Поскапување на струјата како варење жива жаба

Илустрација

Струјата поскапе, ама со подмачкување од две години. Регулаторната комисија донесе одлука за поскапување од 12 отсто, но владата предлага намалување на ДДВ-то за струјата од 18 на 5 отсто за тоа да не се одрази на сметките. Сепак, намалувањето на данокот ќе важи само до догодина, по што постепено ќе се врати на сегашната стапка за две години.

Поскапувањето на струјата ќе се случува по логиката на варење жива жаба. Велат, ако фрлите жива жаба во врела вода, таа ќе скокне од тенџерето, но ако ја ставите во студена вода и постепено ја загревате, може да ја сварите.

Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука за поскапување на струјата од 12 проценти, но граѓаните тоа нема да го почувствуваат затоа што ДДВ-то за струја ќе се намали од 18 на 5 отсто, така што сметките ќе останат речиси непроменети.

Арно ама, тоа ќе важи само една година. Од догодина ДДВ-то ќе се зголеми на 10 отсто, а во 2023 ќе се врати на стапката од 18 отсто. До тогаш струјата може да поскапи уште неколку пати.

Сепак, законот со кој ДДВ-то за струјата треба да се намали не е донесен. Сè уште е во собраниска процедура.

Дел од граѓаните на социјалните мрежи реагираат на „пазарџиската“ логика на власта.

Други, пак реагираат дека некој мора да ја храни таа „партиска војска“ напикана во енергетските компании.

Можеби Македонија е блокирана на патот кон ЕУ, ама цените веќе се европски.

Други, пак, велат дека мерката е добра, додека граѓаните да застанат на нозе по ковид-кризата.

Некои потсетуваат дека кога партијата е во опозиција, „се грижи“ граѓаните да плаќаат пониски сметки, кога ќе дојде на власт смета дека тие се прениски.

Енергетските компании не се задоволни од одлуката на Регулаторната комисија. Тие бараат поскапувањето на струјата да биде поголемо.