На секој ученик кој од први септември ќе следи настава со физичко присуство ќе му биде измерена температура пред да влезе во училиштето. Ако таа е повисока од 37, 4 степени тогаш нема да му биде дозволен влез во училиштето. Истото важи и за вработените во училиштето.
Првиот ден од наставата започнува со упатства за учениците за тоа како правилно и безбедно да се однесуваат, да одржуваат физичко растојание, хигиена на рацете и заштита на сопственото здравје, но и здравјето на останатите ученици и вработените во училиштето.
Според протоколот за реализација на воспитно-образовниот процес, наставата во училница ќе се изведува со обезбедено физичко растојание од 1,5 метри помеѓу учениците и наставникот и учениците, а исто така се забрануваат поздравувања со физички контакт за вработените во училиштето и меѓу учениците. Влегување во училиштето е дозволено само со задолжително користење на заштитни маски на лицето за сите вработени и ученици во училиштето.
Наставниците и професорите со кои разговаравме велат дека ги завршуваат последните подготовки со цел успешна реализација на наставниот процес. Протоколот предвидува тоалетите да бидат функционални заради овозможување услови за почесто миење на рацете со проточна вода и сапун и дезинфекција со средство кое делува на вируси или 70% алкохол за дезинфекција на горни површини. Од основното училиште „Крсте Мисирков“ од Куманово велат дека ги имаат потребните услови за работа во време на пандемија.
Видете и ова: Средните школи во Тетово и Гостивар наставата ќе ја почнат онлајн, а основните со физичко присуство„Хигиенскиот дел е покриен во сите училишта. Строго се внимава на тоа. Еве пред мене е апаратот за дезинфекција, сите училишта ги имаат тие апарати и на некој начин децата ќе бидат заштитени во тој дел. Протоколите ќе се почитуваат и начинот на кој ќе се одвива наставата за сите деца ќе се утврди врз основа на прашалниците кои ги испративме до родителите за да се изјаснат на каков начин нивното дете ќе ја следи наставата“, изјави Марина Манојловска, наставник во ОУ „Крсте Мисирков“.
Подготвени се и во Средното училиште „Зефљуш Марку“ во Скопје. Професор Насер Мифтари вели дека училиштето ги има потребните услови за почеток на наставата со физичко присуство, но и ако биде потребно и со учење од далечина.
„Што се однесува до техничкиот дел, да, подготвени сме, имаме доволно хигиенски средства, но сметам дека би било потребно тука да влегуваат и заштитните маски. Како институција и тоа како средство за заштита треба да биде изложено во училиштето. Ако некој дојде без маска, да му биде дадена пред да влезе во училиштето“, вели професорот Мифтари.
Ако ученик развие симптоми на ковид-19 додека е во училиште, наставникот го изолира ученикот во посебна просторија со задолжително носење на заштитна маска и веднаш ги известува родителите, кои пак во најкраток временски период треба да го земат детето со цел консултација и натамошни активности со матичниот лекар на ученикот.
Видете и ова: Наставниците подготвени, но чекаат насоки за старт на учебната годинаДоколку се потврди дека ученик е заболен од ковид- 19, се известува епидемиолошката служба во Центарот за јавно здравје кој итно треба да направи анкета со наставниците и учениците за проценка на степенот на ризик врз основа на контактите кои ги имале.
За учениците кои се позитивни на Ковид 19 или се во самоизoлација, наставата може да се реализира преку учење од далечина. Учениците кои следат настава од далечина се вклучуваат на часот во истото време додека наставникот го одржува часот со учениците кои следат настава со физичко присуство.
Просветните работници уверуваат дека мерките строго ќе се почитуваат, а за време на наставата и одморите, со учениците задолжително ќе биде присутен класниот раководител/наставник кој ќе се грижи за почитување на физичка дистанца меѓу учениците.
„Ние сме подготвени и ќе се придржуваме на правилата кои ги содржи протоколот на Министерството за образование и Комисијата за заразни болести. Училиштето е снабдено со сите потребни хигиенски средства за придржување кон протоколот. Учениците и родителите веќе се запознаени со распоредот за тоа како ќе се организирани часовите“, изјави Љулиета Шабани Ќерими, директорка на ОУ „Хасан Приштина“ во Чаир.
Според протоколот за следење настава со физичко присуство, наставниот час ќе трае 40 минути. Малиот одмор се користи во траење од 5 минути меѓу часовите и голем одмор во траење од 15 до 20 минути. За време на одморите потребно е да се намали колку што е можно повеќе физичкиот контакт меѓу учениците. Исто така за време на големиот одмор кога учениците се во училишниот двор, задолжително се спроведува чистење на училниците со вода и сапун, дезинфекциско средство и задолжително се проветруваат просториите.
Видете и ова: Анти ковид мерки - едни се жалат, други ќе протестираатДоколку епидемиолошката ситуација во државата или одредени општини се промени и се забележува повторно ширење на вирусот, може да се донесе одлука наставата за учениците од петто до деветто одделение да се одвива со учење од далечина и тогаш наставниот час трае 30 минути. Доколку пак се премине на третото сценарио, односно комбинираниот модел тоа значи дека дел од учениците ќе ја следат наставата со физичко присуство, а дел со учење од далечина ( учениците од прво до четврто одделение, наставата ја следат во училиште, додека учениците од петто до деветто одделение наставата ја следат дел во училиште, дел со учење од далечина).
Какви се образовните протоколи во земјите од регионот
Иако мерките во образовниот систем во повеќето соседни земји се полабави од минатата година, секоја земја има свои правила кои мора да се почитуваат.
Така на пример училиштата во Грција ќе се отворат на 13 септември, како и обично, под услов на строги безбедносни протоколи против Ковид-19 . Таму 75-80 проценти од наставниците се вакцинирани или барем имаат термин за вакцинација. Учениците ќе мора да доаѓаат на училиште или со потврда за вакцинација (за возрасна група од 12-17 години) или со сертификат за прележан Ковид-19 во последните шест месеци. Во спротивно, тие ќе мора да прават само-тест двапати неделно и да донесат потврда за негативни резултати при влегување во училиште.
Албанија го одложи почетокот на учебната година за 27 септември наместо на 13 септември.Албанскиот премиер Еди Рама, пак, предупреди дека земјата може да воведе задолжителни вакцини против Ковид-19 за универзитетски професори и студенти.
Во Словенија, новата учебна година почнува на 1 септември со услов за редовно тестирање на училишниот персонал во случаи кога нема вакцинација или прележан ковид.
Учебната година во Србија ќе почне на 1 септември со часови од по 45 минути. Во државата се предвидени три модели на работа на училиштата, во зависност од ситуацијата со епидемијата. Според првиот, учениците ќе седат заедно на клупи и ќе носат маски додека зборуваат, а вакцинираните наставници нема да носат маски додека не му пријдат на ученик на помалку од 1,5 метри. Вториот модел ќе важи за учениците од седмо и осмо одделение, кои еден ден ќе посетуваат училиште и еден ден ќе учат онлајн. Според третиот модел, кој ќе се применува во општините со најголем број на заразени со Ковид-19, ќе се спроведе онлајн настава за средношколци и комбинирана обука за учениците од основните училишта.
Во Хрватска децата од 1 до 5 одделение, за разлика од минатата година, ќе можат да се мешаат. Маските остануваат како еден од условите за учениците од петто одделение и нагоре, доколку не е можно да се обезбеди растојание од два метри. Ако ученикот е болен, целиот клас не треба да оди во самоизолација, туку само неколку ученици кои седат лево и десно.