Пандемијата на коронавирусот се одрази врз пазарот на недвижнини покажуваат податоците на Агенцијата за катастар. Во второто тромесечие од годината продажбата на недвижни се намалила за 35 отсто во споредба со првите три месеци од 2020. Во екот на пандемијата, според податоците на Агенцијата, се продале 3197 недвижнини, што е за 1728 помалку од претходниот квартал. Во април и во мај имало помалку продажби, додека во јуни ситуацијата се подобрила. Во земјава од почетокот на март до почетокот на јуни поради пандемијата имаше рестриктивни мерки, полициски час, затворени граници, голем дел од фирмите не работеа.
Од април со крај на јуни најмногу се продале стари недвижнини - 2.395, потоа се продале 681 новоградби, имало 118 откупи и 8 продажби на недвижнини извршени по пат на лицитација. Од вкупниот број на продажба на недвижнини 42 отсто се продажба на станови, што значи дека за три месеци се продале 1334 станови. Потоа со 36 отсто е земјоделско земјиште, 14 –градежно, 9 проценти куќи, 4 отсто деловен простор, еден отсто индустрија и три проценти останата недвижности.
број на продадени станови | цени во денари | |
Прв квартал 2020 | 1626 | 43.659 |
Втор квартал 2020 | 1334 | 45.777 |
Продадени се над 89 илјади метри квадратни станови, односно просечната големина е 67 квадратни метри. Просечната цена на квадратен метар е 45.777 денари.
Во првиот квартал од годинава биле продадени 1626 станови со просечна големина од 72 квадратни метри. Просечната цена на квадрат била 43.659 денари. Заклучок: Продажбата на станови се намалува, но и покрај тоа нивната просечна цена расте.
Во Аеродром се продале најмногу станови
Најмногу недвижности се продале во Аеродром, каде се продале 343 станови, потоа следуваат Карпош со 167, Центар со 160 продадени станови. Во скопските општини Аеродром, Карпош и Центар се половина од сите продадени станови во Македонија во вториот квартал. Битола е на четврто место со 103 продадени станови. Во Битола исто така има и продадено најмногу куќи (31). Најмногу деловен простор е продаден во Центар, каде се регистрирани 18 трансакции. А земјоделско земјиште најмногу се продавало во Куманово, Битола, Чешиново и Облешено каде имало по 30 продажби. Најмногу продадено градежно земјиште е регистрирано во општина Сарај со 76 продажби. Во Арачиново имало само една продажба, а во Вевчани воопшто немало. Во извештајот на Катастар се наведува дека има големо раздвојување на пазарот, односно општини каде што има развиен пазар и општини каде што пазарот на недвижности воопшто не функционира.
Видете и ова: Аеродром рекордер по изградени станови во државатаНо пандемијата не ја намали цената на становите. Во главниот град поскапеле становите во Центар, Ѓорче Петров, Гази Баба, каде метар квадратен станбена површина се продава за 50 до 70 евра поскапо во споредба со првите три месеци од годината. Во Карпош и Аеродром цената на метар квадратен скокнала за околу 10 евра. Само во Кисела Вода становите се продаваат поевтино за 10 евра од квадрат.
Поскапо се продавале и станови во Кочани, во Струга, Битола, Штип, Охрид и тоа за 50 до 100 евра по квадрат. Поевтиниле пак становите во Струмица и Куманово за околу 60 евра.
Најскапи се становите во Центар каде што просечната цена била 62.778 денари за квадратен метар, додека во Куманово квадратен метар се продавал за 28 илјади денари. Во истиот период лани биле продадени 1170 станови, со просечна големина од 71 квадратни метри. Просечната цена на квадратен метар била 43.765 денари. Најскапите станови лани биле во скопски Центар од 60.440 денари, а во Куманово и во Струга се продавале за под 29 илјади денари.
Прв квартал | Втор квартал | |
Центар |
59.820 денари |
62.778 |
Карпош | 57.457 | 58.061 |
Аеродром | 54.845 |
55.513 |
Ѓорче Петров | 41.447 |
44.589 |
Гази Баба | 38.648 |
42,931 |
Кисела Вода | 52.859 |
52.242 |
Битола | 34.381 |
37.638 |
Охрид | 42.671 |
43.772 |
Струмица | 32.861 |
29.010 |
Штип | 32.287 |
34.103 |
Струга | 28.787 |
31.870 |
Кочани |
25.376 |
31.598 |
Куманово | 32.382 |
28.255 |
Пазарот за недвижности „заразен“ од коронавирусот
Во вториот квартал од годинава се продале 681 новоизграден стан, што е помалку во споредба со првиот квартал, кога се продале за 38 станови повеќе. Но, во споредба со вториот квартал минатата година, оваа се продале за 202 нови станови повеќе.
Повисоката цена на становите се должи на дефицитот на градежни материјали што се од увоз и на недостигот на квалитетна работна сила, вели Никола Велковски од Групацијата за градежништво.
„Материјали има рестриктивно, не доаѓаат толку колку што има потреба, а и цените не се веќе истите како што беа пред пандемијата. Тоа најверојатно се должи на тоа што и производство е намалено, а и транспортот е многу спор, со повеќе процедури што ја зголемува цената. Втората работа е што недостасува работна рака. Јас поодамна укажував дека ќе имаме проблем до неквалитетна и недоволна работна рака во градежништвото, затоа што, прво- не го прилагодивме образованието за да имаме квалитетни занаетчии и второ сè што беше квалитетно отиде во западно-европските земји, претежно во Германија“, вели Велковски.
Иако градежниците се надеваа дека со пандемијата дел од заминатите мајстори во странство ќе се вратат, тоа не се случи, вели Велковски. Тој вели дека речиси секојдневно фирми од странство бараат квалификувани мајстори од Македонија.
Велковски вели дека цената на станови нема да паѓа, освен во случај кога инвеститорот има проблем да го заврши објектот.
„Тогаш тој свесно може да ја спушти цената за да дојде до свежи пари и да може да ја заврши инвестицијата, инаку од аспект на учество на работна рака и на материјали не може да паднат цените во градежништвото“, вели Велковски од Групацијата на градежништо во Сојуз на стопански комори.
Податоците на Агенцијата за катастар покажуваат дека има околу 6500 изградени станови кои стојат непродадени, а околу 12 илјади се во градба. Од Агенцијата заклучуваат дека бројот на новоградби моментално ја задоволува побарувачката на нови станови.