Не престанува фокусирањето, главно прекриено со разочарување и негативно расположение на домашната, но и на европската јавност по француското „не“ за Македонија и Албанија за почеток на пристапните преговори за членство во ЕУ. Можеби како мелем на рана се чини потегот на Европскиот парламент во Стразбур кој со огромен број гласови усвои Резолуција со која се бара почеток на преговори со двете држави.
Видете и ова: Симболични обиди за спас на македонските евроинтеграцииРечиси сите медиуми во земјава, електронските изданија на печатените, многубројните портали и неделниците – ја објавија веста дека Резолуцијата е усвоена со 412 гласови „за“. Порталот СДК.МК во наслов ја вади констатацијата за „грешката“: „Недоделувањето датум на Северна Македонија и Албанија беше грешка“. Веднаш по оваа вест, порталите го објавуваат и статусот на премиерот Зоран Заев на неговиот ФБ профил: „Благодарност до ЕП, ќе работиме уште повеќе за да си ја направиме земјата поубаво место за живеење. ЕУ знае дека нашето место е во европското семејство“.
Порталот Република објавува и колумна со наслов: „Оставете го Макрон на раат!“, во која авторот се чуди како македонските политичари биле „толку кратковиди да не сфатат што се случува“. Во колумната се наведува дека под Владата и премиерот Заев Македонија била држава без углед и без перспектива која се карактеризирала со феномените наречени „Боки 13 – Катица Јанева и целиот колапс на СЈО“.
Во неделникот Фокус, пак, пишува: „Членството во ЕУ не ни е единствена алтернатива, туку најдобра опција. Ако сме укапирале дека едно вето може да ни ги изјалови плановите, ако преговорите стануваат вистински маратон, тогаш да се посветиме на она што зависи од нас, доколку европските вредности навистина ни лежат на срце, не само европските пари“.
Во порталот Плусинфо се чита друга „објаснувачка“ колумна: „ЕУ не е клучен дел од проблемот“, со анализа на политиката на Унијата за прием на нови членки децении наназад, при што се наведува дека „Унијата, покрај другото, своите проценки ги гради и врз низа скапо платени искуства од приемот на источноевропските земји“ и на крај, поентата: „Земјите од Западен Балкан во овој момент немаат некаква понуда која би можела да биде привлечна за Унијата, но имаат натрупани проблеми и конфликтни ситуации, без оглед што тековните реформски напори покажуваат извесни позитивни резултати“.
Видете и ова: Тимоние: Самитот на ЕУ не е европска ХирошимаОнлајн магазинот Глобус го пренесува мислењето на германскиот коментатор, Берн Ригерт кој смета дека кредибилитетот на ЕУ и последиците во балканските земји не му биле толку важни на претседателот Макрон колку внатрешно-политичките аргументи, особено пред локалните избори, поточно, дека го имал предвид отпорот на Французите кон доселениците којшто се рефлектира и во отпорот кон приемот на нови членки кои би имале полесни критериуми за да се „закотват“ во нивната земја ако влезат во Унијата. „Без оглед што станува збор за долг пат до моментот на приемот, дел од Французите – по чии гласови пекаат и Макрон и десничарката Ле Пен, едноставно имаат аверзија кон Балканот, сметајќи ги неговите држави за дел од ’другите‘“.
Во фокусот на вниманието на електронските и онлајн медиумите заземаат место и зборовите од говорот на претседателот на Собранието, Талат Џафери на Европската конференција на претседатели на парламенти на тема: „Нашиот заеднички дом: следните 70 години“ во Стразбур, а по повод 70-годишнината на Советот на Европа, водечката организација за човекови права на Континентот, во која членува и Македонија. Независен наслови: „За нас не постои алтернатива освен тоа што е зацртано од осамостојувањето на земјата – полноправно членство во ЕУ и НАТО, уште поревносно продолжување со реформите за доброто на нашите граѓани и напредокот и развојот на нашата земја“.