Иако корона кризата погоди најголем број од домашните компании принудувајќи ги или да ги отпуштат вработените или да ги намалат нивните плати, сепак, постојат и примери кои можат да се пофалат со успешно деловно работење во изминатите неколку месеци.
Податоците од европската агенција Евростат покажуваат дека и покрај тоа што земјите ширум светот презедоа различни ограничувачки мерки, кои негативно влијаеја на меѓународната трговија на стоки, сепак побарувачката за одредени производи пораснала. Така на пример од разбирливи причини поради пандемијата, заштитните маски се продавале многу повеќе во однос на претходната година.
Маските се бизнис на денешницата
Вредноста на увозот на маски за лице во ЕУ драматично пораснал првиот семестар од оваа година, споредено со истиот период лани, или во бројки од 800 милиони евра на 14 милијарди евра. Од земјите во регионот, Македонија успеа да го искористи најголемиот дел од побарувачката на земјите од ЕУ. Увозот на произведени маски во земјите на ЕУ изнесувал безмалку 17 милиони евра за периодот јануари-јули 2020 година, споредбено со само 180 илјади евра во текот на целата 2019 година. Потоа следуваат Србија со 13,4 милиони евра и БИХ со 11,2 милиони евра. Албанија е четврта во „трката за Западен Балкан“ што ја снабдува ЕУ со маски со 5,7 милиони евра.
Дека бројките се поволни потврдува и Ирена Јакимовска од текстилната компанија „Комфи-Ангел“ од Прилеп која произведува заштитни маски за дома но истите ги извезува на европскиот пазар.
„Најголем дел од маските ние не само што ги извезуваме, туку ги продаваме во Македонија. И токму тие ни овозможија да ја надополниме разликата меѓу планираниот приход и реализираното, значи финансиски и помогнавме на кпмпанијата да не декларира загуба, туку и профит. Дел од маските ги дониравме дома, таму каде што имаше потреба од маски, а големи количини извезуваме, најчесто во Обединетото Кралство“, вели Јакимовска, сопственик на компанијата „Комфи Ангел“.
Видете и ова: Фирмите бараат одложување на кредитите, синдикатите помош директно за работницитеЕвростат објави дека земјите од Европската унија увезеле маски од околу 14 милијарди евра во текот на првите шест месеци од оваа година.
Пандемијата погоди многу други бизниси
Но, има и компании кои не можат да се пофалат со успешно работење откога почна пандемијата со ковид-19. Една од нив е компанијата за мебел „Мебел дизајн“ од тетовскиот регион, со седиште во село Седларце во општина Брвеница. Оваа компанија порано остварувала приход од над милион евра и добивка до 113.000 евра. Но корона кризата ги сменила финансиските извештаи.
„Приходите во нашата фирма ни зависат до 80 проценти од извозот во Холандија и Белгија. А бидејќи имаме потешкотии веќе седум месеци со извозот, профитот ни е опаднат за околу 70-80 посто, вели Агим Емрулаи“, сопственик на компанијата „Мебел дизајн“.
Иако карантините и неможноста на граѓаните слободно да се шетаат и патуваат во други земји, ги натера голем дел од нив да ги средуваат и реновираат своите домови, Емрулаи вели дека не забележал зголемена побарувачка од неговите производи и на домашен терен.
„Ајде да речеме дека во однос на домашниот пазар немаме некој поголем пад, но во целата структура од приходот 70-80 проценти доаѓаат од извозот, тој ни беше носечка ставка во приходната страна, а тоа сега го немаме“, посочува Емрулаи.
Зголемениот број на инфицирани од ковид-19 ги натера европските земји да преземат рестриктивни мерки, па така Холандија е една од земјите која ги затвори своите угостителски објекти, што пак за компанијата за Емрулаи не е поволно оти со тоа се стопираат или одложуваат сите претходно договорени проекти. Тој се надева дека кризата ќе помине што побрзо и дека веќе од март ќе може да работи на своите нарачки.
Покрај неповолниот финансиски биланс за повеќето домашни компании, пандемијата ги погоди и работниците во земјава. Голем дел од нив се соочија со губење на работните места, намалување на платите, кршење на работничките права, но и со загрозување на здравјето и безбедноста на вработените поради непочитување на мерките за заштита од коронавирусот, па на неколку наврати имале и кластери на заболени од ковид-19 во фабрики и во институции. Изби и афера со фирми кои иако зеле државна помош за справување со кризата, не им ги исплатиле платите на вработените.