Радев одби да испрати борбени авиони и тенкови од советската ера во Украина 

Бугарскиот Претседател Румен Радев

Во услови на политичка несигурност, преодната бугарска влада не е расположена да обезбеди воена помош за Киев, како што беше одлучено од претседателот Румен Радев, кој е познат по неговата наклонетост кон Кремљ

Со залихите на оружје од советската ера, Бугарија, земја со растечка индустрија за оружје, би можела да биде клучен сојузник на Украина, која е обучена и опремена токму со такво оружје, во нејзината војна против инвазијата на руските сили.

Но, со оглед на тоа што парламентот сега е распуштен пред изборите на 2 април, кои се петти по ред предвремени избори во последните две години, во услови на политичка несигурност, преодната влада не е расположена да обезбеди воена помош за Киев, како што беше одлучено од претседателот Румен Радев, кој е познат по неговата наклонетост кон Кремљ.

Радев, поранешен пилот на воздухопловните сили, го потврди својот тврд став на 21 март, одбивајќи да се приклучи на десетина земји од ЕУ во снабдувањето на Украина со најмалку милион артилериски гранати во текот на следната година.

„Бугарија не поддржува и не е дел од генералниот поредок за испорака на гранати на Украина“, рече Радев.

„Нашата земја ќе ги поддржи европските дипломатски напори за враќање на мирот“.

Радев, исто така, додаде дека Бугарија нема да обезбеди борбени авиони, системи за противракетна одбрана или тенкови на Украина се додека сегашната преодна влада е на власт.

Радев, заедно со Димитар Стојанов, привремениот бугарски министер за одбрана, неодамна изјавија дека пренесувањето на некои од воените резерви на земјата, вклучително и тенкови и авиони од советската ера, или системи за противвоздушна одбрана С-300, ќе ја ослабне сопствената одбрана на земјата.

Софија, исто така, се чини дека се откажува и од понудата од Вашингтон: да го донираат хардверот од советската ера на Украина, а САД да им обезбеди замена со други помодерни системи или пари.. Словачка и Грција пак, се две земји од НАТО кои би требало да ја прифатат оваа понуда на Вашингтон.

Придобивките од тој договор беа очигледни на 22 март кога словачкиот министер за одбрана Јарослав Над објави дека САД и понудиле на Словачка 12 нови хеликоптери Bell AH-1Z Viper со попуст од над 60% од нивната вредност, откако Братислава ги испрати своите пензионирани борбени авиони МиГ-29 во Украина.

C - 300 ракетен систем

И Бугарија секако треба да ги модернизира своите вооружени сили, тврди Атанас Запријанов, поранешен бугарски заменик-министер за одбрана, тврдејќи дека голем дел од нејзините резерви и онака се блиску до деактивирање.

„Ви гарантирам дека за пет години, запаметете ги моите зборови, ќе се каже дека ова старо железо е бескорисно, а ние ќе треба да ги фрлиме и да купиме нови“, изјави Запријанов за бугарскиот сервис на РСЕ.

Во Парламентот, противењето за помошта на украинската војска дојде особено од Бугарската социјалистичка партија (БСП) и екстремно десничарската партија Преродба. Дури и прозападната Влада предводена од Кирил Петков -- на функцијата од декември 2021 до јули 2022 година -- не беше во можност со своите коалициски партнери да ја надмине таа опозиција.

Во мај 2022 година, Парламентот гласаше само за поправка на украинската воена опрема во погоните во Бугарија, отфрлајќи го владиниот предлог за испраќање оружје во Киев.

Сепак, до декември 2022 година, прозападната фракција доби одобрение за првата пратка полесно оружје за Украина. Списокот на оружје во тој пакет беше доверлив, но владините претставници рекоа дека Софија главно ќе испраќа лесно вооружување и муниција.

Дотогаш, Бугарија, заедно со Унгарија, предводена од Виктор Орбан, премиерот кој е пријателски настроен кон Кремљ, беа единствените две земји членки во ЕУ што ги отфрлија украинските молби за воена помош.

Тајна воена помош

Меѓутоа, зад сцената, Бугарија веројатно правеше многу повеќе. Петков неодамна изјави дека неговата земја тајно ја снабдувала Украина со муниција и со многу потребното дизел гориво во првите месеци откако Русија ја започна својата целосна инвазија на 24 февруари 2022 година. Минатиот јуни, Александар Михајлов, тогашниот директор на Кинтекс, државана компанија за трговија со оружје и муниција, соопшти дека Бугарија испратила 4.200 тони оружје во Украина преку Полска.

Овие напори за воена помош за Украина може делумно да ја објаснат серијата експлозии во складишта за муниција во Бугарија во последниве години поради сомневањата за руска шпионажа, откри специјалната истрага на РСЕ.

Видете и ова: Бугарски експлозии, руски агенти и војната против Украина

Но, официјално, според германскиот Институт за светска економија Киел, кој следеше различни форми на надворешна помош за Украина, бугарското Министерство за одбрана и доставило на Украина шлемови, елеци, комплети за прва помош, зимска облека и чизми од воена опрема пред Парламентот да одобри испораки на оружје во декември 2022 година.

Тоа декемвриско гласање можеше да укаже на можен пресврт во Софија, но со распуштање на парламентот, Радев кој доби втор претседателски мандат во ноември 2021 година со поддршка на БСП, засега е цврсто на чело на државата, тоа изгледа помалку веројатно.

Бугарија има просперитетна индустрија за оружје, шеста по големина во Европа, и е специјализирана за производство и надградба на системи за оружје од советската ера. Во 2021 година, домашното производство на оружје генерирало повеќе од 1 милијарда лева (речиси 550 милиони долари), а голем дел од тоа производство е наменето за другите земји на НАТО, како и за државите во Африка и Азија.

Ројтерс во ноември 2022 година објави дека фабриките за оружје во Источна и Централна Европа „раздаваат пушки, муниција и други воени резерви со темпо што не е [видено] од Студената војна“ за да помогнат во помошта против инвазивните руски сили.

Видете и ова: Бугарски поранешен пратеник избран за шеф на Меѓународното движење на русофилите

САД нудат рака за помош

На 6 јануари, Вашингтон објави нова воена помош од 682 милиони американски долари за „европските партнери и сојузници да помогнат и да се поттикнат донации за воена опрема за Украина“.

Не само што Бугарија можеше да го искористи тој фонд за модернизација на својата војска во замена за трансфер на некои од нејзините постари системи во Украина, туку претходно во октомври 2022 година, Амбасадата на САД во Бугарија објави дека ќе даде скоро 40 милиони долари според слична шема само за оваа балканска земја.

Во декември 2022 година, американска делегација пристигна во Софија на разговори за можни испораки на бугарско оружје за Украина. Конкретно, американските официјални лица понудиле неодредени американски системи за оружје во замена Бугарија да испрати систем за воздушна одбрана С-300 во Украина.

Ваквото американско барање, наводно, го кажал американскиот секретар за одбрана Лојд Остин кога тој ја посети Софија на 19 март 2022 година, но без успех.

Овој пат, американските власти, наводно, понудиле повеќе од 240 милиони долари финансиски стимулации за да го убедат нивниот бугарски колега, изјавија извори за Бугарската служба на РСЕ.

Бугарското Министерство за одбрана не одговори на прашањата на РСЕ за тоа дали изразила интерес да учествува во она што е формално познато како Програма за надворешно воено финансирање на Вашингтон (ФМФ).

Стејт департментот на САД, исто така, одби да каже дали бугарските официјални претставници изразиле интерес за програмата.

Радев рече дека ако Бугарија ѝ донира на Украина некои од нејзините ракетни системи од советската ера, како што се нејзините С-300 и С-200, како и воени авиони МиГ-29 и Су-25 и тенкови Т-72, тогаш ќе и бидат потребни замени.

„Како врховен командант на вооружените сили, јас сум должен да инсистирам дека одбранбениот потенцијал на бугарската армија да не ослабе во оваа сложена ситуација, туку напротив, тој мора да се одржува и развива“, вети Радев.

Видете и ова: Бајден: САД ќе ја бранат секоја педа од територијата на НАТО

Сепак, бугарските високи функционери се чини дека ја игнорираат златната можност да ја модернизираат својата војска со дарежлива помош од Вашингтон, рече Запријанов.

„Од оваа милијарда [во американски долари воена помош објавена во септември 2022 година под ФМФ], [бугарската влада] ќе добие пари да купи што сака“, рече Запријанов за РСЕ.

Словачка може да послужи како пример за Бугарија, истакна Запријанов. На 17 март, Словачка објави дека ќе ги испрати сите 13 свои авиони МиГ-29 во Украина но не специфицираше датум. За возврат, САД ќе го компензираат трансферот со 745 милиони долари одбранбен материјал, додека ЕУ ќе обезбеди 200 милиони евра.

Доколку Бугарија ѝ го испорача на Украина својот систем С-300, таа би добила не само финансирање за помодерно оружје, туку и заштита на нејзиното небо со батериски системи за ракети во рамките на мисијата за воздушна заштита на НАТО, како што беше направено во Словачка, рече Запријанов. Тоа е победничка ситуација.

Плус, старите системи С-300 на кои сега се потпира Бугарија ќе бидат деактивирани за две или три години, тврди тој. Преостанати авиони МиГ вели,-- пријавени 4 или 5 на број -- би можеле да бидат извадени од употреба веќе до крајот на оваа година.