Работници до Владата - Доста е, претеравте

Благоја Ралповски - Конфедерација на слободни синдикати(КСС)

Нема социјален дијалог, не се почитува Законот за минимална плата, има проблеми со неработната недела, нема 100 отсто боледување за ковид-19, има притисоци врз синдикалните лидери. Ова се само дел од забелешките на КСС до власта. Затоа и се одлучиле на протест под мотото Доста е, претеравте.

Господине Ралповски, Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) протестира пред Владата и пред Собранието со пораката „Доста е, претеравте“. Кои се вашите главни забелешки?

Главните забелешки на КСС се тоа што нема социјален дијалог, социјалниот дијалог е на најниско ниво, имаме само формален, а не суштински дијалог. Зборувавме за минималната плата, којашто владата или економско-социјалниот совет инсистира само на членот 4 според кој минималната плата се покачи за само 1,7 отсто, а знаеме дека имаме инфлација од 2 отсто само во месец март. Во Законот за минимална плата го имаме и членот 2 којшто вели дека минималната плата треба да биде основна плата за сите работници, членот 8 којшто вели дека во рок од шест месеци треба да се усогласат сите колективни договори. За жал немаме почитување на законот во целост. Зборуваа за неработна недела, ете гледате дека од 30-32 гранки коишто не требаше да работат во недела, стигнавме до 38, па 39 придружи, па 40 помошни итн. па ги бајпасираат сите тие гранки преку коишто имаат притисок, и преку специјални закони како што е Законот за трговија, па сега ќе работат сите работници во моловите и во маркетите, што беше и главната причина за носење на законот. Немаме 100 отсто боледување за ковид-19, иако законите тоа го предвидуваат, и Законот за безбедност и здравје при работа, и Законот за пензиско и инвалидско осигурување, но затоа имаме секојдневно кршење на законите од трудовото право, нефункционирање на институциите, пред сè на инспекторатите. Имаме притисоци и деградирање на синдикалните лидери, откази на синдикалните лидери, имаме обиди за растурање на синдикатот со дрско и неодговорно мешање во слободата на здружување и затоа тргнуваме на протест.

Видете и ова: Како се справуваат луѓе со губењето работа поради пандемијата

За овие работи и досега алармиравте, не е првпат да ги споменувате. Каков е одѕивот од другата страна? Спремни ли се да ги чујат вашите барања?

Прво се обидуваме да воспоставиме социјален дијалог веќе долго време и после долги и мачни барања, со неколку ургенции на кај стигнуваме до некој од претпоставените, министри или директори или одговорни за овие работи. Секогаш сме сослушани, но само додека сме таму на масата. Кога ќе излеземе од таму повторно се случува истото. Затоа велам дека во Македонија нема дијалог, има само формален дијалог и само се глуми дека има социјален дијалог.

Имате ли притисоци за овој протест, имате ли такви информации?

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Ралповски - Ќе тужиме зошто се загрозува синдикалното организирање

Досега немаме информации дека има притисоци за овој протест, зашто е очигледно дека не знаат во која насока ќе се движи и како ќе се движи и не знаат колку луѓе би излегле и би го поддржале протестот. Втората причина е што секојдневно, индивидуално од голем број работници добиваме огромна поддршка и сакаат да дојдат и да го поддржат овој протест, добиваме поддршка од огромен број граѓански организации, еве како што гледаме добиваме поддршка и од Синдикати, како што е Унијата на независни синдикати на Македонија, така што притисок во овој момент не може да се случи, зашто огромен број на работници, соочени со овие неправди коишто се случуваат секојдневно на нивните работни места, посебно во оваа здравствена и економска криза, сакаат да го изразат своето незадоволство и да нè поддржат.

Ќе протестирате со автомобили поради пандемијата. Можат ли вашите критичари да ви забележат на тоа оти не секој работник може да си дозволи да има автомобил?

Ќе забележат и може да забележат за тоа. Не секој работник може да има автомобил, но ова е само почетен е предупредувачки протест во којшто ќе го искажеме нашето незадоволство. Доколку не наидеме на слух од надлежните за решавање на нашите проблеми кои се таложат повеќе години, тогаш ќе преземеме и други синдикални мерки, каде што сите работници ќе имаат можност да излезат на улица и да го искажат своето незадоволство.