По две години од проектот „Јас и ти едно сме“ и минатогодишната пауза што ја наметна светската пандемија со Ковид-19, Национална галерија ја продолжува серијата инклузивни проекти врзани со одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби. Овојпат, во перидот од 22 декември до 5 јануари наредната 2022 година, во Мала станица, под заеднички наслов „Сајберкултура“ ќе бидат изложени делата што ги креираа учениците од осум скопски средни училишта - гимназиите „Орце Николов“, „Никола Карев“, „Јосип Броз-Тито“, оние од паралелката со програмата од Меѓународна матура, ,ДУЦОР „Партенија Зографски“ (училиште за деца со оштетен слух и говор), AHSS American High School, СУГС „Лазар Танев“, СУГС „Зеф Љуш Марку“ и СУГС „Арсени Јовков“.
А, во појаснувањето за овој проект Маја Димитрова, едукатор во Национална галерија и раководител на оваа серија зафати, пишува дека „појавата на интернетот и дигитализацијата во секојдневниот живот доведе до нови форми на општествени активности кои ја вклучуваат и областа на сајберкултурата“. Дополнува дека „сајберкултурата често се поистоветува со дигитална култура, интернет-култура, виртуелна култура итн. Дека сето ова укажува на еден тренд во современото живеење, на начинот на кој се одвиваат комуникациите и размената на информации и потсетува дека улогата на Интернет, кој е еден вид есперанто јазик, создава виртуелни и онлајн комуникации кои се општо прифатени од сите возрасти“. Во продолжение таа наведува дека сево ова до израз дојде особено во времево на светска пандемија со вирусот Ковид-19 кој не принуди „сите максимално да ги користиме социјалните медиуми, да бидеме поврзани без разлика каде се наоѓаме, да работиме, да споделуваме и да учиме едни од други и едни за други“.
Проектот „Сајберкултура“ е своевидно огледало на оваа наша стварност, еден вид одговор на сето она што се случува во светот, на она што се случува кај овие млади луѓе, без разлика дали се деца од редовната настава или деца со попреченост. Тие изработија разни цртежи, скулптури, колажи, дигитални творби во кои коментираат за Инстаграм, Твитер, Тик-Ток. Какво е влијанието од прекумерното следење на социјалните мрежи? Дали Интернет управува со нивните животи? Поставуваат и одговараат важни прашања за социјалната психологија, за односот меѓу онлајн и реалноста, за „реалното“ и „виртуелното“, за скриениот или вистински идентитет, како и за бесконечната комуникација меѓу сите нас тука и луѓето „некаде таму“, вели Димитрова.
Маја и со дополнување дека во овие тешки времиња на изолираност, осама, страв од непознатото...условени од агресивноста на мутациите на вирусот, најголемиот предизвик за повеќето од нас е како да се заштитиме себеси и најблиските. Забележува и тоа дека токму вирусот ни ги покажа и тежината на проблемите со кои се соочува човештвото и нашата ранливост.
Можеби светот најпосле ќе се смени откако ние прво ќе се смениме? Можеби сѐ се случува со добра причина? Можеби треба да бидеме повеќе свртени едни кон други и да покажеме грижа и љубов без задршка. Во духот на научнофантастичниот филм „Матрикс“ (1999 г.) и главниот херој Нео, кои ни пренесуват порака дека сами креираме свој свет и самите сме негови господари, секој од нас треба да биде по малку Нео. Само така можеме да се спасиме себеси, а со тоа и светот во кој сите заедно живееме и создаваме! Со овој проект ги начнавме ваквите современи прашања – пишува Димитрова.
Кон ова само уште информацијата дека Националната галерија, како општествено одговорна институција, на сите учесници во проектот со кој се вклучува во одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби ќе им додели благодарници и пригодни подароци.