„Гласајте, па ќе ви платиме“, Путин обвинет за поткуп на електоратот

На конгресот на Единствена Русија претседателот Владимир Путин предложи нови трошоци во износ од околу 6,7 милијарди долари, потег што критичарите го отфрлија како обид за зајакнување на владејачката партија, чија популарност се намали во последните години.

Рускиот претседател Владимир Путин ги поддржува дарежливите исплати на пензионери, воен персонал и други. Но, милијардите рубљи што тој ги вети граѓаните ќе ги добијат дури по претстојните парламентарни избори во Русија. Михаил Соколов и Мајкл Сколон

Рускиот претседател Владимир Путин беше дарежлив и пријатно расположен кога присуствуваше на конгресот на владејачката партија „Единствена Русија“, само неколку недели пред националните парламентарни избори.

Откако тој и лидерите на партијата разгледаа низа предлози за начините на кои може да напредува про-Кремљ партијата, Путин даде одобрување за некои нови програми, а други ги заслади со федерални средства.

ОБСЕ нема да испрати набљудувачи на изборите во Русија поради „големите ограничувања“

„Зголемувањето на пензијата од 1.000 рубли (13.50 долари) не е доволно“, им рече тој на делегатите на Конгресот на 22 август во Москва. „Предлагам дополнително пензионерите оваа година да добијат еднократна исплата од 10.000 рубли (135 долари)“.

„Ќе биде фер, додаде Путин, исто така да им се даде еднократна исплата од 15.000 рубљи (200 долари) на сите воени лица и питомци, како и на полицајците. Сите треба да бидат еднакви, како во бања“, се пошегува рускиот претседател.

Видете и ова: Во Русија се интензивира репресијата врз опозицијата, што следува?

Путин потоа сугерираше дека неговите предложени нови трошоци, во износ од околу 500 милијарди руби (6,7 милијарди долари), треба да ги среди следната влада за да обезбеди исплата на средствата оваа година, што доведе до тврдења од критичарите и политичките противници дека претседателот прави суштински поткуп на финансиски ранливите категории на луѓе со шема „гласајте сега, ќе ви платиме подоцна“.

„Ова е обид на претседателот Путин некако да го спаси рејтингот на Единствена Русија што тоне и да го поправи негативниот имиџ поради работата на Државната дума во последните години по зголемувањето на возраста за пензионирање“, изјави за РСЕ Александар Гнездилов, член на либералната партија Јаблоко.

Со 450 места во Државната Дума, како и некои градоначалници и шефови на региони, кои треба да бидат избрани на гласањето што ќе се одржи од 17 до 19 септември, владејачката партија е во тешка состојба.

Единствена Русија во моментов доминира во Долниот дом на парламентот

Според анкетната агенција финансирана од државата VTsIOM, поддршката за Единствена Русија до 15 август изнесуваше нешто повеќе од 27 проценти - најниска од 2006 година. Во меѓувреме, државната финансирана Фондација за јавно мислење (ФОМ) ја соопшти дека поддршката на партијата е околу 30 проценти.

Падот во голема мера се припишува на гневот на јавноста поради поддршката на партијата за непопуларните пензиски реформи во 2018 година, односно зголемување на возраста за пензионирање, како и улогата на партијата во усвојувањето на уставните амандмани минатата година, што, меѓу другото, може да го продолжи претседателствувањето на Путин до 2036 година. Тука е и тековната пандемија на коронавирус и нејзиниот придонес во економската стагнација.

Годишно телевизиско шоу на Путин со граѓаните

Иако рејтингот на Путин исто така страдаше - падна под 60 проценти пред да закрепне малку и сега е 64 проценти, според независната анкетна агенција „Левада“ - тој останува човекот што треба да се најде кога на партијата ѝ е потребна насока.

Демонстрант носи шапка со ликот на рускиот претседател Владимир Путин на која пишува „Путин значи стагнација“ на протестниот собир против непопуларните пензиски реформи во Санкт Петербург во 2018 година.

Иако не е член на Единствена Русија, Путин сѐ уште води кампања за партијата која ги прифаќа неговите иницијативи преку сегашните 336 од 450-те места во Долниот дом. Исплаќањето на воениот персонал и на 29-те милиони пензионери - двете групи заедно претставуваат повеќе од 40 проценти од гласачкото тело во земјата - може да биде моќна поддршка.

Исплатите не беа единственото нешто што тој им го вети на гласачите. Путин на Конгресот наведе многу други потенцијални стимулации: создавање пет нови градови како дел од големата развојна програма за Сибир, што го најави и министерот за одбрана Сергеј Шојгу, кој е ставен на кандидатската листа на Единствена Русија за претстојните избори заедно со министерот за надворешни работи Сергеј Лавров; 45 милијарди рубли за итни програми за домување во регионите; 24 милијарди рубли за подобрување на способноста за борба против шумските пожари; и надградба на рускиот воздухопловен сектор.

Рускиот претседател Владимир Путин со министерот за надворешни работи Сергеј Лавров (лево) и министерот за одбрана Сергеј Шојгу. (фотографија од датотека)

Сето тоа, рече Путин, треба да биде поддржано во буџетот за 2022 година. „Знам дека владејачката политичка сила е секогаш одговорна за сѐ, за сите проблеми на земјата“, изјави Путин, додавајќи: „И ова секогаш се префрла на вашите раменици. Но, вие досега се однесувавте одговорно и се покажа дека програмата е извршена“.

Зошто Русите се противат на пензиските измени?

Меѓутоа, критичарите и политичката опозиција погодена со ударите врз приврзаниците на затворениот ривал Алексеј Навални, не го мислат тоа. Многумина се прашуваа зошто ако руската економија „практично“ закрепна како што рекоа Путин и шефот на буџетската комисија на Дума Андреј Макаров, вакви стимулации се потребни сега.

„Ако ги земеме предвид овие плаќања само од економска гледна точка, тогаш тие немаат никаква смисла“, напиша рускиот политички и деловен канал Кремљ Мамковед на 24 август.

Видете и ова: Во Русија отпуштање од работа за оние што не сакаат да се вакцинираат

Твитер профилот на Андреј Пивоваров, поранешниот извршен директор на затвореното продемократско движење Отворена Русија, заклучи дека „Единствена Русија има свои идеи за изборната кампања: ги стави конкурентите во затвор и дистрибуира пари на електоратот“.

Рускиот новинар Дмитриј Колезев вели дека е јасно оти е неопходно „да се смират луѓето врз кои се потпира режимот“, како што се војската, полицијата и безбедносните агенции. „На крајот на краиштата, што ако тие треба да ги растераат протестните акции?“ – прашува тој саркастично.

Андреј Зубов, истакнат историчар и заменик -претседател на Партијата за слобода на народот, смета дека целата работа е „болна“ и „застарена“ и ги таргетира луѓето што пораснале во советската ера и кои биле навикнати да им даваат нешто, а потоа од нив бараат да дадат нешто за возврат.

„За жал, постарата генерација е навикната на ова, за нив ова значи нешто“, рече Зубов, истакнувајќи дека тие и онака ги заслужуваат своите пари. „Мислам дека помладата генерација е веќе поинаква и нема потреба од вакви прилози. Сакаат да градат сопствен живот, сами да заработат пари, сами да прават бизнис“.

Гнездилов од Јаблоко вели дека дури и огромните ветувања на Путин не ги надоместуваат парите што луѓето ги загубија кога се зголеми возраста за одење во пензија, загубите предизвикани од пандемијата на коронавирусот и трошоците за поткрепа на украинскиот полуостров Крим кој Русија го анектираше во 2014 година и на отцепените од Грузија региони, Абхазија и Јужна Осетија.

„Луѓето ќе ги земат парите. Но, јас се сомневам дека тие ќе го сменат своето мислење за Единствена Русија и за претседателот Путин“, вели тој за РСЕ.