Пред тешката битка за Донбас - стратегии и тактики

Украински повеќекратен фрлач БМ-21 „Град“ гранатира позиција на руските трупи, во близина на Луганск, во регионот на Донбас, на 10 април 2022 година.

Лоренс Фридман, почесен професор по воени студии на Кралскиот колеџ во Лондон, објаснува зошто тешкото вооружување ќе биде клучно за следната фаза од војната и како Русија сè уште може да заглави на истокот на Украина. Рид Стендиш

Со војната во Украина во седмата недела, а Москва посилно ја притиска својата кампања на исток и југ, борбите би можеле да станат побрутални, бидејќи тактиките во герилски стил што Украинците ги користеа околу Киев за да ги одбијат руските сили се префрлија поконвенционални битки.

Се чини дека и пресметките на Кремљ исто така се менуваат.

Откако целосно се повлече од регионот на Киев, Москва се надева дека ќе ја спаси својата кампања фокусирајќи се врз Донбас, каде што војната беснее од 2014 година по нелегалната анексија на Крим од страна на рускиот претседател Владимир Путин и потезите на сепаратистите поддржани од Русија да заземат територија.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 9 април изјави дека претстои „тешка битка“ на исток и дека Русија собира војници и опрема за голема офанзива.

Расчистување смртоносен воен отпад во Украина

Изгледите за најкрвавата борба во војната досега, исто така, се пореални, бидејќи невидените санкции што западните земји ги поставија кон Русија не успеваат да ја запрат нејзината воена кампања.

Без никакви индикации дека финансиската казна ги забавува руските воени напори, западните влади сега ја зголемуваат набавката на тешко вооружување за Украина додека таа се подготвува за борби за кои украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба рече дека повеќе ќе личат на битките од Втората светска војна, со илјадници тенкови, авиони и оклопни возила.

РСЕ разговараше со Лоренс Фридман, почесен професор по воени студии на Кралскиот колеџ во Лондон и автор на „Иднината на војната“, за да се добие подобро разбирање за тоа како ќе изгледа оваа нова фаза на војна.

РСЕ: Сега гледаме како Русите ја концентрираат својата кампања на исток и југ. Дали треба да очекуваме руската војска да се соочи со слични проблеми со снабдувањето и логистиката како на друго место во Украина? Како оваа фаза од војната може да се разликува од првата?

Фридман: Па, Русите не треба да ги имаат истите проблеми како што ги имаа во остатокот од Украина, бидејќи тие можат да се снабдуваат од Русија преку сепаратистичките енклави или преку Крим. Растојанијата очигледно не им се толку големи. Сепак, сѐ додека се во офанзива, ќе се соочуваат со проблеми.

Лоренс Фридман

Постои претпоставка дека тие сакаат да опколат голем број украински војници во областа Донбас, но додека Русија е во офанзива, мислам дека тие ќе имаат слични проблеми на ранливост на високотехнолошките герилски тактики на Украинците: запленување тенкови и прекин на линиите за снабдување, како и користење беспилотни летала. Очекувам многу повеќе да биде вклучена артилеријата, бидејќи мислам дека Киев се надева оти ќе добие повеќе од тоа од НАТО. Ова би можело да ја направи војната можеби понепријатна.

Не треба да ги потценувате украинските загуби досега. Ние всушност не знаеме толку многу за нив колку што знаеме за руските загуби и ова може да стане уште побрутална војна во наредните денови и недели.

Како и со речиси сè во врска со оваа војна, секогаш треба да се знае дека е полна со изненадувања и дека настаните можат да имаат чудни однесувања на војските - дури и онаа што претходно беше доста дисциплинирана војска како руската -- може да биде прилично кршлива и може да се скрши ако притисокот стане преголем.


Така, мислам дека најдобрата претпоставка е дека сме во фаза кога Русија се обидува да ја зацврсти својата позиција. Ако не го стори тоа, тогаш Украинците ќе тргнат во офанзива порано од очекуваното. Во секој случај, тие ќе мора да тргнат во офанзива во одреден момент и тогаш тоа ќе биде потешка кампања отколку што сме виделе претходно.

РСЕ: Имајќи го тоа на ум, кои се главните стратешки избори кои руската и украинската висока команда би можеле да ги мерат во моментов, особено кога гледаме на југ и на исток?

Фридман: Па, мислам дека Русите навистина треба да откријат колку линии на напредување сè уште сакаат, бидејќи тоа е местото каде што тргна наопаку уште од самиот почеток кога нападнаа на премногу оски и нивните сили беа премногу расфрлани.

Во моментот се чини дека тие се туркаат во голем број области, особено околу Харкив, каде што имаа поголем успех отколку што имаа на друго место. Но, тие навистина треба да видат дали ќе им дадат приоритет на одредени области или ќе продолжат да дејствуваат во голем број области со можеби некои идеи за опкружување на украински сили.

Украински војник поминува покрај уништен руски артилериски систем „Град“, во Харкив, 24 март 2022 година


Мислам дека колку повеќе Русите се обидуваат да се движат во различни области одеднаш, толку повеќе проблеми ќе имаат. Украинците, кои досега стратешки беа многу попаметни и повнимателни, ќе треба да имаат приоритети. Првиот приоритет е да се продолжи со затапување на руските офанзиви, што мислам дека тие во голема мера го прават во моментов, но сигурно ќе мора да го гледаат онаа што се случува во близина на Харкив. Исто така, постојат можности кои се отвораат за опколување на некои руски сили и кои ќе бидат примамливи и, во некои случаи, искушението вреди да се следи.

РСЕ: Гледате ли шанси да ги следите изгледите на можностите и да бидете доведени во грешки? Дали постои реален ризик за заглавување?

Фридман: Постои ризик, но досега мораме да кажеме дека украинската висока команда го одигра ова многу добро.

Мислам дека најголемиот проблем што ќе го имаат е нешто што можете да го видите во повеќето војни каде што се чини дека едната страна изгубила во одредена битка. Нештата што можете да ги правите со беспилотни летала и противтенковски оружја може да бидат доволно импресивни, но во одреден момент ќе ви требаат потешко оружје, а Русите ги имаат. Така, мислам дека тоа ќе биде еден од фокусот на борбите од сега па натаму.

РСЕ: Колку би можеле да бидат одлучувачки пратките на оружје од Запад на вагата во корист на Украина?

Фридман: Сосема правилно, земјите од НАТО не зборуваат премногу за тоа какво оружје испорачуваат -- или кога и каде -- но рекоа дека ја разбираат потребата од потешко оружје. Гледаме дека тенкови доаѓаат од Чесите, Британците обезбедуваат ракети „Харпун“, што всушност би можело да биде доста голема работа доколку ги користат и почнат да потопуваат големи руски бродови.

Беспилотните летала Bayraktar од турско производство одиграа значајна улога во одговорот на Украина на руската инвазија.

Но, ова е многу алчна војна во однос на опремата и материјалот. И на двете страни ќе им треба постојано снабдување, а едноставно не сум сигурен каква е ситуацијата на руската страна.

Се зборува дека им снемало паметни бомби -- прецизно водено оружје -- за нивните авиони, што е една од причините зошто нивните воздухопловни сили не беа толку ефикасни како што се очекуваше во поддршката на армијата. Значи, недостигот навистина има ефект и двете страни мора да се движат до одреден степен, имајќи го тоа на ум.

РСЕ: Дали мислите дека имаме јасност за тоа како може за Кремљ да изгледа крајниот исход, особено со оглед на тоа што американските разузнавачи рекоа дека Путин сака да има некаков успех за парадата на Денот на победата на 9 мај?

Фридман: Мислам дека немањето нешто до 9 мај би било срамно за Путин, но мислам дека нема тоа да е и пресудно. Каква и да стане ситуацијата, тие ќе се справат со тоа, но 9 мај сепак е фактор во нивните пресметки.

Ако Русите прогласат некаков вид на прекин на огнот, Украинците можеби ќе прифатат примирје на некое време, но не мора да ги прекинат своите воени подготовки и така натаму и така натаму. Ми се чини дека има голем ризик со прекини на огнот кои всушност не ја стабилизираат ситуацијата и тоа е нешто што Русите би можеле да се обидат ако чувствуваат дека се турнати назад.

Можеби ќе го пробаат тоа само затоа што е подобро да се држат до она што го имаат отколку да чекаат и да имаат уште помалку. Мислам дека е многу тешко да се знае што сакаат Русите, да бидам искрен. Доњецк и Луганск во нивните класични граници? Да, претпоставувам дека тоа би можело да биде тоа. Нешто што се протега од Харкив до Одеса?“