Приватниот сектор тешко до повисоки плати

Просечната плата лани пораснала во споредба со 2019, но благодарение на повисоките плати во некои државни сектори. Стопанството, пак, се „бори“ со последиците од ковид-кризата и добива субвенции за да исплати плати. За повисоки плати потребни се поголеми инвестиции и подобро образование.

Просечната плата во земјава пораснала за околу три илјади денари во последните две години, но зголемувањето се должи пред сè на зголемените плати во администрацијата, а платите во реалниот сектор, кој треба да биде двигател на економијата, растат побавно. На крајот на 2018 просечната плата изнесувала речиси 25 илјади денари, една година подоцна просечната плата била повисока за 900 денари, а на крајот на 2020 просечната плата е речиси 28 илјади денари.

Последните статистички податоци покажуваат дека зголемување на плати имало во секторите здравствената и социјалната заштита, уметност, забава и рекреација и образование.

На почетокот на 2020, платите во образованието беа зголемени за 10 отсто, а платите во здравството меѓу 10 и 25 отсто. Со почетокот на примената на колективниот договор во културата летоска, пак, беа зголемени и платите во културата. Од почетокот на минатата година, пак, беа зголемени и минималните плати во државата од 12500 на 14500 денари.

Видете и ова: Македонски парадокс – во ек на криза просечната плата зголемена за 2 илјади денари


Стопанството, пак, со месеци е погодено од ковид кризата. Работодавачи користат субвенции од државата за исплата на плати. Податоците за последните два месеци од 2020 говорат дека државата субвенционира плати на околу 60 илјади работници месечно. За субвенционирање на плати од буџетот на државата, заклучно до крајот на годината се потрошени речиси 142 милиони евра како дел од пакетите за економска помош.

Тешко е да се зборува за пораст на платите во стопанството во овој период кога тоа е погодено од последиците од ковид-кризата и кога многу компании се борат за опстанок, особено поради падот на побарувачката од нашите најголеми трговски партнери, вели претседателот на Организацијата на работодавачи, Ангел Димитров.

„Финансиската помош за исплата на плати е добредојдена и оние кои ги исполнија критериумите навистина добија добра помош, бидејќи помош се исплаќаше и за работници кои оделе на работа и за тие кои не оделе. Но, многу компании кои немаа до 30 отсто пад на вкупните приходи или имаа намалување на бројот на работниците, за жал не можеа да ја добијат финансиската помош. Оние што примаат финансиска помош не може да зборуваат за зголемување на платата, туку за исплата на минимална плата или на платата која ја имале работниците согласно договорите за вработување“, вели Димитров.

Со капитал и знаење до повисоки плати

Тој додава дека за да може да се зголемат платите потребно е да се исполнат неколку предуслови.

„За да ја зголемиме платата единствен начин е да ја зголемиме продуктивноста, а тоа се прави преку промена на структурата на стопанството, каде ќе воведеме дејности кои ќе имаат поголема додадена вредност, кои ќе може да бидат конкурентни на странските пазари и ќе овозможат реално зголемување на платите на вработените. Но, за тоа ни треба и капитал, значи инвестиции, но ни треба и знаење, фактично поголеми промени во образованието за дипломите на нашите завршени средношколци и студенти да имаат ниво на знаење кое ќе овозможи пософистицирана работа и ќе биде подобро платена“, вели претседателот на Организацијата на работодавачи, Ангел Димитров.

Организацијата на работодавачи претставува над 15 сектори, во кои се вработени скоро 70 илјади вработени во 1012 претпријатија од приватниот сектор.

Дурим Зеќири од Стопанската комора на северозападна Македонија вели дека во Македонија има над 750 илјади вработени, од кои над 130 илјади се вработени во јавниот сектор. Тој вели дека корона-кризата многу го погоди приватниот сектор, а владините мерки помогнаа фирмите да преживеат, но не може да зголемуваат плати.

„За да се подобри социо-економскиот стандард на вработените во приватниот сектор Владата во иднина ќе треба да ги поттикнува компаниите да инвестираат преку даночни олеснувања, да им се овозможи полесен пристап до финансии, преку што ќе обезбедат ресурси, но исто така да се помогнат да ги зголемат своите технолошки и дигитални капацитети. Владата ќе треба да го помага приватното сектор и надвор од кризниот период, како што беше со ковид-кризата, бидејќи стопанството опфаќа најголем дел од вработените во земјата“, вели тој.

Од Комората велат дека економски раст годинава ќе има, но само во споредба со 2020, која беше многу слаба, но за враќање на здрав економски раст ќе треба подолго време.

Просечните плати во ТИРЗ пониски од државниот просек

Во меѓувреме податоците покажуваат дека ипросечната плата на работниците вработени во Технолошко-индустриските развојни зони(ТИРЗ) се пониски од државниот просек, но и побавно растат, изјави директорот на Дирекцијата за технолошко–индустриските развојни зони, Јован Деспотовски. Овие зони прават 50 отсто од извозот на државата.

Видете и ова: Затворени фирми во рамки на просекот, но раст на отпуштени работници

Податоците и за 2018 и за 2019 покажуваа дека бруто платите во ТИРЗ се пониски од просечната бруто плата во државата. Разликата во 2018 била 6,2 проценти, во 2019 година таа разлика паднала и сега изнесува некаде околу 5,4 проценти. Растот на платите е една го главните теми за кои разговараме со инвеститорите, вели Деспотовски.

„Лично сметам дека оваа тема е важна тема, бидејќи 14 илјади наши сограѓани го остваруваат своето право на пристојна живејачка директно во зоните, така што сметам дека темата треба и понатаму да остане значајна“, изјави Деспотовски.

Македонските граѓани имаат најниски плати меѓу земјите од Балканот. Просечната октомвриска плата во Словенија е највисока и изнесува 1.181 евра, потоа доаѓа Хрватска со 890 евра, па Црна Гора каде во ноември во просек се исплатени 525 евра. Следат Србија со 512 евра, Босна и Херцеговина со 490 евра и Северна Македонија со околу 450 евра.