Наводните напади во Трансдњестар, отцепен регион на Молдавија, поттикнаа голем број луѓе да си заминат и ги продлабочија стравувањата дека Русија е склона да ја прошири својата војна надвор од Украина.
Киев ја обвини Москва за организатор на нападите, меѓу нив и експлозии во кои беа оштетени две радиодифузни кули и една зграда во која се сместени сепаратистичките канцеларии во Тираспол, непризнатиот главен град на Трансдњестар, кој се отцепи од Молдавија по кратката војна во раните 1990-ти години.
Украина предупредува дека Русија сака да ја дестабилизира Молдавија
Одговорот на Молдавија беше повнимателен. По состанокот со нејзините највисоки безбедносни претставници на 26 април, молдавската претседателка Маја Санду, која го замени долгогодишниот руски сојузник и која се залага за поцврсти врски со Западот, ги обвини „про-воените фракции“ дека се обидуваат да ги ескалираат тензиите во Трансдњестар.
Наводните напади - кои предизвикаа многумина да побегнат од Трансдњестар кон остатокот од Молдавија - доаѓаат по неодамнешната изјава на висок руски воен офицер.
Покрај борбените сили на отцепениот регион, околу 2.000 руски војници се сместени таму, на само 2 километра од границата со Украина.
Рускиот армиски генерал Рустам Минекаев на 22 април изјави дека Москва има намера да ја преземе јужна Украина, вклучувајќи го и пристанишниот град Одеса, што ќе ѝ овозможи на Русија „уште еден излез на Трансдњестар“.
Украинскиот претседател Володимер Зеленски рече дека коментарот на Минекаев е сигнал дека руската инвазија е само „почеток“ и дека „тие сакаат да заробат други земји“.
Дали руската војска може да ги надмине проблемите во Украина?
И покрај неуспесите на неговата војска во Украина, рускиот претседател Владимир Путин може да се одлучи за поголем грабеж на територии, вели за Радио Слободна Европа Стефан Волф, професор по меѓународна безбедност на британскиот универзитет Бирмингем.
„Во сценариото од соништата на Путин, да. Тој сака да ја заземе цела јужна Украина, да го признае Трансдњестар, а потоа да предизвика повеќе проблеми во остатокот од Молдавија, вклучително и Гагаузија“, објаснува Волф, мислејќи на автономниот регион на Молдавија, кој е населен главно со православни христијани од турското говорно подрачје.
Некои тврдат дека Минекаев само го прикажувал новото размислување во највисоките ешалони на руската војска.
„Руската војска верува дека ограничувањето на првичните цели на војната е сериозна грешка. Тие сега тврдат дека Русија не се бори против Украина, туку против НАТО“, напишаа Андреј Солдатов и Ирина Бороган во написот за Центарот за анализа на европската политика со седиште во САД, додавајќи:
„Поради тоа, високите офицери заклучија дека западната алијанса се бори целосно (преку снабдувањето со сè пософистицирано оружје), додека нејзините сопствени сили дејствуваат под мирнодопски ограничувања како например без воздушни напади врз некои клучни области на инфраструктурата на Украина. Накратко, Војската сега бара сеопфатна војна, вклучително и мобилизација“.
Видете и ова: Путин: Ако некој интервенира во Украина, ќе одговориме молскавичноКако можен знак за промена на стратегијата, еден руски ракетен напад на 26 април беше насочен кон клучниот мост што го поврзува украинскиот регион Бесарабија со остатокот од регионот Одеса.
Сепак, и покрај тој напад, воените експерти се прашуваат дали Русија би можела да изврши нова офанзива во регионот.
Мајкл Кофман, кој ја предводи програмата за студии за Русија во CNA, непрофитна организација за истражување и анализа лоцирана во Арлингтон, Вирџинија вели: „Генерално мислам дека руската војска драматично ја намали борбената ефикасност со оглед на високото ниво на загуби и ограничувањата на достапноста на силите“.
Русија само двапати даде официјални податоци за своите загуби од почетокот на инвазијата на 24 февруари, и тие беа многу пониски од западните и украинските проценки. На 2 март руското Министерство за одбрана соопшти дека бројот на загинати е 498, а на 25 март објави дека биле убиени 1.351 војник.
Украинските власти објавија дека бројката на руски смртни случаи е повеќе од 21.000, заклучно со 27 април. Русија, исто така, претрпе големи загуби на својот воен хардвер за време на двомесечните борби во Украина и може да поминат „години“ пред да биде подготвена за нова војна, велат други аналитичари.
„Реално, Москва нема воена способност да го стори тоа. Тие веќе се мачат да постигнат значителни придобивки во Донбас. Исто така, не е јасно дали тие ќе можат да задржат какви било новоокупирани територии - сегашниот „план“ претпоставува окупација на околу една третина од украинската територија. Дури и со локални посредници и окупаторски трупи, тие ќе се впуштат во продолжен локален отпор, добро поддржан од она што остана од Украина под контрола на владата“, вели Волф.
Бранејќи го Миколајев
Конрад Музика, полски одбранбен аналитичар, исто така, се сомнева дека Русија ќе ја прошири својата офанзива во скоро време. „Рускиот фокус сега е врз Донбас и североисточен Керсон“, вели тој за Радио Слободна Европа, мислејќи на регионите под контрола на сепаратистите во југоисточна Украина и областа северно од Крим.
Според Музика и други воени аналитичари, способноста на Украина да ги одбие руските напади во јужниот пристанишен град Миколајев досега била клучна за запирање на секое руско напредување кон исток долж брегот на Црното Море.
„Сите зборуваат за украинската одбрана на Киев, но одбраната на Миколајев беше исто толку важна“, објаснува Музика, осврнувајќи се врз повлекувањето на Русија во минатиот месец од областите околу главниот град на Украина, што го натера Кремљ, барем јавно, да ја намали својата воена цел. „И ако Москва навистина одлучи да маршира кон Трансдњестар, нема да добие голема поддршка од слабо опремените сили таму“, вели за РСЕ Дионис Ценуса, соработник во Центарот за Источна Европа со седиште во Вилнус.
„Во Трансдњестар има околу 2.000 руски војници. Зошто Русија би отворила нов фронт во такви услови?“, наведува Ценуса, осврнувајќи се врз 1.500 руски војници за кои се вели дека го чуваат огромното складиште за муниција во Кобасна и уште 500 војници кои Москва ги опишува како мировници од кои Кишињев долго бараше да си заминат.
Видете и ова: Трансдњестар тврди дека Украина извршила напад во близина на руско складиште за муницијаСепаратистичкото Придњестровие има и свои вооружени сили, меѓу 4.000 и 7.500, иако малку се знае за нивните борбени способности или опрема.
Иако сеопфатниот напад врз Трансдњестар засега би можело да биде низок приоритет, Москва може да се обиде да ја дестабилизира Молдавија, каде што Кремљ загуби клучен сојузник кога Санду беше избрана за претседателка во декември 2020 година.
Прозападните партии исто така поминаа добро на парламентарните избори во јули лани и тоа дополнително го намалува влијанието на Кремљ во земјата. За таа цел, неодамнешните инциденти во Трансдњестар најверојатно биле оркестрирани од Кремљ, смета Волф.
„Сè уште мислам дека е поверојатно оти ова доаѓа директно од Москва, но би можело да биде извршено од некои локални оперативци директно на платниот список на Кремљ. Она што го слушнав од извори на терен е дека и Тираспол и Кишињев се прилично ужаснати што ќе бидат вовлечени во војната во Украина и се обидуваат да избегнат каква било дестабилизација“, оценува Волф.
„Руските безбедносни служби сега веројатно дебатираат „дали да ја дестабилизираат Молдавија за да ги врзат украинските сили на јужната граница, да се спротивстават на растечките проевропски чувства во земјата и да му покажат на Западот дека поддршката за Украина ризикува пошироки последици, вклучително и на Балканот“, оценуваат Џек Ватлинг и Ник Рејнолдс во нивната неодамнешна статија „Операција Z“, објавена од Британскиот институт „Ројал Јунајтед Сервис“.
На 7 април, претседателката Санду објави забрана за прикажување на лентите на Свети Ѓорѓи - црните и портокаловите ленти долго време се сметаа во Украина како симбол на руската агресија - заедно со руските воени симболи како што е сеприсутниот „Z“.
Украинските власти пријавија руски ракетен напад врз Одеса
По оваа забрана, според Вотлинг и Рејнолдс, украинските разузнавачи почнале да добиваат извештаи дека Федералната служба за безбедност на Русија разговарала за организирање на протестно движење во Молдавија.
Според политичкиот аналитичар Кристијан Влас, тој тип на нарушување е поверојатното сценарио за Молдавија. „Иако проруските социјалисти најавија дека ќе одржат митинг на 9 мај (Денот на победата) без ленти на Свети Ѓорѓи, треба да очекуваме провокации во Гагаузија и можеби на север во градот Балти“, рече тој, мислејќи на вториот по големина град во Молдавија, каде што проруските симпатии се високи.
Со зголемувањето на цените на рускиот гас што силно ги погодува луѓето во Молдавија, најсиромашната земја во Европа, ситуацијата е особено нестабилна сега, вели Влас, заклучувајќи: „За вакво протестно движење нема потреба од голем притисок, бидејќи многу луѓе веќе имаат акумулирано голема загриженост поради високата инфлација и зголемените цени на основните производи“.