Пратеникот е претставник на граѓаните на Република Македонија и при извршувањето на функцијата пратеник одлучува по свое уверување, пишува во основните одредби на Законот за пратеници.
Во истиот закон ,меѓу другото, стои дека функцијата пратеник во Собранието се врши професионално, дека таа е неспојлива со други функции определени со закон и е неспојлива со вршењето на дејности со профитна цел.
Но, се чини дека перцепцијата во јавноста за функцијата пратеник како престижна професија, во последните неколку години се менува во насока на помала доверба во пратениците. Македонската јавност неколкупати досега сведочеше на сцени на политички пазарења меѓу пратениците, менување на ставовите на пратениците преку вечер, исклучувања на пратеници од партиите поради тоа што не постапиле така како што им наложила партијата.
Исклучувањето на пратеникот Кастриот Реџепи од матичната партија Беса откако одлучи да не дојде на седница и да гласа за недоверба на владата беше последниот случај кој покажува дека пратеникот може да постапи спротивно од очекуваното. И порано имаше случаи во кои пратениците под притисок на политичките партии се принудени да постапат и спротивно од своите убедувања, или пак да постапат според личниот интерес, а не според интересот на граѓаните.
Не ретко во извештаите за ефикасноста на Собранието има критики за недоаѓањето на пратениците на седници или невклучување во собраниската дебата на дел од пратениците. Критики во јавноста имаше и за висината на патните трошоци и злоупотребите кои се правеле со нив, се слушаа обвинувања за непотизам и сл.
Пазарења, уцени и згоелемена недоверба
Видете и ова: Лидери што не си држат до зборот создаваат поголема апатија кај граѓанитеПратеникот е една од централните институции на нашиот политички систем. Пратеникот во Собранието ги претставува граѓаните, но има право секогаш да гласа по свое лично уверување. Гледано од оваа призма, најважно е каков квалитет на човек ќе влезе во таа улога и ќе стане пратеник, велат пратеници од поранешните собраниски состави.
„Кога ќе споредиме сега од оваа временска дистанца, мислам дека првиот парламентарен состав беше херојското време на македонскиот парламентаризам. Откако почнаа да се бираат политички влади од 1994 наваму и откако се воведе пропорционалниот изборен модел како најважен, а големите политички партии заседнаа во Собранието и почувствуваа дека работата може да им оди без никој да им конкурира, Македонија влезе во еден сосема друг процес на парламентаризмот и пратеникот практично стана средство на политичките партии за политички пресметки, отколку претставник на граѓаните“, се сеќава поранешниот пратеник Тито Петковски.
Петковски вели дека политички пазарења и притисоци врз пратеници имало и во поранешните состави, а се среќаваат и во земји со голема парламентарна традиција.
„Имало од секогаш такви случаи, но сега кај нас се вулгаризира до таа мерка дека може од денеска до утре да се промени мислењето на човекот (пратеникот). Тоа не е својствено за луѓе со малку поголема парламентарна култура и традиција, така што местото на пратеникот особено во услови кога парламентарното мнозинство е многу тенко, е целосно искомпромитирано“, вели Петковски.
Неговиот колега Исмет Рамадани кој беше пратеник во првиот парламентарен состав вели дека тоа што професијата пратеник е девалвирана е резултат на промената на изборниот модел од мнозински во пропорционален.
„Кај пропорционалниот модел претседателот на партијата и тесното раководство го имаат главниот и последниот збор на списокот на пратеници што ги поврзува со партијата и затоа тие го губат авторитетот кај пошироките народни маси зошто има убедување дека тие може да се партиски послушници и затоа кај тие пратеници не доаѓа до израз нивното лично убедување како што тоа се пропишува според Уставот. Значи, со текот на годините функцијата пратеник се девалвираше, особено кога се појавуваат случаи како последниот или како кога имаше обиди да се направи мнозинство од пратеници со преминување на пратеници од една во друга партија, од власт во опозиција и обратно“, вели Рамадани.
Видете и ова: Буџетот прв тест за функционалноста на Собранието
Рамадани сведочи и за ситуации кога и покрај одредени политички притисоци кога тој бил пратеник, пратениците од првиот парламентарен состав гласале според своите лични убедувања, а не според насоките на матичната партија. Таков пример е 1992 година кога, како што вели, пратеници од сите пратенички групи гласале според свое лично убедување и и изгласаа недоверба на владата на Никола Кљусев.
Друг случај е кога владата на Љупчо Георгиевски и Демократска алтернатива успеа да го „преживее“ гласањето за доверба, иако како што се сеќава Рамадани, постоеле шпекулации дека некои пратеници од владејачката коалиција ќе гласаат за недоверба. Сепак на денот на гласањето, бројките покажале дека пратеници од сите политички партии гласале според свое убедување, а не според партиските инструкции.
Нашите соговорници заклучуваат дека политичките пазарења, уцени и притисоци придонесуваат за намалената доверба на граѓаните во пратениците и политичарите воопшто.