките кои се појавија во јавноста пред една година торбата Луј Витон тешка 1,5 милион евра, Зоран Милески Кичеец ја изнесе од домот на Орце Камчев во придружба на Бојан Јовановски. Камчев, кој, во овој предмет се јави во својство на сведок тврдеше дека е оштетен и дека Јанева заедно со Јовановски преку Кичеец пробале од него да изнудат милиони евра за да, како што кажа во судот Камчев, да му ја олеснат положбата во истрагата „Империја“, каде што е првоосомничен поради перење на 10 милиони евра.