Новиот пристап, кој при минатонеделната посета на Скопје на бугарскиот премиер Кирил Петков го најавија заедно со македонскиот премиер Димитар Ковачевски, не наиде на поддршка од дел од општествата во двете соседни земји. Главните критики на пристапот, во кој како што наведоа премиерите, главна ќе биде економијата доаѓаат од опозициските кругови во двете земји, но и од дел од општеството. Идентично за двете општества е што го критикуваат ставањето на историјата во втор план и попустливоста на премиерите.
Марјан Ѓуровски, проректор на Универзитетот Свети Климент Охридски за Радио Слободна Европа вели дека новиот пристап е за поздравување, но не треба да се очекува многу секој месец затоа што разочарувањето ќе биде поголемо.
„И опозицијата и власта сметам дека треба многу повеќе да се информираат за сите тековни прашања и веројатно Собранието и други тела кои постојат во рамки на извршната и законодавната власт треба да се најде механизам за размена на информации“, вели Ѓуровски.
Критики во Македонија- Ковачевски само го следи Петков
ВМРО-ДПМНЕ на трибина за македонско бугарските односи ден пред тргнувањето на владината делегација оцени дека новиот пристап го диктира Петков, а Ковачевски само го следи. Стефан Андоновски од таа партија оцени дека бугарскиот премиер ги диктирал прашањата за кои се преговара, комисиите кој ќе бидат формирани и кој ќе биде член во нив.
„Од нашата страна, нашите власти се однесуваат како да се или неми набљудувачи или независни аналитичари, без воопшто да имаат било каков ефект внатре во учеството. Замислете дури не учествуваа ни во селекцијата на тоа каде ќе се одржуваат средбите прво, а каде следната или средбата потоа“, рече Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Тој инсистираше дека дебатата секогаш ќе се води кога е кодифициран македонскиот јазик, за што се борело ВМРО и улогата на Гоце Делчев. Неговата колешка од партијата Марија Митева пак забележа дека историјата е главниот проблем меѓу двете земји и за неа може се преговара зад сцената.
„Дали зад овие четири теми ќе се разговара и за историјата, без притоа истото да биде пред очите на јавноста и дали главниот проблем поради кој што постои проблемот помеѓу Македонија и Бугарија е историјата, сега веќе се трга на страна и се претставува некоја нова стратегија која што ќе ја води Бугарија, а Македонија само ја следи, па на тие работни групи кои што треба да се состануваат еднаш месечно, дали и комисијата за историја ќе ја следи динамиката на овие четири групи“, праша Митева.
Видете и ова: Тесен маневарски простор и при етапното решавање на спорот со БугаријаНивниот лидер Христијан Мицкоски веднаш по средбата на Ковачевски и Петков оцени дека се работело за многу парада без суштина.
Критики во Бугарија- Петков изманипулиран од Ковачевски
Кај источниот сосед дел од јавноста и опозицијата веќе го портретираа Петков како премиер кој заборавил на нивните национални интереси. Поранешниот премиер, а сега лидер на опозициската ГЕРБ Бојко Борисов, го критикуваше актуелниот прв човек на владата дека е првиот бугарски државник што отишол во Скопје и не положил цвеќе на споменикот на Гоце Делчев. Слично како и Андоновски, кој во Скопје го обвинува Ковачевски дека го прави тоа што го диктира Петков, Борисов го обвини бугарскиот премиер дека бил „итро изманипулиран од македонскиот премиер“.
И поранешните министри од ГЕРБ Екатерина Захариева и Даниел Митов не штедеа критики. Митов оцени дека Петков бил заробеник на логиката да и се дозволи на Македонија да преговара, а потоа да ја запре во текот на преговорите доколку не исполнат одредени услови, стратегија која според него е погрешна. Захариева забележа дека историјата, промената на учебниците правата на македонските Бугари паднале во втор план, а тие тврди дека биле најсуштинските теми.
- Ковачевски - фон дер Лајен: ЕК го поздравува дијалогот меѓу Софија и Скопје
Европратеникот Ангел Џамбаски, кој е од партијата на Красимир Каракачанов ВМРО-БНД, најави дека ќе побараат да се одржи референдум за Македонија, ако владата отстапи од официјалната бугарска позиција за прашањето.
Видете и ова: Петков посетата на Скопје ја оцени како „огромен успех“Револт предизвика Петков и меѓу македонските Бугари. Петар Колев, претседател на партијата Граѓанска демократска унија, за државната телевизија БНТ рече дека средбата со нив била многу кратка, дека нивниот впечаток е оти прашањето за правата на македонските Бугари паднало во втор план и дека поради тоа биле збунети. Пожесток во критиките беше македонскиот Бугарин Владимир Перев кој рече дека со часови го чекале стоејќи во бугарската амбасада во Скопје, дека дошол на кратко и размениле по неколку збора.
„Имаше нешто малку навредливо за нас и малку нетактично од страна на администрацијата на премиерот, бидејќи таа ја договори средбата. На сето тоа се фрли темна сенка, а незадоволството остана кај сите присутни“, вели Перев.
Бугарите во македонскиот Устав- национално предавство на Бугарија
Но, токму едното од барањата на Бугарија за кои се преговара меѓу Софија и Скопје, впишувањето на Бугарите во македонскиот Устав предизвика критики во тамошното општество.
Новинарот, историчар и кандидат за претседател на Бугарија од партијата Републиканци за Бугарија Горан Благоев тврди дека внесувањето на Бугарите како посебен етнички елемент во македонскиот устав, различен од Македонците, значи да се признае дека навистина постојат две посебни националности - бугарска и македонска, што како што вели не одговара на историската вистина и е коминтерновска конструкција.
Позицијата на македонските власти пак за ова прашање е дека не е спорно ова прашање, но како што изјави премиерот Ковачевски постои постапка и процедура за уставните измени за кои е потребно двотретинско мнозинство од 80 пратеници. Претседателот Стево Пендаровски пак оцени дека тоа прашање е мешање во внатрешните работи на Македонија
Инаку источниот сосед почна да ја блокира македонската европска интеграција една година подоцна во 2020 година, најпрво со инсистирање на теми поврзани со историјата и јазикот. Подоцна претседателот Румен Радев почна да инсистира и на правата на македонските Бугари, а новиот премиер Петков го промовираше пристапот со формирање и на пет други работни групи поврзани и со други теми, не само историјата.