Два дена попишувачите не изглегле на терен поради технички проблеми со системот за попишување, велат извори за Радио Слободна Европа. Пописот бил прекинат од понеделникот попладне поради потешкотии со системот, а веќе во вторникот системот за попишување „целосно паднал“ велат изворите за Радио Слободна Европа.
Ниту Директорот Апостол Симовски нити заменик директорот Иљми Селами не одговорија на нашите прашања дали има проблем со системот и доколку има кога се очекува разрешување на проблемот со попишувањето.
Симовски за дел од македонските медиуми изјавил дека не треба да го прашуваат него ништо и да почекаат соопштение од Влада. Во меѓувреме во писменото соопштение до медиумите од Државниот завод за статистика е наведено дека во изминативе денови попишувачите имале помали технички проблеми.
„Во тек е надминување на помали технички предизвици кои повремено се појавуваа претходните денови кога на терен имаше висок интензитет на попишување. Сите внесени податоци се успешно процесирани во системот, а техничките усогласувања се прават со цел процесот да продолжи со несмален интензитет,“ се вели во соопштението од ДЗС.
Но, во соопштението од Државниот завод за статистика не е одговорено на клучното прашање, дали попишувачите во изминативе два дена работат на терен поради техничките проблеми или не.
Според соопштението до денеска со попишувањето се опфатени повеќе од 200.000 граѓани.
Статистичката операција успешно течеше сè до вториот ден кога попишувачите мораа да ги исклучат компјутерите поради технички проблеми со апликацијата. Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски тогаш изјави дека се правел апдејт и рестартирање на процесот за да се отстранат какви било проблеми во иднина. Симовски тогаш рече дека се работи за глобален проблем со интернетот, а потоа истакна дека апликацијата има „багови“ и дека се работи на нивно отстранување.
Пописот на населението и домаќинствата ќе се реализира до 30 септември. До тогаш продолжува и пописот на дијаспората.