Најавениот попис на населението на 1 април годинава се чини станува новата топ тема за коментирање на нашата ФБ страница. Европската комисија неколку пати упати забелешки дека треба да се направи таа статистичка операција, конечно по 19 години, а и директорот на Заводот за статистика, Апостол Симовски, во неделното интервју за РСЕ на македонски јазик потсетува дека спроведувањето попис е еден од приоритетите во поглавјето за статистика во првиот кластер на ЕУ.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Посетителите на нашата ФБ страница реагираат со лични навреди, навреди кон актуелната Влада и говор на меѓуетничка омраза и делење епитети како „северџани“, „фашисти“ и така натаму. Авторите на тие постови, разбирливо, нема да ги цитираме во овој преглед. Илија Ѓорески постирал кратко: „Жална Македонија, жален попис“, а Сеад Абази на српски јазик постирал, но неговото мислење ќе го цитираме преведено: „Ма каков попис, зарем не гледате дека сите заминуваат, а вие после попишете се меѓусебно“. Ѓорѓи Ристевски ѝ се обраќа на власта: „...Ако сте функционирале 19 години без попис и одеднаш ви текнало дека мора попис, значи или лажете или ништо не се почитува, само крадењето и незаконитоста...“, порачува Ѓорѓи Ристевски. Потпишан со Горанс Петрушевским го поправа првиот статистичар Симовски и вели дека во закон за попис немало методологија, па оди навреда, па повторно коментар: „Зошто не се прифатија законите што ги предложи ВМРО-ДПМНЕ...“
Видете и ова: Мицкоски на средби со Орбан и Јанша
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ се подготвува за собирање потписи за поништување на Законот за попис за кој беше водена расправа во Собранието, ако во меѓувреме власта не го повлече Законот. Според партијата, треба да се донесе закон што ќе значел „општествен консензус за статистичка операција“. Рустемов Гугуле со реакција против иницијативата на опозициската партија: „Само кај криминалот ви е паметот, друго ништо не се менувате, истото го прајте како Груевски, така и Мицкоски лаги и лажни вести... ве неќат поеќе граѓаните, ало, ало...“
Во интервју за државната агенција МИА, претседателот на државата Стево Пендаровски, покрај другото, кажа дека бугарскиот одговор на Акцискиот план што до Софија го достави Република Северна Македонија нема ништо суштинско различно од досегашните бугарски позиции, и дека земјава нема друга алтернатива освен ЕУ.
Сотир Петров со краток коментар: „Со глава во ѕид... еднаш... двапати... трипати... ами, боли!“ Владимир Најдески налутено: „Доста со таа Европа не пукнавте, нема алтернатива та нема, ете, не можеме таму и сега што, требе јамка да си клајме?....“ Таип Амедоски предлага ЕвроАзија зашто била „поблиску... само сменете лира за денар...и решен проблемот.“