Одлуката на ЕУ да не ја закаже првата меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија е големо разочарување, но и огромен неуспех за политиката на ЕУ, за проширувањето и лоша порака за целиот регион, порача премиерот Зоран Заев на денешната заедничка прес конференција со албанскиот премиер Еди Рама. Македонските евроинтеграции остануваат и понатаму блокирани откако Бугарија не даде „зелено светло“ за почеток на преговорите со Македонија на состанокот на Советот за општи работи во Луксембург.
„Гласот на Бугарија да не ја одобри рамката, наспроти едногласниот став на сите други земји сметаме дека не е во духот на добрососедските односи. Нашата позиција е јасна дека ЕУ не треба да биде заложник на билатерални прашања. Преговорите со ЕУ не смеат да се претворат во преговори со Бугарија. Прогресот треба да зависи од реформите и спроведување на европските стандари. Токму затоа сметаме дека во рамката не смеат да се внесуваат билатерални прашања. Тоа е опасен преседан и тоа е став кој го делат сите останати земји членки на ЕУ“, рече Заев.
Рама порача дека она што е фундаментално е дека двете земји оствариле се што ЕУ побарала од нив и ќе продолжат да работат и во иднина.
„Не сме ние тие коишто не успеавме, тие не успеаја. Тие ги имаат своите причини и ги разбирам тоа е нивниот дом, а ние сакаме да влеземе во таа куќа. Ние сме европејци без ЕУ, ние сме ЕУ, но сепак сме Европа. Единствениот проблем е што сепак тие можеа да кажат „ние ве сакаме, сакаме да бидете внатре но имаме некои работи кои прво треба да си ги решиме. Вашите простории, вашите соби се уште не се подготвени“. Тоа што тие постојано го викаат е вие уште не сте подготвени, но тоа не е вистина. Едноставно можеа да кажат „си ја завршивте работата, но ние не сме подготвени“, рече Рама.
Македонија иако требаше да излезе од чекалницата на ЕУ со решавањето на спорот за името со Грција наиде на нова пречка пред самото отворање на преговорите. Обидите за изнаоѓање на решение не вродија со плод, иако надежите беа дека тоа ќе се случи за време на португалското претседателство со ЕУ. По Португалија од први јули до крајот на годинава со Унијата ќе претседава Словенија. Според сегашните најави, и Љубљана ќе се обиде да бара решение меѓу Македонија и Бугарија.
Бугарија смета дека не се исполнува Договорот за пријателство кој беше потпишан во 2017 година со забелешки поврзани со историјата, а со тоа дека не се исполнети нивните барања за преговарачката рамка меѓу Македонија и ЕУ и не се исполнети условите за одржување на првата меѓувладина конференција.
Предвидувањата што ќе се случува во наредниот период е неблагодарно да се прават, но Словенија се обврза дека ќе го преземе португалскиот предлог и ќе работи на него и на доближување на ставовите, вели Симонида Кацарска од Институтот за за европска политика.
„Дали тоа ќе биде доволно и да се искористи некој краток период веднаш после изборите во Бугарија во јули е многу неизвесно. Во Бугарија претстојат и претседателски избори наесен поради што мислам дека во секој случај се одолжува перидот во кој ова прашање веројатно ќе се решава“, вели Кацарска.
Димитар Николовски од Евротинк смета дека земјата ќе биде заглавена на нејзиниот европски пат, но не очекува да трае толку долго како спорот со јужниот сосед.
„Сепак не очекувам дека на некој краток рок ќе се дојде до некакво решение и поместување во однос на спорот. Не би зборувал во месеци, но можеби гледам некоја шанса за поместување кога новата бугарска влада ќе има поудобна позиција во општеството, а сегашната Влада ќе биде при крај на мандатот“, вели Николовски.
Бугарското министерство за надворешни работи соопшти дека земјата е отворена за конструктивен дијалог со Македонија за време на претстојното словенечко претседателство со ЕУ. Заменикот министер за надворешни работи на Бугарија, Румен Александров изјави дека очекуваат од Македонија да започне во пракса да ги спроведува преземените обврски на високо ниво дадени на 17 јуни 2021 година во Софија за да може да се придвижи процесот во позитивна насока. Инаку на тој датум македонска делегација во Софија предводена од премиерот Зоран Заев достави предлози кои не беа соопштени во јавноста.
„Ова вклучува експлицитно одбивање на Република Северна Македонија од територијални, малцински и историски претензии кон Бугарија, промена на натписи и споменици кои влеваат омраза кон Бугарија во Република Северна Македонија, активирање на процес на рехабилитација на бугарските жртви од југословенскиот комунизмот. Без оглед на нашиот билатерален дијалог со Република Северна Македонија, Бугарија инсистира на тоа дека спроведувањето на Договорот за соседство од страна на Република Северна Македонија треба да биде вклучено во условите во идната рамка за преговори за пристап на Скопје во ЕУ “, изјавил Александров.
Кацарска посочува дека позициите кои што се поддржани во документите кои што ги усвои Бугарија се екстремни и доста максималистички позиции и со нив тешко ќе се изнајде заеднички јазик во однос на тоа како би можело да се продолжи напред.
Видете и ова: Софија останува на ставот- нема напредок за Скопје во ЕУ„Прашање е дали во догледно време ќе има политичко водство во Бугарија кое што ќе биде подготвено во одредена мера да отстапи од тие позиции. Нивното инсистирање историските прашања пред се да влезат во преговарачката рамка не е прифатено ни од нас, меѓутоа не е прифатливо ни за дел од земјите членки. Така што во тој контекст мислам дека и ние треба да го моделираме својот пристап кон ова прашање дека не сме само ние на едната страна, туку дека има и голем број на земји членки кои ценат дека ова прашање не треба да влезе во преговарачаката рамка“, смета Кацарска.
Според Николовски има простор да се направат отстапки од наша страна бидејќи веќе се зборуваше за тоа.
„Премиерот Заев има некои изјави за вметнување на Бугарите во преамбулата на македонскиот Устав, исто така за отворање на некои архиви и досиеја за репресии кои се случувале против луѓето кои се изјаснувале како Бугари за време на Студената војна. Иако ,сепак, тоа не е реципрочно и треба на тие теми да се зборува на двете страни од границата, меѓутоа како дел од некои преговори може отстапки од македонската страна да бидат во таа насака“, додава Николовски.
Минатиот месец релациите меѓу двете земји ги помрдна португалскиот предлог кој во Софија и Скопје го доставија еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и португалскиот министер за надворешни работи Аугусто Сантош Силва. Бугарија пролетва одржа избори, па официјални контакти за наоѓање решение меѓу двете земји беа речиси замрзнати. Сега соседната земја ја води службена влада, поради изборните резултати по кои не можеше да се формира политичка влада, а нови избори се закажани за 11 јули.