Праизведба на „Океан во капка“ од Андовска во Филхармонија

Плакатот за концертот

Специјално напишано за француско-македонското дуо СолиПс и сопранистката Гонца Богоморова-Краповска, оваа среда на 4 мај во 20 часот, во Камерната сала на Филхармонија ќе се случи праизведбата на „Океан во капка“ од македонската композиторка Дарија Андовска.

Воведот во концертните мајски случувања за љубителите на класичната музика е повеќе од благопријатен. Дури, ќе си земам за право да кажам „светски“. Онака како што прилега на средина која го почитува сопственото музичко творештво и која остава широк простор за воспоставување на пожелуваните музички врски. И, само така и никако поинаку може да се најави она што не очекува утревечер, во среда на 4 мај во 20 часот, во Камерната сала на Филхармонија. Во определениот термин е закажан концертот на француско-македонското дуо СолиПс, кое патем го сочинуваат флејтистката Елена Стојческа и гитаристот Ромен Петио, и нашата оперска певица - сопранистката Гонца Богоморова-Краповска. Тие заедно потпишуваат исклучително модерна музичка програма која е обоена со оригинална уметничка инспирација. Концертот, како што ќе биде забележано, најнапред е „сцена“ за светската праизведба на оригиналното дело „Океан во капка“ на македонската композиторка Дарија Андовска.

Океан во капка“ е специјално напишана за дуото СолиПс и за сопранистката Гонца Богоморова-Краповска. Кога мислев каква композиција да им напишам по нарачка прво ми текна на севкупната боја на нивниот ансамбл и тоа ме повлече да мислам на Руми и на еден негов цитат којшто јас го парафразирав – во оригинал е „Ти не си капка во океан, туку си океан во капка!“, а јас го парафразирав во „Јас не сум капка во океан, туку океан во капка!“ . Начинот на којшто тие го изведуваат делото, заедно со фиксен медиум, мислам дека е единствен. Една од најдобрите изведби коишто јас сум ги чула на мое дело во мојот живот. А на Стојчевска и Петио ова им е првата соработка со Богоморова – Краповска и неверојатно е нивото на професионалност кое го имаат постигнато во нивниот век за вака после три проби композициите да се доведени до ниво на совршенство, вели композиторката.

Дарија Андовска

Интересно е и тоа што на концертот по прв пат на некоја од нашите сцени ќе бидат изведени и две македонски традиционални песни - „Си заљубив едно моме“ и „Со маки сум се родила“ , преработени повторно од Андовска за овој ансамбл.

Овие две песни се дел од циклусот „Песни од татковината“ којшто е оригинално напишан за македонскиот бас-баритон Милан Силјанов и кој тој го изведуваше во Баварската државна опера во Минхен. Сега тие песни се преработка за гитара, флејта и сопран и за оваа програма. Се разбира секоја преработка си повлекува и нови композициски интервенции. Мојот приод кон македонскиот фолклор чекаше јас да созреам за да си дозволам да му пристапам затоа што се плашев да не го сквернавам и се држам до тоа она што е изворна македонска музика да биде како клесано во камен, додека мојот придонес е како филигранска обработка околу тоа што е трајно забележано на каменот, смета Дарија Андовска.

Родена 1979 година Андовска е композиторка на оркестарска, камерна, солистичка, вокална музика, музика за филм, театар и танц, како и на мултимедијални проекти. Нејзините дела се изведувани на бројни домашни и светски фестивали, почнувајќи од Македонија, Бугарија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Швајцарија, Италија, Германија, Грузија, Франција, Белгија, Англија, Ирска, Данска, Шведска, Норвешка, Украина, Азербејџан, Австрија, Албанија, Русија, Мексико, Канада, Полска, Романија, Ерменија, Турција, САД... а наградувана е и издвоена како еден од најзначајните музички творци од помладата генерација во Европа.

Програмата на овој несекојдневен концерт ја чинат и три дела на француски автори кои ќе ја доживеат македонската премиера - „Две поеми од Ронсар“ на Албер Русел, извонредното „Самогласки за соло флејта“ на Софи Лаказ инспирирано од поема на Артур Рембо и „Мирот почива во пустина“ на Жан-Кристоф Роза. Покрај нив тука се и популарната „Арија на Бахијана Бразилерас n°5“ на бразилскиот класик Хектор Вила-Лобос која овојпат ќе биде изведена во нејзината оригинална верзија за вокал и гитара и за крај композицијата „Сон во сон“ од италијанскиот композитор Масимилијано Месиери, кој ќе биде гостин на овој концерт.

А кога сме веќе кај Месиери, чисто информативно дека е роден 1964 година во Болоња, а неговите дела се изведувани низ Европа и САД. Како што пишува италијанската критика „кај Масимилијано Месиери можете да слушнете извонреден баланс помеѓу стилски карактеристики на популарна музика од медитеранскиот регион и современата музичка техника“.

Елена Стојческа и Ромен Петио - дуо СолиПс

Од друга страна, зад дуото СолиПс со својот изведувачки габарит стојат македонската флејтистката Елена Стојческа и францускиот гитарист Роман Петио. Тие својата звучна авантура ја почнале во 2011 година и досега одраже бројни концерти и настапи на фестивали во Франција, Италија, Чешка, Сан Марино, Русија, Белгија, Босна и други земја. Негуваат репертоар во кој се дела од 20 и 21ви век, а тесно соработуваат и со мнозина современи европски композитори ( Доина Ротару, Месиери, Тору Такемицу, Винсент Еро, Лоранс Шер или Едисон Денисов) премиерно изведувајќи дела специјално напишани и посветени на дуото .

Гонца Богоромова Краповски

Конечно, Гонца Богоромова Краповски е уметник која своите достигнувања ги афирмира преку забележителна концертна дејност на домашната и меѓународната сцена. Како солист и камерен музичар соработувала со еминентни домашни и странски ансамбли, диригенти, солисти и пијанисти. Работи како наставник по соло пеење и камерна музика при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје.

Инаку, зад овој концерт како организатори стојат Францускиот институт од Скопје и Министерството за култура, а влезот за посетители е слободен.