Најавата на рускиот претседател Владимир Путин дека ќе распореди тактичко нуклеарно оружје во Белорусија е последниот обид на Москва да се закани со ескалација на тензиите со САД и Европската унија. Сепак, „штракањето“ со нуклеарно оружје, и покрај заплашувањето, нема нужно да ја промени ситуацијата во врска со војната во Украина, пишуваат светските медиуми, а пренесе slobodnaevropa.org.
Причините на Путин
Во саботата, на 25 март, Путин рече дека работата за изградба на складиште за тактичко нуклеарно оружје во Белорусија ќе биде завршена на 1 јули, споредувајќи го овој потег со американското распоредување нуклеарно оружје во Европа, пишува „Фајненшл тајмс“.
Иако Путин изјави дека Русија нема да ѝ ја отстапи контролата на тактичкото нуклеарно оружје на Белорусија или да ги прекрши нејзините обврски за неширење, одлуката е, како што оценува британскиот весник, еден од најзначајните чекори преземени од Кремљ со својот нуклеарен арсенал откако започна инвазија на Украина повеќе од една година.
Видете и ова: Факти за муницијата со осиромашен ураниум што Британија ќе ја испраќа во УкраинаРусија и Белорусија се усогласија
Рускиот претседател рече дека одлуката за распоредување е одговор на долгогодишното барање на белорускиот лидер Александар Лукашенко, кој и дозволи на Русија да ја користи неговата земја за да ја нападне Украина.
„Тука нема ништо необично: пред сè, САД го прават тоа со децении. Тие го поставија своето тактичко нуклеарно оружје на териториите на шест нивни сојузници во Европа... Ние се согласивме да го сториме истото без, нагласувам, да ја прекршиме нашата меѓународна заложба за неширење (нуклеарно оружје)“, рече Путин.
Путин, исто така, рече дека ја донел одлуката за тактичко нуклеарно оружје во Белорусија, откако Британија објави претходно оваа недела дека и испорачала на Украина противтенковска муниција со осиромашен ураниум, што рускиот претседател го претстави како нуклеарна ескалација на конфликтот. САД и Велика Британија го отфрлаат тврдењето на Путин, велејќи дека муницијата има само конвенционална употреба.
Не е познато кога започна работата на нуклеарните складишта во Белорусија или кога Русија ќе распореди оружје таму, посочува Фајненшл тајмс.
Путин рече дека Русија веќе опремила 10 белоруски авиони за да можат да носат тактичко нуклеарно оружје, додека во април ќе започне со обука на белоруските сили на ракетниот систем Искандер, кој може да носи тактичко нуклеарно оружје.
Од почетокот на инвазијата, рускиот претседател редовно упатувал прикриени закани дека ќе ги искористи „сите расположливи средства“ за да ги одбрани освоените територии, пишува весникот и додава, повикувајќи се на извори, дека наесен, кога нуклеарните тензии со Западот беше на својот врв, Путин размислуваше за употреба на тактичко нуклеарно оружје во Украина, но на крајот одлучи дека тоа нема да и даде никаква предност на Русија на бојното поле.
Видете и ова: Борел ја предупредува Белорусија за нови санкции поради нуклеарното оружје„Штрака“ оружјето
Најавата на Путин за испраќање тактичко нуклеарно оружје во Белорусија се заканува да ги зголеми тензиите со САД и Европската унија додека неговите сили водат војна во Украина, оценува Њујорк Тајмс.
Иако рускиот лидер постојано ја споменуваше можноста за користење нуклеарно оружје од почетокот на инвазијата на Украина, американските власти велат дека не виделе никакви потези од Русија за придвижување или употреба на нуклеарно оружје и веруваат дека ризикот од нивна употреба е мал.
Планот за распоредување на ова оружје во Белорусија повторно би можел да биде штракање со оружје, пишува весникот, посочувајќи дека тоа нема нужно да ја промени пресметката на бојното поле, бидејќи сите цели што Москва може да ги погоди од Белорусија, која граничи со три членки на НАТО - може да погоди од руска територија.
Американските власти и сега наведуваат дека не ја забележале ескалацијата. Пентагон во саботата соопшти дека и покрај извештаите за најавата на Русија, „не гледа причина да ја прилагоди својата стратешка нуклеарна положба, ниту пак индикации дека Русија се подготвува да користи нуклеарно оружје“, додавајќи дека САД остануваат посветени на колективната одбрана на НАТО.
Видете и ова: НАТО- Руската нуклеарна реторика е опасна и неодговорнаИнститутот за проучување на војната од Вашингтон ја отфрли најавата на Путин како „информативна операција“ со мал ризик од ескалација.
„Путин се обидува да ги искористи западните стравови од нуклеарна ескалација“, рекоа од Институтот, додавајќи дека Путин „постојано се заканувал дека ќе користи нуклеарно оружје без никаква намера да го стори тоа, а со цел да ја скрши решителноста на Западот“.
Прв пат од 90-тите
Со поставување на тактичко нуклеарно оружје во Белорусија, Русија ќе стационира такво оружје надвор од нејзините граници за прв пат од средината на 90-тите, истакнува Ројтерс.
Тензиите се зголемија откако Западот достави големи количества оружје во Киев, наведува агенцијата, додавајќи дека Москва ја префрлила реториката на воените операции од „демилитаризација“ на Украина во борба против „колективниот Запад“.