Во централниот дел на Сараево деновиве на фасадите беа испишани графити со пораки за мир. Не е познато кој ги нацртал.
Неколку часа подоцна српските пратеници во ентитетот што ја сочинува половина Босна и Херцеговина го усвоија законот кој се смета за најдиректен предизвик за централизираната власт во оваа балканска земја.
Република Српска ги укинува надлежностите на Агенцијата за лекови на БиХ
Новиот закон, со кој се воспоставува регулатор за лекови, е еден од првите конкретни чекори во зголемениот притисок за независност на Република Српска, притисок за кој се залага српскиот член на трикратното етнички поделено претседателство на Босна, Милорад Додик.
Неговиот сепаратизам повторно ги отвори раните во оваа земја од 3 милиони луѓе кои сѐ уште се длабоко исплашени од војна.
„Се чини дека неговата политика ја води Република Српска во војна“, изјави за РСЕ Урош Тркуља, пензионер од градот Бања Лука, додавајќи:. „Водев војна и не дај Боже, брате, да започне војна“. Хидајет Мемиќ, жител на Сараево, пак вели: „Сѐ може да се случи. Јас се плашам од сè. Се плашам од целата ситуација“.
„Во рамките на Дејтонскиот договор“?
Босна и Херцеговина сè уште е управувана според 25-годишниот Дејтонски договор со кој заврши тригодишната војна во таа земја, една од неколкуте војни што следеа по распадот на Југославија.
Покрај Република Српска, другиот ентитет со речиси еднаква големина што ја сочинува БиХ е муслиманско хрватската федерација, заедно со малата автономна област наречена Брчко.
Неодамна Додик вети дека ќе продолжи во напорите за независна Република Српска „во рамките на Дејтонскиот договор“.
Но, неговите последни потези изгледаат како отстапување од тој пат. Законот на Република Српска, со кој се формира Агенција за медицинска опрема и лекови, е речиси сигурно дека ќе биде оспорен пред националниот Уставен суд.
Обвинителството на БиХ оваа недела соопшти дека истражува дали постапките на Додик претставуваат „поткопување на уставниот поредок“.
На 8 октомври, Додик објави дека тој и останатото раководство на Република Српска ќе прогласат независност во рок од шест месеци со повлекување од клучните институции, доколку бидат блокирани во нивните напори да вратат некои овластувања од федералната влада.
Српскиот парламент одби да расправа за резолуција за геноцидот во Сребреница
Додик и неговите сојузници се закануваат дека ќе се повлечат од федералните вооружени сили, највисокото правосудство и федералната даночна управа. Додик, исто така, се закани дека ќе се повлече од федералната разузнавачка агенција и ќе формира локален еквивалент, како и дека ќе ја укине поддршката за планираните федерални полициски сили.
„Нека има мир“
Во уште еден удар врз федерализмот Жељка Цвијановиќ која е на чело на Република Српска и сојузник на Додик, изјави дека ќе го игнорира неодамнешниот национален закон на меѓународниот претставник во Босна, со кој се криминализира негирањето на геноцидот и другите сериозни воени злосторства од 1990-тите.
Социјалните платформи ќе отстрануваат содржини кои го негираат геноцидот во Сребреница
Признавањето на геноцидот во Сребреница во 1995 година, кога околу 8.000 муслимански мажи и момчиња беа масакрирани од силите на босанските Срби, многумина го гледаат како лакмусов тест за помирување во регионот.
Неофицијална белешка на Европската унија која беше објавена претходно оваа година, предложи промени на границите во Босна и другите делови на Балканот за да се решат долгогодишните проблеми. Автор на овој нон-пејпер беше Словенија во пресрет на нејзиното преземање на ротирачкото шестмесечно претседавање со ЕУ.
Графитите за „мир“ се чини дека се еден одговор на тие пошироки тензии, покрај заканите што произлегуваат од Република Српска. Жарко Капор, жител на Источно Сараево, кој е административен главен град на Република Српска, вели дека не ја следи политиката одблизу, но се согласува со целите на Додик за давањето поголема моќ на локалните власти во босанските региони. „Само нека биде сѐ во ред, нека биде мир“, изјави Капор за РСЕ.
Видете и ова: Додик: Санкции на ЕУ ќе го означат датумот на независна Република СрпскаЕдна жена која продавала чорапи и билки за да си ја дополни пензијата, пак вели: „Тие само ги зголемуваат тензиите додека растат цените -- го забавуваат народот со политика. Никој не се грижи за тоа што луѓето се социјално загрозени. Не ги интересира што се случува со луѓето и нивните скудни пензии и дека младите ја напуштаат земјата“.
Тензиите го привлекоа вниманието на претставниците на ЕУ и на САД. По состанокот помеѓу високиот претставник на ЕУ Жозеп Борел и американскиот државен секретар Ентони Блинкен во Вашингтон, тие објавија дека САД и ЕУ „цврсто го поддржуваат територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина“, како и тековните изборни и уставни реформи.
„Имаме сериозна загриженост за се позачестената реторика за поделби во Босна и Херцеговина. Ги повикуваме сите страни да ги почитуваат и заштитат државните институции, да продолжат со конструктивен дијалог и да преземат чекори за унапредување на напредокот на патот на интеграцијата во ЕУ“, порачаа Блинкен и Борел.
Најновите официјални податоци од пописот од 2013 година покажуваат дека Босна е околу половина Бошњачка, по што следат 30 насто Срби и околу 15 насто Хрвати.