Првaта рунда преговори меѓу Украина и Русија, чија цел беше да се стави крај на руската инвазија врз нејзиниот сосед заврши без конкретен договор. Владимир Медински, помошник на рускиот претседател Владимир Путин рече дека разговорите со украинските власти траеле речиси пет часа.
Медински ја предводеше руската делегација во Белорусија. Тој рече дека двете страни „нашле одредени точки за кои може да се предвидат заеднички позиции“. Тој додаде дека е договорена уште една рунда разговори.
Михаило Подољак, главен советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски, рече дека разговорите биле фокусирани на можен прекин на огнот и дека вториот круг би можел да се одржи „во блиска иднина“.
По завршувањето на разговорите кои се одржаа во регионот Гомел во близина на украинско-белоруската граница преговарачите од двете страни заминаа во главните градови на консултации пред втората рунда разговори.
Доцна попладнево украинскиот претседател Зеленски изјави дека потпишал официјално барање Украина да се приклучи на Европската унија.
Зеленски побара од Европската унија да и дозволи на Украина веднаш да добие членство по посебна процедура, бидејќи таа се брани од инвазија на руските сили, јави агенцијата Ројтерс.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Украина се соочува со масовна неиспровоцирана инвазија од соседна Русија, а Зеленски и претходно денеска ја повика Европската унија веднаш да и даде членство на Украина по посебна процедура.
„Нашата цел е да бидеме со сите Европејци и што е најважно, да бидеме еднакви. Сигурен сум дека тоа е фер. Сигурен сум дека го заслужуваме тоа“, рече тој во видео говор споделен на социјалните мрежи.
Официјален Киев и пред разговорите објави дека бара итен прекин на огнот и повлекување на руските трупи, додека Русија не ги објави своите барања пред почетокот на состанокот.
Видете и ова: Путин до Макрон: украинската неутралност е клучна за секое решениеНо, попладнево во телефонски разговор со францускиот претседател Емануел Макрон шефот на Руската федерација Владимир Путин рекол дека дека решението за Украина е можно само доколку Киев е неутрален, „денацифициран“ и „демилитаризиран“ и ако формално биде призната руската контрола врз анектираниот Крим, соопшти Кремљ.
Денешните разговори на двете делегации, пак, се одвиваа додека додека Москва се соочува со влијанието на строгите економски санкции од Западот поради нејзината неиспровоцирана инвазија и поради извештаите дека градовите Харков и Чернихив биле под интензивно руско бомбардирање. Антон Херашченко, советник на министерот за внатрешни работи на Украина, рече дека десетици луѓе биле убиени во ракетните напади на руските сили врз Харков на 28 февруари.
„Врз Харков штотуку масовно беше пукано. Десетици мртви и стотици ранети“, рече тој во објавата на Фејсбук.
На друго место, очевидци рекоа дека ракетна експлозија запалила зграда рано на 28 февруари во северниот украински град Чернихив во близина на границата со Белорусија. Локалните жители ја обвинија руската војска за нападот.
Според службите за итни случаи на Украина, една жена се здобила со полесни повреди.
Нема независно потврдени бројки на жртви, но руската армија на 27 февруари за првпат призна дека некои од нејзините војници биле „убиени и повредени“, но не даде никакви бројки или дополнителни детали.
Русија ја започна воената инвазија врз Украина на 24 февруари и од тогаш траат борбите во таа земја. Со ескалацијата на борбите на теренот, западните сојузници спроведуваат се построги санкции кон Русија меѓу кои затворање на воздушниот простор за руските авиони, исклучување на некои банки од финансиската мрежа СВИФТ, мерки кои се оценува дека ја погодуваат руската економија.