Додека се очекува нивното пристигнување во Скопје , каде што треба да се сретнат со македонските политичари, од Софија, засега се нагласува дека нема промена во нивните позиции.
Политичката двојка Вархеји-Силва, во двата соседни главни града го презентираат предлогот со кој би требало да се деблокираат македонските европски интеграции, кои Бугарија ги стопираше лани со тврдење дека соседот кандидат за членство не ги исполнува обврските од меѓусебниот договор, најмногу поврзани со историјата.
Бугарскиот претседател Румен Радев, службениот премиер Стефан Јанев и службениот министер за надворешни работи Светлан Стоев се дел од бугарските политичари со кои се среќаваат Вархеји и Силва.
Нема промена во позицијата на Бугарија во однос на Република Северна Македонија, изјави бугарскиот министер за надворешни работи Стоев по средбата со Вархеји и Силва.
„Бугарија продолжува да ја поддржува европската интеграција на земјите од Западен Балкан врз основа на запазување на критериумите за индивидуален напредок на секоја држава и исполнување на фундаменталните вредности на областите како добрососедство. Отворени сме за одговорен, откриен и целосен дијалог со РС Македонија. Очекуваме од нашите најблиски соседи во регионот да работиме во дух на искреност и конструктивност. Сакам да нагласам дека за таа тема има целосен континуитет и не може да се очекува промена во националната позиција на Бугарија во однос на РС Македонија“, рече министерот Стоев.
Силва- сега е време за директни консултации
Видете и ова: Во Брисел состанок за Западен Балкан- причина се сериозните потешкотии на регионотПортугалскиот министер Силва,пак, рече дека процесот на проширување е еден од приоритетите на Лисабон. Нагласи дека за нив се важни два процеса за проширувањето- почнување на меѓувладините конференции со Србија и Црна Гора и одобрувањето на преговарачката рамка за Скопје и Тирана.
„И за двата процеса беше многу важно да ги чуеме бугарските предлози, иницијативи и загрижености. Ние го правиме тоа преку соодветни дипломатски и политички канали и веќе доста работи се завршени. Затоа сега беше време да направиме директни политички консултации со Бугарија и тие ќе бидат од огромно значење за продолжувањето на процесот и многу важни за португалското претседателство“, рече Силва.
Но двајцата, Вархеји и Силва, не го заобиколија ниту доскорашниот премиер на Бугарија, а сега лидер на ГЕРБ Бојко Борисов, чија влада ја блокираше Македонија.
„Европската иднина на Западен Балкан е гаранција за мир и просперитет. Европа мора да продолжи да работи активно и со образложение на пристапувањето на Република Северна Македонија и Албанија, водејќи сметка за позициите на секоја земја. Пред неколку години бугарската влада ја врати темата за интеграција на Западен Балкан во европската агенда и за време на нашиот денешен состанок, комесарот на ЕУ Оливер Вархеи ме увери дека ЕУ многу го цени овој факт. Разговаравме и за проширување на транспортната и дигиталната инфраструктура на земјите од регионот“, напиша на својот профил на социјалната мрежа Борисов.
Позицијата на неговата партија се чини појасно ја дефинираше поранешната министерка за надворешни работи Екатерина Захариева. Таа доцна синоќа на Фејсбук напиша дека предлогот не ја задоволува рамковната позиција на Бугарија, тврдејќи дека во него ги нема потребните гаранции кои ги бара Софија.
Неприфатлив предлог за Бугарија?
Бугарската агенција БГНЕС, пак ,повикувајќи се на свои извори тврди дека предлозите на португалското председателство за прифаќање на преговарачка рамка со Северна Македонија се, како што пишува, апсолутно неприфатливи за Бугарија зошто го враќале разговорот една година назад, биле во спротивност со бугарската позиција пресликана во решенијата на сите бугарски власти и поддржана едногласно од сите бугарски политички партии.
Видете и ова: Меркел повика на разбирање, на потег се Заев и Борисов
Предлозите, пишува БГНЕС, во пракса значат тргнување на секакви гаранции за исполнување на можните договорени работи кои се основен проблем во односите на Република Северна Македонија со Бугарија и Европската унија како целина. Агенцијата тврди дека го има документот и објавува дел кој наведува дека е од него.
„Документот во пракса ги префрлува бугарските предлози во рамки на Процесот за стабилизација и асоцијација кој е процес во кој нема никакви оперативни решенија. За разлика од процесот на пристапните преговори во рамките на Процесот за стабилизација и асоцијација на Бугарија и се одзема можноста за реагирање ако РСМ повторно не ги исполнува обврските. Од документот станува јасно дека властите во Скопје треба да направат патоказ чие исполнување треба да се следи во рамките на Процесот за стабилизација и асоцијација но тоа има само козметички и неоперативен карактер“, пишува агенцијата.
Македонскиот јазик- спорна точка
Во предлогот на португалското претседателство, наведува понатаму агенцијата, се предвидува да има еднострани декларации на Бугарија и РСМ, а се предлага „РСМ да признае дека македонскиот јазик е кодифициран во 1945 година“, но тоа, како што пишуваат е одамна признат факт од властите во Скопје. Понатаму, се предлага двете држави да разменат декларации за краткото и долгото име на РСМ а како апсолутен преседан агенцијата го оценува тоа што во предлогот се зборува за црвените линии на РСМ. Според пишувањете на бугарскиот медиуми, овој документ всушност е повторување на веќе предложеното решение од германското претседателство со Европската унија при крајот на минатата година.
Во меѓувреме покрај Захариева со свој став се јави и поранешниот министер за одбрана Красимир Каракачанов, сега лидер на ВМРО-БНД. Каракачанов, кој е еден од најгласните за македонското прашање исто така инсистира на конкретни точки кои морало да ги има во предлогот.
„Никакви еднострани декларации или обврски за Скопје кои не се со јасни механизми за следење, исполнување и санкции и кои ќе бидат во самата преговарачка рамка не може да бидат прифатени. Без јасно признавање од Скопје на бугарските корени, бугарскиот идентитет и јазик на населението во Македонија во минатото не може да има промена на бугарската позиција“, наведува Каракачанов.