Предизборно „штанцање“ градежни дозволи

Изградба на згради во Скопје

На три месеци пред изборите, во јули биле издадени одобренија за градба на скоро 2000 станови, што е 3 до 4 пати повеќе од просечниот број на одобренија што се издаваат месечно. Најмногу дозволи се издадени во Аеродром, Центар и Карпош, каде актуелните градоначалници нема да добијат нов мандат.

Рекордни 1945 одобренија за изградба на станови се издадени во јули годинава со површина од над 150 илјади квадратни метри, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Ако се погледнат податоците по месеци во изминатата деценија се гледа дека во просек се издавале дозволи за изградба на 500-600 станови месечно, со површина од околу 40-50 илјади квадратни метри, што значи дека на три месеци пред локалните избори се издадени три до четири пати повеќе одобренија за изградба на станови од вообичаено.

Над 70 отсто од овие станови, односно 1397, ќе се градат во скопскиот регион. Најмногу дозволи се издадени во општините за кои е извесно дека досегашните градоначалници нема да останат на функцијата. Скоро 30 отсто од сите одобрени станови ќе се градат во Аеродром, па потоа следуваат Центар и Карпош со по над 200 станови. Владејачката СДСМ одлучи да не ги кандидира повторно актуелните градоначалници на овие општини Златко Марин, Саша Богдановиќ и Стефан Богоев.

Видете и ова: Агресивна урбанизација на Аеродром, Карпош и Центар

Иако ова е месец со рекорден број издадени одобренија за станови, овие три општини рекордери во изградба на објекти и надвор од предизборниот период. Нашето истражување за агресивната урбанизација во Скопје покажа дека 80 отсто од изградените станови во изминатите осум години се токму во овие три скопски општини. Градоначалниците се менувале, предизборно ветувале средување на урбанистичкиот хаос и повеќе зеленило, но епилогот е зграда на секое празно место.

Уште пред три години пишувавме дека во радиус од 500 метри во Аеродром се градат 30 згради. Бројката сега е е уште поголема.

Во внатрешноста, пак, најмногу дозволи за изградба на станови во јули се издадени во Куманово и Струмица – 103 и 73.

Професор Башким Селани вели дека градоначалниците во заминување ја користат ситуацијата да „завршат сè што планирале“. Слично се однесуваат и министрите пред крај на мандатот, вели тој.

Видете и ова: Урбана пренатрупаност во Скопје

„Ова е само еден феномен, во сите институции е таква работата и за други дозволи што се даваат или за други постапки. Пет пати може да те изберат за градоначалник, може општината да има 20 милиони евра долг, никој не води сметка за тоа“, вели тој.

Долгогодишниот поранешен политичар Петар Гошев вели дека Македонија одамна има дигнато раце од урбанистичкото планирање.

Видете и ова: Во Кисела Вода им скисна ДУП-от

„Со првите закони за локална самоуправа се воведоа градските архитекти кои ги бираа политичките партии влезени во општинските собранија и тука почна хаосот, митото, корупцијата, менување по илјада пати на Генералните урбанистички планови, непочитување на генералните и деталните урбанистички планови, кој дојде ги менува, наместо да важат за децении“, вели Гошев.

Архитектот Мартин Пановски, пак, вели дека изградбата на станови зависи од побарувачката, а бројот на дозволи за станови ја поврзува со тоа што сега се градат поголеми објекти со повеќе станови. Во Центар имаше мораториум за градба па логично е по укинувањето на забраната да се одобруваат повеќе дозволи, во Карпош имаше недонесени Детални урбанистички планови, а Аеродром има најмногу парцели, вели тој.

Расте продажбата на станови, растат цените

„Во Општина Аеродром, нормално, кога ќе дадете да се гради секаде, како што се даде, има најмногу парцели и не би ме зачудило. Таа општина уште пред години направи планови коишто ја сменија урбанистичката матрица, така што во суштина оние зелени зони и слободни површини се зафатени со маркици. Тие не се стопираа, така што не би ме чудело што има најмногу во Аеродром“, вели Пановски.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Има ли излез од скопскиот урбанистички хаос?

За илустрација, во изминатата деценија најмногу одобренија за градба во еден месец биле издадени во октомври 2018 – 1591, во јули 2012 имало 1540, а над 1000 имало во септември 2016, мај 2017 и јули 2019. Во јули годинава има скоро 2000. Во останатите месеци има просечно по 500 одобренија.