Со звуците на сирените за тревожење и транспарент „Оставка на Заев, слободна на народот“, неколку стотини граѓани денеска протестираа пред владата, против како што велат, продажбата на историјата од страна на премиерот Зоран Заев.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Протестот го организира опозициската ВМРО-ДПМНЕ против ставовите на Заев искажани во интервју за бугарска новинска агенција Бгнес, во кое тој рече дека Македонија и Бугарија имаат заедничка историја, Гоце Делчев е херој и за Македонците и за Бугарите, и оти малку на почетокот на Втората светска војна имало бугарска администрација во Македонија, а после Бугарија застанала на антифашистичка страна и оти Југославија ги разделувала двете земји.
Видете и ова: Патоказ со Бугарија - замка или решение?Граѓаните, со транспаренти „Долу влада“, „Да ја одбраниме последната црвена линија“ и „Заев, ќе си одиш сам или да дојде народ“, велат дека сакаат да го спречат распродавањето на земјата.
„Ме иритира предавството на Заев, што ја продава Македонија. Гледате и самите дека Бугарите се прават газди на оваа земја. Нема што да менуваме, ние сме си Македонци, тие се Бугари и немаме ништо заедничко со нив“, вели Миле Андреевски од Скопје.
„Тој [Заев н.з] негира се што е македонско и корените сака да ни ги потсече“, вели Нада Николовска од Скопје.
„Во тоа интервју Заев покажа дека за него нема ништо свето, ни јазик, ни нација, ни држава и дека за одредена цел вреди да се жртвува и она најсветото“, вели поранешниот пратеник Сафет Бишевац, кој во од 2014 до 2016 година беше дел од пратеничката група на СДСМ.
„Доста е понижување. Името се даде, во Европа ќе не носеше. Каде е Европа? Договор со Бугарија направија, велеа готово добрососедски договор. Сега излезе дека тој договор е пречка за Македонија“, вели Александар Трајковски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски рече дека само политички аматер може да потпише договор со кој историјата ќе биде критериум за напредок на државата кон ЕУ.
„За жал, овие сервилни, понизни политики на владата предводена од Зоран Заев не доведоа во една ваква ситуација кога буквално треба да бираме меѓу асимилација и интеграција“, рече Мицкоски.
Освен улицата пред владата, денеска исто така беше и блокирана крстосницата пред МНР.
Бугарија го блокира почетокот на преговори на Македонија со Европската унија, тврдејќи дека Македонија ја краде бугарската историја. Според официјална Софија, македонската нација постои од 1944 година и ја создал Тито, а македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот. Македонските власти ја смируваат топката, сакаат да изнајдат решение со Бугарија, но велат дека не се преговара за јазикот и за идентитетот.
Скопје и Софија во 2017 година потпишаа Договор за пријателство, но Бугарија тврди дека македонската страна не го почитува договореното - формулациите за историјата и јазикот, застој во работата на заедничката историска комисија, поддршка на претензиите за признавање на македонско малцинство во Бугарија и говор на омраза и пречки за бугарскиот бизнис во Македонија.