Пораки со не голем оптимизам за европските интеграции на земјите од Западен Балкан се слушнаа денеска на панелот „Ресетирање на синергијата меѓу ЕУ и САД кон Западен Балкан“ на првата меѓународна конференција на Преспа форумот за дијалог кој се одржа во Охрид.
Домаќинот, македонскиот премиер Зоран Заев рече дека одлуката да не се одржи првата меѓувладина конференција со Европската унија беше големо разочарување за Северна Македонија и за Албанија, а одлуката на Бугарија да ја блокира земјава ја нарече неприципиелна.
„Ова е голем неуспех на политиката на проширување на ЕУ и лоша порака за регионот. Европската Унија не го исполни своето ветување. Исто како мојот пријател Еди Рама и јас велам, ЕУ може да поставува разговори, датуми, крајни рокови, меѓутоа ЕУ не може да ја определи нашата локација, а тоа значи дека сме во срцето на Европа, ниту пак може да ја определи нашата култура, нашиот идентитет, ниту пак иднината на нашите народи како европски народи“, рече Заев.
Видете и ова: Пендаровски-Рикер: потврдени партнерските односи на Скопје и ВашингтонСе чини пожесток во својот говор беше албанскиот премиер Рама кој ја критикуваше Европската унија за одолговлекувањето на интеграцијата на земјите од Западен Балкан.
„Не би сакал повеќе да зборуваме во стилот дека сме фрустрирани и сме во депресија. Не, не сме фрустрирани и не сме во депресија и ние сме супер. И искрено ако може да се мери депресијата тие во ЕУ се поисфрустрирани и подепресивни од нас. Нема да се жалиме и нема да молиме и да велиме ние сме добри дечки зошто не не сакате. Ајде ве молам... прва меѓувладина конференција, што е тоа... не сакате да имаме прва меѓувладина конференција, добро, една помалку конференција за нас“, рече Рама.
Панелот се одржува десетина дена откако официјална Софија одлучи втор пат да ја блокира Македонија во напредокот во евроинтеграциите поради како што тврди проблем со спроведување на Договорот за добрососедство. Во пакет со Скопје, всушност е блокирана е евроинтеграцијата на Тирана.
Брнабиќ - во ЕУ процесот се внесуваат невобичаени прашања
И косовскиот премиер Албин Курти изрази разочарување поради тоа што двете земји не добија зелено светло за почеток на преговори на јунскиот самит, нешто што како што рече е обесхрабрувачка порака за регионот.
„Но, не смееме да преземаме избрзани одлуки. Да, ЕУ е бавна, и недостига единство, но таа е нашата најдобра надеж и единствената алтернатива што ја имаме, не затоа што немаме избор, туку затоа што природно припаѓаме таму“, рече Курти.
Премиерката на Србија Ана Брнабиќ, пак, рече дека во однос на европската инеграција, што и да се направи, на крајот одлуката останува на секоја земја-членка.
„Тоа е сложен процес и станува се покомплициран, како што видовме со примерот на Северна Македонија. Повеќе не се работи за европски вредности, за напредок во клучните области, сега се внесуваат билатерални прашања и тоа не билатерални во вообичаена смисла, туку прашања на јазик, толкување на лингвистика, историја. Тоа се работи за кои навистина не може да извршите никакво влијание“, рече Брнабиќ.
На панелот учествуваа и претседавачот на Советот на Министри на Босна и Херцеговина Зоран Тегелтија и министерот за европски и меѓународни работи на Австрија Александер Шаленберг и полскиот министер за надворешни работи Збигњев Рау.
Рикер- се надеваме на први конференции на ЕУ со Скопје и Тирана
Во првиот дел од истиот панел, пак, учествуваа македонскиот претседател Стево Пендарвски, претседателите на Црна Гора и Словенија, Мило Ѓукановиќ и Борут Пахор, помошник државниот секретар на САД за Европа и Евроазија Филип Рикер и еврокомесарот Јоханес Хан.
Видете и ова: Преспа форум - Разочарување од неотпочнувањето на преговорите со ЕУРикер, кој порано беше и американски амбасадор во Македонија рече дека кредибилитетот и влијанието на Европската Унија во регионот сега е на многу ниско ниво, затоа сите земји-членки мора да работат за одново да го воспостават тој кредибилитет на Западниот Балкан.
„Одлуката на ЕУ да започнат преговори со Северна Македонија и Албанија беше инспиративна, меѓутоа сега Унијата нема кредибилитет доколку не се преземат конкретни активности за почеток на преговорите. Се надеваме дека Европската Унија ќе ги одржи првите меѓувладини конференции со двете земји и ќе се случи ова. Ги слушнавме заложбите на словенечкото претседавање со ЕУ. Веруваме дека не е соодветно и дека е штетно за кредбилитетот на ЕУ за нашите заеднички вредности да се сузбие процесот на проширување“, подвлече Рикер.
Словенечкиот претседател Борут Пахор чија земја од први јули го има шестмесечното претседавање со Европската унија најави дека државна делегација ќе ја посети Софија наскоро во обид да се деблокираат македонските европски интеграции. Инаку Преспа форумот за дијалог кој се одржуваше два дена завршува денеска.