Политика, шпагети и оскари

Илустрација - Министерот за економија Крешник Бектеши и премиерот Димитар Ковачевски „во инспекција“ во супермаркет во Скопје

Њузлетер 17 март 2023 - Од македонските пекарски картели, руските ловци и американските дронови, па се до Оскарите... Кои беа главните теми изминатите седум дена...

Пекарски картел

Владата во два наврати замрзнуваше цени. Првин на стандардниот леб, а потоа и на млекото, сирењето, шпагетите, макароните... Меѓу две замрзнувања паднаа и сериозни обвинувања од министерот за економија Крешник Бектеши за пекарски картел во главниот град, или како што појасни - „4-5 компании се здружени и утврдуваат цени по кои дистрибуираат и продаваат леб по големите супермаркети во Скопје“. Рече дека тоа бил негов став и не кажа кој се е во картелот, ама по второто замрзнување на цените, на терен излегоа над 160 инспектори да проверат кој се оглушил на владината одлука.


Декласификација на донација

Освен што замрзнуваше - македонската владата изминатата седмица и декласифицираше. Овој пат делумно, ама доволно да ѝ ги открие на јавноста, како што вети, документите за донацијата на воена опрема од македонската армија за Украина. Списокот го кажа министерката за одбрана Славјанка Петровска: Донирана е опрема за противоклопна борба, тенкови, противвоздушна артилерија, муниција, интендатски материјали... и авиони сухои, со што Македонија стана една од ретките земји што на Украина досега ѝ донираше воени авиони. Ниту една членка на НАТО, барем јавно, не ѝ отстапи на Украина дел од своите борбени летала за да се брани од руската агресија. Министерката убедуваше дека се работи за оружје од источно производство кое армијата не го користела, па така не била ослабена борбената готовност на македонската армија.

Инфографика - Воена донација од Македонија за Украина


Тензичен континуитет или континуитет на тензиите?

Барањето на македонскиот претседател Стево Пендаровски „Бугарија да се извини за улогата на тогашната профашистичка влада во Софија во депортацијата на македонските Евреи во Треблинка“ доби одговор минатата недела. Шефот на бугарската држава Румен Радев возврати со познат вокабулар до Пендаровски: Му ја должите на вашиот народ историската вистина.

Видете и ова: И Холокаустот повод за македонско - бугарски тензии

Со тоа и холокаустот стана причина за тензии меѓу Македонија и Бугарија на европскиот пат на нашата држава. Или само се продолжи континуитетот на меѓусоседските тензии со предзнак историја и идентитет. Претходно реагираа и историчарите од двете земји, а на прашање од Радио Слободна Европа, реагираше и бугарското Министерство за надворешни работи (МНР).
„Овие трагични настани немаат никаква врска со државата Република Северна Македонија, која никогаш не постоела пред 1992 година како предмет на меѓународното право и меѓународните односи“, стоеше во ставот на бугарското МНР испратен до Слободна Европа.
Од Бугарија стасаа и барања Пендаровски да се извини за искажаниот став. Неговиот кабинет беше дециден: Претседателот Стево Пендаровски нема намера да коментира или да се извинува.

Закон ќе има, учебници се уште нема

Тензии и во образованието. Не поради дојави за подметнати бомби, кои неделава ги имаше само две, благодарение на безбедносните пртоколи, туку поради учебниците. Учебната година за три месеци ќе заврши, а учениците се уште немаат добиено учебници по англиски јазик. Ниту учебниците за трето и шесто одделение по новата програма за следната година не стигнаа до учениците. Министерството за образование и наука (МОН) најави нов закон, но наставниците се сомневаат дека тоа е решение.

Видете и ова: Учебници и натаму нема, ќе има само нов закон

Изработката на законот е се уште во почетна фаза. Се прибираат предлози и забелешки од експертите. Министерството очекува наскоро да биде објавена и првата нацрт верзија.
Според дел од наставниците, нов закон нема да ги реши проблемите со учебниците.
„Македонија никогаш не страдала од закони, колку што страда од лошата примена на законите“, изјави наставникот по историја, Васко Гичевски, и додаде дека грешки во учебниците нема да се спречат со формирање на нови комисии, тела и филтри.

Куќа за шпиони

Во месеците по почетокот на руската инвазија врз Украина минатата година, стотици руски дипломати беа протерани од земјите членки на Европската унија (ЕУ) или беа ставени на црната листа. Неколку земји како причина за протерувањето ја наведоа наводната шпионажа.

Видете и ова: Руски дипломати протерани од ЕУ поради шпионажа сега работат во Белград

Најмалку тројца од тие дипломати сега се акредитирани руски претставници во Србија, од кои двајца со врски со руските разузнавачки служби, покажува повеќемесечната истрага на Радио Слободна Европа (РСЕ).
Според инфографичкиот приказ направен од балканскиот сервис на РСЕ, а базиран на податоци од министерствата за надворешни работи на земјите од регионот и врз основа на изјави од официјални државни претставници, и Македонија е на листата држави кои протерале руски дипломати од почетокот на руската инвазија врз Украина.

Руски ловци и американски дронови

Тензично беше и над Црното море по урнувањето на американски дрон пресретнат од руски авиони. САД и Русија излегоа со спротивставени ставови за инцидентот. САД сметаат дека Русија го крши меѓународното, додека Русија обвини за провокација со летање дрон во близина на полуостровот Крим, кој Москва илегално го анектираше од Украина во 2014 година.

Видете и ова: САД обвинува за кршење на меѓународното право, Русија за провокација

„Авионите фрлиле гориво врз американското беспилотно летало MQ-9 во очигледен обид да го заслепат или оштетат и полетале пред леталото пред еден од млазниците да се судри со пропелерот на дронот“, изјави портпаролот на Пентагон, бригадниот генерал Патрик Рајдер пред медиумите опишувајќи го пресретнувањето.
Американската војска соопшти дека руски борбен авион удрил во пропелерот на дронот, кршејќи го меѓународното право.
Официјална Моска излезе со соопштение спротивно на изјавите од Вашингтон: „Руските ловци не го користеа своето оружје, немаа контакт со дронот и безбедно се вратија на нивниот домашен аеродром“.

Јунак на нашето време

Среде тензиите, и дома и во странство, хуманиот гест на еден скопски основец позитивно ја крена македонската јавност - Јунакот на нашето време, 9-годишниот Максим Каески.

Максим веќе неколку години пушта коса. Бидејќи му се допаѓа да е долга како на некои од неговите идоли, но, уште поважно - за кога ќе порасне косата доволно долга да ја скрати и донира за перика за дете болно од рак. Вели дека татко му го советувал како да им одговара на оние што го задеваат за изгледот и му го покажуваат патот до женскиот тоалет во училиштето. Сака музика, фудбал и сѐ поврзано со вселената, а се надева дека неговиот пример за донација ќе го следат и други деца. Уште неколку сантиметри па ќе закаже термин на фризер, a потоа би ги повторил целиот процес.

Оскаровци и опозиционери

Позитивни вибрации направи и 95-ото доделување на филмските награди Оскар. Најуспешен беше филмот „Сè, секаде, одеднаш“, кој освои дури седум статуетки. Даниел Кван и Даниел Шајнерт добија оскар за најдобра режија и најдобро оригинално сценарио, Мишел Јео го освои оскарот за најдобра женска улога. Таа е и првата актерка со азиско потекло што добила оскар.

Меѓу наградените беше и документарниот филм за рускиот опозициски политичар Алексеј Навални, кој по закрепнувањето од труењето, сега е во затвор во Русија.
Режисерот на „Навални“, Даниел Рохер, откри како го снимал својот филм и дека правејќи го документарецот - снимил вонредни моменти.