Маршираше власта, сега протестира опозицијата. Целта е иста – правда, иако двете партии поинаку го толкуваат тој збор. Правосудството постојано е потенцирано како област во која се неопходни реформи. Неодамнешната анкета на Евробарометар покажува дека седум од 10 граѓани немаат доверба во правосудството.
Видете и ова: Пет години од објавувањето на „бомбите“, довербата во судството на најниско нивоСДСМ, додека беше во опозиција, обвинуваше дека судии се бираат од „тефтерчето“ на власта, ВМРО-ДПМНЕ сега обвинува дека тефтерчето е „проширено и надградено“ и го сменило сопственикот.
СДСМ се брани дека со реформите во судството се доцни поради блокадите од опозицијата и опструкциите на судските процеси од страна на „партиските инсталации“ на претходната власт во правосудниот систем. ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека по промената на власта судството се партизира и служи за политички прогон против нив.
Во Основниот суд Скопје 1 велат дека тие го почитуваат уставно гарантираното право на протест и не ги коментираат протестите пред судската зграда. Велат дека работат непристрасно и согласно законите.
„Сите незадоволни страни од одлуките или работата на овој – првостепен суд може да поднесат жалби до повисоките судски инстанци, па токму заради тоа овој суд ќе остане независен во своите одлуки“, велат во судот.
Поранешните претседатели на Врховниот и на Уставниот суд, Дане Илиев и Трендафил Ивановски, на протестите на двете партии гледаат само како на дел од предизборната кампања.
Илиев вели дека многу е полесно да се протестира, отколку да се засукаат ракавите и да се работи.
„И власта и опозицијата протестираат сами против себе. И едните и другите имаа и имаат можност преку закони да дозволат да се стигне до некоја правда. Битно е да се донесат закони кои ќе ја пропишат процедурата со која граѓаните ќе бидат заштитени, односно ќе се овозможи правдата да биде достижна. Но, тоа не може да се најде со протести по улиците. Треба да се седне и да се направат битните реформи во законодавството“, вели Илиев.
Видете и ова: Правосудна битка- судии и обвинители недораснати за функциитеИвановски вели дека желбата за власт е посилна од сè и протестите се организираат со таа цел. Тој е скептичен дека воспоставувањето на правната држава е можно додека не се промени политичката клима во земјава.
„Мислам дека со самото, сакале или не, наше асоцирање во ЕУ, со НАТО како да е веќе готова работата, мислам дека ќе дојдеме во позиција кога, ако не можеме самите, некој друг, со својот памет и ум, ќе ни го дотера умот“, вели Ивановски.
СДСМ го организираше маршот веднаш по донесувањето на Законот за јавно обвинителство, чие донесување се обидуваше да го спречи ВМРО-ДПМНЕ.
„Заедно да чекориме од местото каде се изгласа Законот за јавно обвинителство - од Собранието, до местото каде треба да ги видиме конечните правни разрешници - судот!“, напиша тогаш лидерот на СДСМ на Фејсбук.
Повод за протестот на ВМРО-ДПМНЕ, пак, е нелегално снимениот разговор на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој го објави пратеникот Антонио Милошоски, според кого се слуша како Заев се мешал во одлуки на Врховниот суд и на поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева.
Реформите во правосудството се едно од главните барања на ЕУ за Македонија. Меѓународните претставници укажуваа дека носењето на Законот за јавно обвинителство не е услов за почнување преговори, но ќе испрати важна порака до европските земји. Законот беше едвај донесен непосредно пред распуштањето на парламентот.