Поевтино е да увеземе 100 политичари, кои можат да обезбедат работа за повеќе од 110 илјади невработени, отколку 10 илјади работници, коментираат граѓаните на социјалните мрежи, по изјавата на вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи дека во земјава недостига работна сила, која ќе се бара од странство.
Сега се дозволува вработување на странци само според строго определена квота и во дефицитарни професии. Лани во Македонија имало имало 5.300 работници од странство.
По состанокот со бизнис делегација на Источниот комитет на Германското стопанство на 14 март, Битиќи рече дека се повеќе компании се жалат дека многу тешко наоѓаат работници затоа што македонските бегаат во странство.
„Бегаат за повисоки просечни плати. Кај нас 550 евра е просечна плата, каде што одат да работат е 1.100 евра, а земјите од каде што најверојатно ќе доаѓаат, просечната плата е 200 евра. Тоа е природен циклус на движење“, изјави Битиќи.
Според податоците на Државниот завод за статистика, невработеноста на крајот на 2022 година била 14 отсто, односно имало 112 илјади невработени. Половина од невработените се со завршено четиригодишно средно образование, 23 илјади луѓе се со основно образование, а 19 илјади невработени имаат завршено високо образование. Има 73 илјади невработени мажи и скоро 40 илјади невработени жени.
Според Агенцијата за вработување, има пријавено 111 илјади невработени. Уште 46 илјади луѓе се регистрирани во категоријата „други лица кои бараат работа“.
На сајтот на Агенцијата во моментов се огласени над 8500 слободни работни места.
Се бара келнер – плата 18 илјади евра, се бара шанкер – плата 18 илјади денари, се бара готвач – плата 18 илјади денари, се бара пекар – плата 18 илјади денари, се бара обезбедувач – 18 илјади денари, се бара доктор по медицина за плата од 23 илјади денари. Ова се дел од последните огласи објавени на сајтот на Агенцијата за вработување.
Место да ги зголемат платите, тие планираат да увезуваат работници од Пакистан и Бангладеш, коментираат граѓаните на социјалните мрежи.
Други, пак, одговараат дека ако било лесно да се отворат фирми, сите ќе отвореле.
Дел од граѓаните се сомневаат дека некој ќе помине половина свет за да дојде да работи за 300 евра во Македонија. Низ земјава пред неколку години поминаа еден милион мигранти, најмногу од Сирија и Авганистан, во потрага по подобар живот. Никој од нив не остана да работи во македонска конфекција. Украинците сега бегаат од руската агресија за да спасат гол живот, ама Македонија ја заобиколуваат во широк лак.
Битиќи смета дека недостигот на работници најпрво би требало да се решава со потрага од земјите во регионот, бидејќи веќе се склучени договори од иницијативите „Отворен Балкан“ и „Берлински процес“.
Во регионот, само Албанија и Косово имаат пониски просечни плати од Македонија. Додека и тие не заминат. Германија ги олесни прецедурите за виза а престој и наредниот период планира да вработи 50 илјади работници од Балканот. Исто толкава бројка недостасува и во Англија, а во Хрватска се бараат над 10 илјади.
Според властите, најмногу работници фалат во градежништвото и во угостителството. За да се пополнат слободните работни места, Битиќи рече дека најпрво ќе се бараат доквалификации на работниот кадар во земјава, а ако има потреба, ќе се увезат и работници од странство. Дел од граѓаните се шегуваат дека странски работнички има и сега во сомнителни угостителски објекти низ земјата, но се мета на полициски прогон.
Други потсетуваат дека не е проблем само платите, туку и во работните услови. Боледување, дали може да отидат до тоалет, годишен одмор, К-15... Можеби работниците од Бангладеш не се разболуваат.
Власта ги отвора дискусиите како невработеноста во Македонија да исчезнала. Се смета дека невработеноста изчезнала ако стапката на невработеност е меѓу 4 и 6 отсто. Се проценува дека толкав број луѓе во секој момент одбиваат една работа, зашто бараа подобра или едноставно не сакаат да работат. Невработеноста во Македонија е 14 отсто. Просекот во ЕУ е околу 6 отсто, а Чешка има невработеност од 2,1 отсто. Бугарија, Холандија, Унгарија, Малта, Германија и Посла исто така имаат невработеност под 4 проценти.