Изјавата на министерот за здравство Венко Филипче дека вакцинацијата е клучна откако повторно почна да расте бројката новозаразени од короната и дека 10 % од 150 хоспитализирани се пациенти кои се целосно вакцинирани, посетителите на нашата ФБ страница ја пречекуваат на нож. Речиси сите коментари се проследени со непримерен речник па ќе мора да ги „филтрираме“ поради професионалните принципи.
Видете и ова: Комисијата за заразни болести предлага забрана за прослави на затворено во Тетовско
Сашо Спасески вели: „... па ако вакцинираните се во релативно добра состојба што бараат во болница...“ Ѓорѓи Камчев на истата линија: „Ако се двапати вакцинирани и пак ги фати корона тогаш за каква вакцина и со какво сигурно дејство ги терате луѓето да се вакцинираат кога пак ги фаќа и тие што се со две дози вакцинирани“. Славка Талевска како да памети: „Вака се заканувавте и за свинскиот грип да се вакцинира народот, а кога се спротивстави ги фрливте вакцините во Дрисла. И сега ќе го направите истото“. Владимир Паноски напишал: „Нели муабетот беше тие што се вакцинирани не можат да се разболат ни па да шират корона...“
Ситуацијата со пожарите во југоисточниот регион на земјава, за кои РСЕ постојано известува, и изјавата напретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека неговата партија бара формирање централно кризно тело од експерти и итна собраниска седница предизвикала многубројни коментари, главно подбивни и критички настроени. Зоран Јуруков постирал: „Дааа, на чело со Гвујо – кандисај го да се врати...“, а Борче Јаневски исто така краток: „Абе, експерт, повикај ги да не палат“. Ивица Богдановски со забелешка: „Иди бре и ти више... само некои барања... само памет солење, а ништо конкретно“. Захарија Ќорвезироска напишала: „На чело со тебе кризен штаб, поголема криза и штета од тебе нема, седи таму кај што си“. Зоран Ангеловски го потсетува Мицкоски: „Имате заборавено кога вашата партија беше на власт и кога вие ги гасневте пожарите, бевте бетер, ама 11 години владеење израчунајте колку противпожарни возила имате купено“. Нуке Фетка Скријељ со критика: „Срамно вака да се собираат политички поени пред избори, ако толку си загрижен каде беше ти со лопата не со микрофон и ТВ што се рекламираш, ајде... презаситени сме од вашите лаги и манипулации, доста е“.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Премиерот Зоран Заев го прекина одморот и на својот ФБ профил објави слики од загрозеното пехчевско село Будинарци, а на нашиот ФБ цел куп исто така негативни и подбивни коментари. Славче Нусев постирал: „Фотомонтажа е, си лафат за ланскиот снег“, а Петровски Петар извикува: „Ме наеживте!!!“ Александар Митревски со свое мислење: „Не го прекина! Го фати срам од австриските волонтери што дојдоа да му ја спасат државата“. На Панде Лазаревски, кој предлага Заев да земел лопата „и тројца да го чуваат 10 дена да гаси пожар без вода и јадење...“, Миле Тасламически му возвраќа: „Ти што чекаш, земи лопата, гасни пожар да видиш како е, и не пишувај скачки од јорган планина“.